(Владимир Мартиновски. Часови без часовник. Скопје: Arslibris, 2025)
Сонетниот венец во македонската книжевна традиција е своевиден жанровски дефицит, со оглед на богатата и хетерогена лирска продукција која го вклучува и сонетот, но многу помалку сонетниот венец. Теориските дескрипции на сонетниот венец и на неговите составни делови, сонетите, упатуваат на строго кодирани лирски видови кои почитуваат утврдени формални, структурни и композициски конвенции. Иако кодираноста може да значи и априори ограничувања во лирската експресија, сепак, тоа е и своевиден творечки предизвик кој потврдува дека сонетот и сонетниот венец, сепак, се резултат на лирско мајсторство.
Сонетниот венец е рамковна форма на сонетот, сочинета од четиринаесет сонети, меѓусебно поврзани, т.е. венечно сплетени така што последниот стих од претходниот сонет е почетен стих во следниот сонет, а тие завршно-почетни стихови, редоследно, го сочинуваат петнаесеттиот мајсторски сонет, магистралот (sonetto magistrale), дополнет со акростих. Оттаму, структурирањето на сонетниот венец и неговата рецепција осцилираат меѓу микрорамништето на поединечниот сонет, којшто, исто така, се одликува со својата жанровска фиксираност и макрорамништето на сонетниот венец, кој може да се земе и како пример за лирски циклус во кој се обединети поединечните сонети во една тематска и структурна рамка. Жанровските конвенции на сонетот, пред сè, оние поврзани со петраркистичката традиција (наспроти варијациите во Шекспировиот сонетен модел), подразбираат лирска песна сочинета од четиринаесет стиха, вообичаено единаестерци, кои може да се посматраат низ призма на две (а)симетрични целини. Првата целина е сочинета од два кохерентни дела од четири строфи: два катрена со вкрстено римување (абаб, абаб) и две терцини кои појдовно допуштаат само две шеми на римување (цдц, дцд цдецде) што потоа се варираат, но задржувајќи ја дистинктивноста во однос на катренскиот модел на римување. Оваа целина има и одлики на внатрешна структура, па катрените имаат експозициска улога (набројување истоветни појави или изнесување на спротивности), содржат пообјективен тон и секој катрен сочинува синтаксичка целина. Терцините, пак, носејќи ја поентата, нудат складно соединување на воведните опозиции, тонот е посубјективен и двете терцини сочинуваат заедно синтаксичка целина. Втората целина, пак, е сочинета од асиметричната врска што се воспоставува меѓу октавата (осумстишјето) и секстината (шестишјето). Џон Фулер смета дека оваа „бипартитна структура на опсервација и на заклучок, на исказ и на контраисказ“ (1972: 2) има поголема структурна и значенска релевантност од опишувањето на сонетот како четиринаесетстишие. За „строгоста“ на сонетот пее и Никола Боало во својата типично класицистички нормативна поетика, Поетската уметност:[1]
Велат дека кога бог се решил еднаш
Француските поети да ги мачи веднаш,
На сонетот ги смислил правилата штедри:
Сакал в два катрена, со еднакви метри, 85
Рими со два звука, осумпати да ѕвонат;
И шест стиха потем, вешто да се збоднат,
Во двете терцини, во смислата тесна,
Слобода изгонил од овој вид песна:
За ритам и каденца тој лично дал мерка; 90
За слаб стих овде нема да се ценка,
Ни збор кажан веќе да се јави не смее.
Во овој вид песна красота се вее:
Колку цел еп вреди, сонетот без грешка.
Илјада поети пред задача се тешка, 95
На среќникот поет сè уште се чека.
Сонетите, обединети во сонетен венец, може да се посматраат и како дел од еден лирски циклус, сфатен како „рамковна композиција“, како „сложен текст или наттекст кој е составен од извесно мноштво текстови“ (Стерјопулу 2003:70-71). Оттаму, секој поединечен поетски текст кој влегува во составот на лирскиот циклус се разликува од изолираниот поетски текст со тоа што се одликува со двојноста на својот онтолошки статус, т.е. со истовременото постоење во две димензии. Од една страна, тој е целовито и довршено уметничко дело кое ги поседува сите обележја карактеристични за „изолираниот“ поетски текст. Од друга страна, вклученоста на поетскиот текст во циклусната структура предодредува извесни промени, како на „планот на неговите смисловни реализации, така и на планот на актуализацијата на контекстуалните односи, со оглед на тоа дека тој се наоѓа во силна зависност од другите текстови во циклусната низа“ (Стерјопулу 2003:134).
Сонетниот венец Часови без часовник (2025) на Владимир Мартиновски е очекуван творечки чекор по објавувањето на неговата збирка Сто и еден сонет од една чудна пролет (2020). Едно поетско мајсторство води до друго, микрорамништето на сонетот води до макрорамништето на сонетниот венец! Како книжевно, но и како книшко издание, Часови без часовник кореспондира со мултимедијалното творечко тројство на Мартиновски, поврзано со неговите поетски/книжевни, ликовни и музички експресии, но и со неговите научни интереси за интермедијалните проучувања на книжевноста, првенствено на лирската поезија. Во книгата секој сонет добива и свој ликовен парник, на левата страница, сугерирајќи му на читателот асоцијативно доживување на симултанитетот меѓу ликовниот/визуелниот и поетскиот/вербалниот текст, небаре врамени во диптих, но и разигрувајќи му го рецепцискиот процес низ слободата на восприемање на ликовниот и на поетскиот текст по редослед што ќе го одбере реципиентот. На крајот од книгата е дадена и информацијата дека „ликовниот материјал (комбинирана техника на хартија) употребен во книгата е на авторот“.
[1] Препевот на Поетската уметност на Боало од француски на македонски јазик е на Владимир Мартиновски. Изданието е во печат.