ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

/, Литература, Блесок бр. 155/ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

Дени де Ружмон во „Митови за љубовта“ вели дека „страста секогаш претпоставува нешто трето помеѓу субјектот и објектот, трето кое се поставува како препрека на нивната прегратка“. Разделбата на Поетесата и Артистот е она што ќе ја одржува нивната страст среде болката. Таа разделба директно влијае и на творечката сила на Поетесата: во „Занемени стихови“ нејзините песни заради болката од разделбата не можат да се родат („тие беа занемени“), а потоа се јавува пресврт во интеракцијата помеѓу болката и создавањето, па во песната „Стихот што лебди“ стиховите ѝ помагаат да го совлада страдањето предизвикано од разделбата. Создавањето поезија е она што го наткрилува и просторот, ни велат стиховите во песната „Мал ветрец“:

„Се гледаме оддалеку

но далечината е совладлива

со помош на песната.“

Во „Новата песна“ поетското творештво е она што го одржува вечно жив и пламенот на младоста:

„За љубовта ли пеам,

се прашува поетесата, за медот на младоста

ли пеам во овие

години дрочни.“

Мислата на философот Мартин Бубер дека Јас-Ти може да остане Едно и по разделбата е инкарнирана во песната „Нејзини негови песни“:

„поетесата

веќе му ги праќа

нивните песни

во кои тој многу длабоко

со неговата рака

ги испишувал без поетесата

тоа да го сети

неговите пораки – песни

за нивните одвоени животи“.

Осврнувајќи се на поезијата на Михаилова-Бошнакоска, поетот Влада Урошевиќ има запишано дека „најприродната средина во која се раѓаат нејзините поетски слики е меѓу-состојбата, полу-сон (…). Тоа се слики кои постојат само за миг, кои само се присенуваат на работ помеѓу стварноста и имагинацијата“. Оваа карактеристика на поетиката на Михаилова- Бошнакоска е моќно изразена во песната „Множини“: во неа продолжуваат љубовта и страста во сонот посилен од стварноста: Артистот ѝ вели на Поетесата:

„самите сме илузија

што спасението го наоѓа

во оваа вода вечна

во непостојните доближувања

што само на сон ни идат“.

Нивната последна средба, во претпоследната песна од стихозбирката, „По патот на песната“, е средба во светот на сенките:

„Шеташе со погледот низ празната сцена

само сенки гледаше

‘барем да ја откријам неговата’.“

Артистот, или поверојатно – неговата сенка, ѝ кажува на поетесата дека е подготвен да ја каже нејзината последна песна. И откако таа му ја кажува својата последна песна, која се состои од два стиха: („Многу поминав, а малу ми остана / тоа малу тебе ти го подарувам.“) се разделува од сенката на Артистот. И, би се очекувало, со исчезнувањето на Артистот и на поетесата („утредента во весниците / и на телевизиите беше објавена вест / за нејзиното исчезнување.“) да настапи крајот. Но тука, на крајот, настапува драмскиот пресврт. А пред да дојдеме до крајот, едно навраќање кон веќе споменатата книга од Мартин Бубер, овој пат за сфаќањето на светот во контекст на односот помеѓу Јас и Ти: „Помеѓу тебе (Јас) и него (Ти) е заемноста на давањето. Му велиш Ти и му се даваш, тој ти вели тебе Ти и ти се дава. Со помош на него ти не можеш да се разбереш со другите, ти си сам со него. Но тој те подучува на средбата со другите и ја одржува вашата средба, преку благонаклоноста на своите доаѓања и преку меланхолијата на своите заминувања тој те води до Ти во кое се сечат паралелните линии на односите. Тој не ти помага да се одржиш во живот, ти помага единствено да ја насетиш вечноста“.

А сега за драмскиот пресврт кој се случува на самиот крај од стихозбирката. Ако претпоследната песна од Мед и младост завршува со исчезнувањето, со непостоењето, последната песна, „Песната што не се буди“, завршува со поетот на крвавите трагедии и љубовните сонети, со Шекспир, со неговата појава која ја отелотворува вечноста и ни ја ветува таа вечност и нам, на обичните смртници, завршува и со неговата вистина:

„бидете среќни поетесите и поетите

не се измислица на волшебниците

тие се тука во вашите води.“

Веќе рековме, ова е поетска збирка која има многу сродности со театарската уметност, дело чијашто естетска вредност најдобро може да се искуси ако ги доживееме како песни кои создаваат драмско дејствие за односот помеѓу Јас и Ти, за доаѓањата и заминувањата и враќањата, за оживувањето на младоста во зрелоста, за страста и љубовта, за животот, за смртноста, и – вечноста. На крајот, можеме да заклучиме дека стихозбирката Мед и младост од Гордана Михаилова-Бошнакоска е дело на поетеса на постојано одржуваната страст во животот и во творењето, на вечно обновливата младост и на зрелата поетска мудрост.

АвторГоце Смилевски
2025-02-11T19:02:35+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 155|