ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

/, Литература, Блесок бр. 155/ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

ПОЕЗИЈА ЗА МЕДОТ НА МЛАДОСТА И МУДРОСТА НА ЗРЕЛОСТА

(кон стихозбирката Мед и младост од Гордана Михаилова- Бошнакоска,

издание на „Макавеј“, Скопје, 2023)

 

Песните од најновата стихозбирка на Гордана Михаилова- Бошнакоска, Мед и младост, како да се проникнати од два стиха на Шекспир кажани во неговата пиеса „Како што милувате“:

„All the world’s a stage,
And all the men and women merely players”.

Овие зборови на англискиот бард за сфаќањето на светот како сцена, на која своите животни улоги ги играат мажите и жените, како да се отелотворени низ личната драма низ која минуваат двата лика на Мед и младост: Онаа која пишува стихови и Оној кој на Сцена ги интерпретира, во овие песни именувани едноставно како Поетесата и Артистот. И можеби најточно би било да се читаат песните во оваа стихозбирка преку нивната обединетост во едно драмско дејствие. Затоа што оваа стихозбирка по многу свои одлики покажува сродност со театарската уметност. Еден голем шпански драмски автор има речено дека за театар се потребни една сцена, две човечки суштества и една страст. Двете човечки суштества од оваа стихозбирка се Поетесата и Артистот, а поетот и книжевен толкувач Бранко Цветкоски ни ја открива и сцената на која се одигрува драмата на поезијата и страста од стиховите на Михаилова-Бошнакоска: „Станува збор за изданието на најголемиот светски поетски фестивал Струшки вечери на поезијата“, вели тој во својот поговор кон Мед и младост. Страста, таа неопходност за постоењето на театарот, страста што се раѓа помеѓу Поетесата и Артистот, ги нијансира и преостанатите елементи кои оваа поезија ги споделува со театарската уметност: со неа имаат сродно и гестовите на Поетесата и Артистот и експресијата на нивните лица, и нивните движења како театарски мизансцен, и драматичноста на нивниот однос, и присуството на самата сцена, на која Артистот ги интерпретира стиховите на Онаа која го љуби и која Тој ја љуби. И трите циклуси кои ја сочинуваат стихозбирката се структурирани како три чина, а кои преку своите наслови одново го евоцираат театарот: „Поезија, поетеси, артисти“, „Сцена“ и „Можности неможности“.

Водејќи се од веќе кажаната претпоставка дека можеби најточно би било да се читаат песните во оваа стихозбирка низ нивната поврзаност која наликува на едно заокружено драмско дејствие, би се обидел токму преку тој клуч да ги согледам овие песни за средбата, љубовта и разделбата, исчезнувањето и ветената вечност.

Веќе во првата песна, по која е насловена оваа книга, најавено е очекувањето на Оној кој во Поетесата ќе ја разбуди страста. Во својата книга „Јас и Ти“ философот Мартин Бубер вели дека Јас може да се спознае себе само низ односот со Другиот, само станувајќи едно со Ти во Јас-Ти, и Јас на Поетесата како да го очекува појавувањето на Ти, на другиот преку кого ќе се открива себеси. Во „Ненадејна љубов“, најавено е и појавувањето на љубовта:

„сè наоколу

го стега обрачот

и ние во него – менгеме

полно со љубов

од кое не се бега“.

Веднаш потоа во „Јужните ѕвезди“ се обединуваат поезијата и уметноста на нејзиното интерпретирање на сцена:

„Артистите ги говорат

непознатите стихови како да се нивни (…)

Артистите влегуваат

во просторот на писателките

од каде неочекувано езди

загубеното тело

на една нова песна.“

Тоа се стихови и за обединувањето на плотното и духовното, и од таа испреплетеност полека, низ етапи,се раѓа новата поетика на Поетесата. Во „Стихови лабави“, Поетесата ни ја претставува онаа творечка фаза во која еросот сè уште се обидува да го најде својот израз во нејзините стихови. Тоа опевање на постепената творечка метаморфоза продолжува и во „Тонење заедно“:

„Стиховите им се лепат за нозете, писателките тонат

со стиховите заедно.“

Тоа тонење не е погибел, туку раѓање на новата поетика – во следната песна, „Езерото плива“, кога никој не може да ги спаси поетесите од бистрите води, се случува спасоносната средба, која е спасоносна и за творечкиот пат на Поетесата, за нејзиното повторно раѓање во поезијата:

„се појавуваат од некаде

артистите – читачите на стихови

ги толкуваат вешто новите пораки.

Поетесите понесени од бранот

ги извлекуваат

своите заборавени тела,

стиховите живнати

им се поклонуваат на артистите“.

Стиховите на Поетесата претставуваат трансформирање и кондензирање во поезија на тој однос помеѓу Јас и Ти, помеѓу животот, еросот, сцената и поезијата, и израз на таа поетска сублимација на таквото обединување наоѓаме во песната „Сцена“:

„артистот нагло влегува

во океанот – езеро

сокриено во нејзиното тело“.

АвторГоце Смилевски
2025-02-11T19:02:35+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 155|