(„Куќа – цел свет“, или номадскиот завет на Богомил Ѓузел)
„Дома не можев да живеам без светот, а во светот не можев да живеам без својот корен. Отуѓен дома, а задомен во туѓина. Или, поарно – дом во светот и светот дома“ (Ѓузел: Куќа цел свет, 1974 г. преобјавена во: Избрани дела, том 4, 2012:314)
Вовед
Објавена пред нецели 50 години, по својот жанровски облик необична, книгата патoписи „Куќа цел свет“ на Богомил Ѓузел сѐ уште зрачи со својата актуелност, денес можеби дури и повеќе нагласена отколку во времето на своето појавување, ако се земат предвид авторскиот пристап и проблематиката со која таа се занимава – патувањето и престојот (житието) на нејзиниот автор во Ирска и Америка (САД) во 1973 година, кога тој бил на 34-годишна возраст.
Оваа книга се појавува дваесетина години по отпочнувањето на македонската книжевна конфронтација, во рамките на која се зацртани и афирмирани заложбите на македонските писатели и критичари во прилог на модернизмот, како актуелен поетички предизвик и како духовна клима на новото, (западно)европски ориентирано време.
Една од начелните карактеристики на модернизмот, како нова поетичка определба, се токму нагласениот интерес и отвореноста кон инонационалните книжевни и културни текови и придобивки. Духот на модернизмот, уште во времето на своите почетоци (во есеистиката на Бодлер), во основа се дефинира како кореспондентност – сообразеност, симултаност, свртеност – кон своето актуелно време, совремието.
По критичката дебата што во времето од 1953 до 1960 г. интензивно се води во периодиката, околу творечкиот легитимитет на современите западноевропски литератури – во македонската книжевна сцена доаѓа до засилување на космополитизмот, будење на љубопитството и интересот кон творечките искуства на европската и светската модерна, што сѐ заедно води кон откривање и воспоставување на духовното и творечкото „роднинство“ со писателите од различни национални литератури, култури и воопшто „географии“.
- дел – Домувањето како онтолошки принцип
На почетокот од книгата на Ѓузел се поместени две програмски посвети – првата посвета има (авто)поетички карактер и таа претставува интертекстуална реплика – реактуализирајќи ги бесмртните стихови на основоположникот на македонската современа литература, Кочо Рацин, од песната „Татунчо“, објавена во стихозбирката „Бели мугри“ во 1939 година: „Ако куќа не направив, со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е…“
За првпат искажана во незаборавните стихови на Рацин (и поради својата гномска автентичност, исто така тешко преведлива на кој било друг јазик), необичната кованица и синтагма „куќа – цел свет“ – имплицира раскрстување со идејата за Домот како Локација.
Од друга страна, оваа лирска контра-позиција исходува и со раз-властување, рас-крстување со принципот на поседување.
Сиот предаден на оптималната проекција, на својот живот и дом како проект – лирскиот субјект е утописки ориентиран и со тоа растоварен од бремето на невдоменоста. Проекцијата на светот како дом одговара, соодветствува на филозофското поимање и приод кон домот – каде што домот, домувањето, претставува онтолошка категорија еквивалентна на животот. Со зборовите на Мартин Хајдегер: „Начинот на кој си ти и на кој сум јас, начинот на кој сме луѓе на земјата е домување“. Кога постоењето во светот се толкува како синоним на домувањето, тогаш станува збор за утероцентрична концепција на светот (како што ја именува Петер Слотердајк). Така, стиховите на Рацин, на фасцинантен начин, се совпаѓаат и ја изразуваат токму оваа философска проекција за онтолошкиот карактер на домот, т.е. за домувањето како најопшта онтолошка категорија. И доколку, следејќи го Хајдегер, јазикот го поистоветиме со Куќа на битието – тогаш куќата, домот во своите пошироки и метафорични конотации подеднакво може да ги опфати и да се однесува на јазикот, нацијата или татковината како наш дом.
Но, за разлика од традиционално врежаното поимање на Куќата како метафора за (духот на) Нацијата, оваа поетска синтагма на Рацин оди чекор понатаму – во афирмирањето на еден суштински поинаков пристап – познат под називот – космополитизам. Тој заговара алтернативна и универзалистичка проекција на принципот на Куќата: која го опфаќа, подразбира, имплицира целиот свет!
Втората посвета на Ѓузел, иако има приватна, лична природа, сепак е суштински поврзана со космополитската духовна определба што ја проникнува целата негова книга: „На жена ми Лекси – светот в куќи“.
Како што е веќе познато, книгата „Куќа цел свет“ спаѓа во жанровски недоволно застапената кај нас категорија на (книжевни) патописи!
Патописот како жанр (според неговата дефиниција, искажана од францускиот компаративист Даниел Пажо) е мотивиран од искуството и љубопитноста кон Другиот (искуство и љубопитност, што е, впрочем, неразделно врзана за космополитски ориентираниот дух на модернизмот).
Сепак, оваа инвентивно (и интригантно) насловена книга на Ѓузел во себе содржи и комбинира разновидни жанровски елементи, најмногу оние од рефлексивен, есеистички и аналитички карактер, кои одат подалеку од очекуваните жанровски премиси на патописната проза и засегаат аспекти од духовната историја на човештвото, навлегуваат во интересни културолошки споредби, дебатираат за дискутабилни проблеми во рамките на пресвртничката епоха и контракултурната револуција од 1968, на филозофски начин ја анализираат човековата природа – хедонизмот, консумеризмот, капитализмот, темните петна и апсурдот на неговата егзистенција.