(Јовица Ивановски, „Скапо е сонцето“, Скопје, 2025)
„Уживам додека пишувам, небаре одново се запознавам“.
Јовица Ивановски
Најновата книга стихови со наслов Скапо е сонцето, деветнаесетта по ред стихозбирка на поетот Јовица Ивановски, започнува со една необична и луцидна препорака: „Не се препорачува за деца помлади од педесет години“. Оваа хуморна забелешка кореспондира со водечката парола на нашата доба или на младите (под 50, би рекол Јовица), придавката (и прилог) од англосаксонското јазично подрачје, парола која гласи: „да се биде cool и да се остане cool“, на која се осврнува хрватскиот теоретичар Виктор Жмегач во своите СМС есеи (2010). Неговите размисли за „cool“, а особено за „coolness“ – „како перфектно скроена изрека за идеологијата на рамнодушноста и немоќта – во светот кој сѐ повеќе му се измолкнува на здравиот разум“, кореспондираат со писмото на нашиот Јовица. И тој е „cool“, „дете“ на овој XXI век.
А во XXI век, повеќе од кога и да е порано, водиме инстант животи, страдаме од здодевност или од несоница, сеедно, комуницираме преку СМС-пораки, остваруваме „flash“ средби, пријателствуваме на Фејсбук и на други социјални мрежи и парадоксално, поосамени сме од кога било порано, „странци“ сме не само во околината и светот, туку и во сопствените животи:
Со луѓето е најтешко
особено со оние со кои
зборувате ист мајчин јазик –
никако да се разберете
– читаме во песната „Со луѓето е најтешко“. Несомнено, Јовица Ивановски е „cool“, но зад параванот на неговиот спонтан, ненаметлив, ноншалантен, екстровертен, комуникативен, навидум несериозен и каков ли уште не однос, се крие една длабока и сурова вистина за светот денес и за човекот во тој свет. Ивановски не е филозоф, но секој поет промовира некоја животна филозофија во својата поезија. Илустративни во оваа смисла се неговите стихови: „Ништо подобро од живот / ми се нема случено во животот“ (песна „Јас сум…“) кои прозвучуваат во стилот на Пастернак и прославата на „живиот живот“, како што велел рускиот поет и писател, но и дилемата во една друга песна: „Што е животот ако не кудупул / растение во Шри Ланка што цути / на полноќ, а венее в зори?“ („Како минатото на…“).
Заеднички именител на песните поместени во Скапо е сонцето е вкусот за бизарното, необичното, ироничното, парадоксалното… Авторот свесно и со предумисла сака да биде наспроти востановениот ред на нештата, да го промовира начелото на абнормалното наместо нормалното: „Она си што го имаш во себе, / во плакарите на душата. / Букети гнев и шаржери љубов“; или: „Ако молчењето е злато, тогаш / што е врескањето, тенекија?“ – се прашува лирскиот субјект на едно место; или: „Врз бастунот се потпира ограда“ – читаме во песната „Колиба на море: во сонот сон“. Овој поет експлицитно застанува на страната на дисхармоничното наспроти хармоничното (парадоксално, зашто стихозбирката има мошне строга и компактна композиција: девет циклуси од по седум песни – во интервјуто на Тони Димков за „Културен печат“ Ивановски објаснува дека книгата содржи онолку песни колку што има години), на апсурдното наместо идиличното („Сакаш свадби со тепачки и закопи со смеење“; „Трчам кон староста како момче кон љубовта“; или кавафиевски интонираниот циклус „Да не дојдеа, ќе беа добредојдени“)… Целта е да го провоцира вкусот на потенцијалниот читател (наместо да му се додворува за да му се допадне), да го измести од колосекот на вообичаеното и конвенционално, прозаично и банално, монотоно секојдневје, да го шокира и да го поттикне на полемика со вредностите на нималку розовата реалност. Се работи за едно специфично чувство кое би го именувала како „вознемирувачко обично“ (како парафраза на Фројдовото „вознемирувачко необично“), кое навидум нема допирни точки со естетското задоволство во кантовска смисла на зборот, но кое, сепак, во крајна инстанца, е во функција на принципот на катарзичност. Тоа е „катарза на баналноста“, според терминологијата на Бахтин, во смисла на антиципација на алогичното и баналното како клучни за нашето малечко постоење. Оттаму, на прашањето: „Исус или Ленон?“, лирскиот субјект одговара: „Ленон, се разбира“; оттаму изместената перцепција на нештата и копнежот секојдневјето да се опише несекојдневно, како во стиховите: „Случајно скокнав и си ја скршив / главата од небото што се беше / наведнало над нискиот плоштад“.