Како да се исплете „строга“ песна?

/, Литература, Блесок бр. 156/Како да се исплете „строга“ песна?

Како да се исплете „строга“ песна?

Компактноста на стилско рамниште се манифестира низ реторичката заситеност со фономорфолошки, синтаксички и особено семантички фигуративни склопови.  Сугестивните поетски слики што се ефектуирани било преку компарации („Кожата свети ко мачкини зеници; Во твоите дланки страните на светот/ Се засолнети ко во рибарски мрежи; Дамари бијат ко пастрмки на суво; Кожи се лупат ко на стари поскоци; Сам сум како недорасната ластарка; Сама си како боровинка падната; Лабави ко стари пијани ортаци), било преку различните модели на метафората (Нашите ребра се јарболи од бродови; Очите се светулки долу и горе; В зори ѕвездите се палави мушички; Езерото е цврсто задреман вулкан; Нашите зеници се стврдната роса; На работ од ова долго ѕверско лето; На ѕвезди наредени во луди китки; Горе на небото вишнеат нови стебла/од пупките виреат галаксии, Врз планината облак додава турбан“), па сè до строфично разгранетите метафори („Моите заблуди – пустини и тајги/Твоите планови – летен шумски пожар/Нашите падови – пештери се тајни“ итн.), што е особено видливо во сонетот под број девет, Час на замени.

Жанровски фиксираните шеми на римување, дистингвирани на катренско и на терцинско рамниште, како и повремените анафорични повторувања го нагласуваат вертикалниот карактер на текстовната просторност на песната, ефектуирајќи ја семантичката, визуелната и аудитивната перцептибилност на поединечниот сонет, но и на целината на сонетниот венец, што е една од композициските постапки на лириката за кои говори Јосип Ужаревиќ (1991). Алтернативно – асонантните и парономастичните склопови („Низ вени ни течат безимени реки; Секој  облак да стане за здравје зглавје; За делби и стрелби за клади и кладби; и колку идни сушни лета ни идат, во време глуво се сторивме во уво; што здив на сè што има душа го слуша; стапици и местенки примки и мамки“) дополнително ја истакнуваат сонетната сонорност (и етимолошки мотивирана, ако се има предвид дека италијанскиот збор sonetto, во значење на мала песна, има коренски релации со латинскиот збор sonus, во значење на звук), овој пат ефектуирајќи со „внатрешна“ озвученост и во хоризонталната организација на текстот.

Најновото поетско издание Часови без часовник на Владимир Мартиновски, недвосмислено, ја потврдува творечката зрелост на еден веќе етаблиран автор во современата македонска книжевност, но дополнително обезбедува и жанровско збогатување на современата македонска поезија со еден лирски раритет – сонетниот венец.

 


Литература

Лотман, Јуриј М. 2005. Структура на уметничкиот текст. Скопје: Македонска реч.

Мартиновски, Владимир. 2025. Часови без часовник. Скопје: Арслибрис.

Стерјопулу А. Елени. 2003. Поетика лирског циклуса. Београд: Народна књига.

Fuller, John. 1972. The Sonnet. London: Meuthen & Co Ltd.
Lotman, Rebekka. 2013. Sonnet as Closed Form and Open Process. Interlitteraria, 18/2: 317–334.

Užarević, Josip. 1991. Kompozicija lirske pjesme.  Zagreb: Zavod za znanost o književnosti Filozofskog fakulteta.

АвторМарија Ѓорѓиева Димова
2025-10-08T16:16:01+00:00 јуни 6th, 2025|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 156|