Како да се исплете „строга“ песна?

/, Литература, Блесок бр. 156/Како да се исплете „строга“ песна?

Како да се исплете „строга“ песна?

Сонетниот венец на Мартиновски го ефектуира творечкото, авторското и рецепциското осцилирање меѓу микрорамништето на поединечните сонети како конкретни лирски песни и макрорамништето на целината во која тие се вклучени, а што ја означува сонетниот венец. Микрорамништето на поединечниот сонет, кој ја следи жанровската кодираност (во случајов со употребата на дванаестерецот и со вкрстените катренски рими абабабаб, односно варијациите вгв дгд вгв гвг во терцините) е нагласено и со оглед на тоа дека сите сонети имаат  наслови што се дадени само во содржината на крајот од книгата (Час по анатомија, Птичји час, Часови под отворено небо, Час по слушање, Часови на преобразби 1, Лековити часови, Час по градење, Часови на (од)викнување, Час на замени, Час по земјопис, Час без часовник, Час за споредби, Час по молчење, Час по преобразби 2, Магистрал), што допушта тие да се читаат и како конкретна лирска песна чијшто наслов има композициско-семантичка функција во однос на текстот на песната. Токму таксативното поставување на насловите во содржината на крајот од книгата не само што нуди едно паратекстуално ретроактивно осмислување на циклусната целина на сонетниот венец, туку и нивното читање (особено, на глас) создава еден  ритам на отчукување, небаре стрелки на часовник.

Макрорамништето на кое се обединуваат петнаесетте сонети, градејќи ја наттекстовната, циклична организација на сонетниот венец (индицирана и преку нумеричкото, редоследно обележување на секој сонет од еден до петнаесет), повторно ја сугерира корелациската рецепција: меѓу синхроницитетот на сонетите, од една страна, кој учествува во тематската, структурната и композициската компактност на венечната целина и од друга страна, дијахрониското поврзување на конкретниот сонетен венец со неговата жанровска традиција, со другите сонетни венци, не само во македонската литература, туку и во преостанатите (јужно)словенски поетски традиции. Во таа смисла, магистралот на Мартиновски со отсуството на акростихот сигнализира своевидна „минус-постапка“ во онаа смисла во која Јуриј Лотман ја означува како вид вонтекстовна релација на ниво на уметничка порака (2005: 86-87). Тоа, практично, сугерира една вонтекстовна релација на сонетениот венец на Мартиновски со жанровскиот архетекст, но и со другите жанровски репрезенти во националната и во светската литература. Во крајна линија, оваа „минус-постапка“ на Мартиновски ја потврдува и тезата на Ребека Лотман за парадоксалната природа на сонетот (но и на сонетниот венец) како „затворена форма и како отворен процес“, што е  видливо во современата практика на пишување сонети низ „константната дигресија од неговите правила“ (2013: 317). (Да потсетиме, на безримието и на слободниот стих како една „минус-постапка“ што ја користи Зоран Анчевски во своите сонети, како, на пример, во песната Привид – сонет во слободен стих.)

Внатретекстовната кохезија на сонетниот венец што ја даваат циклотворните релации меѓу петнаесетте сонети во Часови без часовник дополнително е интензивирана не само на формално, туку и на тематско, структурно и стилско рамниште.

Како типично лирски песни, сонетите на Мартиновски ја илустрираат конститутивната  структурна релација меѓу лирскиот субјект и лирскиот објект, преку која, пак, се интензивира и внатретекстовната комуникација  (меѓу лирското јас и лирското ти), артикулирана преку апострофично-императивните структури кои посредуваат во обединувањето меѓу двете лирски инстанции во едно текстуализирано ние, а потоа и во нивното проникнување со надворешниот (природниот) амбиент.[2] Во таа смисла, илустративен е сонетот број 10, насловен Час по земјопис, иако тие релации се  видливи и во другите сонети:   „Од мојот гнев никнала нова комета / Од твојата смеа – дожд од метеори/ Во нас сончевина за пет-шест света/ Време е за нашата небесна жетва/Семките ќе ги чуваме во саксии/ Време е одново да го спасиш светот/ Од ѕвезди паѓалки ќе слушаме ехо/Сам сум како недорасната ластарка/Која се тегне кон гранка за потпирка/ Сама си како боровинка падната /Што скапува штом никој не ја допира/Ај да лечиме лузни во време глуво/ Ајде од бранови да градиме дувло/ Ти си јас кога наесен сонам пролет/ Јас сум ти кога по снегови трчаш боса/ Нашите зеници се стврдната роса/ Чукна часот да одам и кога седам/ Да трчаш и кога навидум лежиш/ И сè да биде точно и кога грешиш/ Чукна часот и сега конечно гледам/ Две-три галаксии во твојата коса / Во нас се кријат вулкани и глечери / Низ вени ни течат безимени реки / И во најдолгите поларни вечери / Во нас спијат сите студови и жеги.“

На тематско рамниште, сонетниот венец на Мартиновски се надоврзува на традиционалниот мотивско-тематски комплекс, кој подразбира преплетување на љубовните и  на рефлексивните мотивски нишки (првите читателски асоцијации, во оваа смисла, се со Сонетниот венец на словенечкиот романтичарски поет Франце Прешерн), но реконцептуализиран во еден современ контекст, што води и до тематски проширувања. Лирскиот субјект, во своите перцепции, доживувања и рефлексии, честопати и парентетички нагласени како констатации и коментари, го имплицира познатиот книжевен топос цивилизација-природа: констатациите на еден цивилизациски колапс сугерираат повик за бегство во природата, за создавањето похуман простор на човекување (ангажираната интонираност е особено видлива во седмиот и во осмиот сонет), кој ќе се осмислува и низ љубовта. Токму ова тематско единство е еден носител на циклотворните функции на сонетите и нивното учество во создавањето на „натциклусниот смисловен контекст“ (Стерјопулу 2003: 139) во сонетниот венец на Мартиновски.


[2] Оваа структурна релација јас-ти и повременото обединување во ние може да се доведе во врска и со внатретекстовната комуникативност во Шоповата Небиднина.

АвторМарија Ѓорѓиева Димова
2025-06-14T07:55:02+00:00 јуни 6th, 2025|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 156|