Извадок од романот „Светот што го избрав“, Или-или, 2024, добитник на наградата „Роман на годината“

/, Литература, Блесок бр. 156/Извадок од романот „Светот што го избрав“, Или-или, 2024, добитник на наградата „Роман на годината“

Извадок од романот „Светот што го избрав“, Или-или, 2024, добитник на наградата „Роман на годината“

 

 

 

2

 

Доаѓам до назначената адреса. Во дворот има паркирано три автомобили. Куќата е голема, фасадата свежо бојадисана. Веднаш почнувам да замислувам каде е издвоениот дел што се продава. Можеби е ова мало крило, во „ге“. Гледам жена и маж како седат на тремот, ги поздравувам, несигурно. Не ме слушаат. Патека лево води до страничниот дел, десно треба да се мине низ убаво одржувана, живописно зелена трева за да се стигне до главниот влез и до тремот на кој седат жената и мажот. Кон мене трча девојче, кое ме гушка силно околу половината, ме стега толку што ми го отежнува дишењето.

– Вера, остави ја тетката – вели малку поголемо девојче.

Вера не ме остава. – Тоа е буква, тоа е буква – вели. Ја погалувам по главата во надеж дека ќе попушти нејзината прегратка, но таа цврсто ме држи.

– Мораш да ја тргнеш. Нема сама да се тргне дури и да ѝ кажеш. Тргни ја – ме советува поголемото девојче, претпоставувам сестричка. Но, јас не умеам да ја тргнам.

– Тоа е буква – повторува Вера.

– Што значи тоа? – ја прашувам.

– Не знае да објаснува. Тоа го повторува уште од мај – одговара другото девојче.

Потоа ме прашува дали сум тука за огласот, ја одвојува сестра си од мене со вешто движење и ме носи по патеката до страничната врата. Се прашувам дали ќе дојдат родителите, но како да нема намера да ги викне. Застануваме пред вратата и сфаќа дека нема клуч. Потрчува кон предниот дел на куќата. Вера гледа нагоре кон моето лице.

– Тоа е буква.

– Баш сакам да видам.

Вера се стрчува напред.

Мажот оди кон еден од автомобилите. Ме забележува, но не ме поздравува.

– Летко, симни ги клучевите, Елена ги заборавила – неговите прегласни зборови ме сепнуваат.

– Идам, идам – се слуша од внатрешноста на куќата. Жената излегува и тропа на прозорецот од автомобилот што веќе се движи во рикверц. – Земи ги на враќање завесите што ги нарачавме, стигнати се во дуќан.

– Еј, пак ли за тоа ќе се расправаме? – возвраќа мажот и го затвора прозорецот. Надвор е жешко, климата во автомобилот залудно му е пуштена ако прозорецот е отворен.

– Виолета – ми се претставува жената. – Може и Летка.

Во тој момент доаѓа Вера, отвора учебник по математика и со раката ми покажува некои задачи.

– Тоа е буква – покажува на едната задача.

– Остави ја тетката, дојдена е за друго – вели мајка ѝ.

– Предавав физика во средно, можам да видам за што станува збор.

Виолета прави нестрплив израз на лицето, веројатно ја задржувам повеќе отколку што би сакала да биде задржана со можен купувач од кој самата, претпоставувам, нема да заработи ништо, ако делот од куќата што се продава е на сестрата на нејзиниот маж, како што ми рече жената по телефон.

Сепак, ги погледнувам задачите. Покрај нив се напишани резултатите со молив. Едниот резултат, оној што го посочува Вера, не е точен. Ја решавам набрзина задачата и ѝ го посочувам вистинскиот резултат. Вера долго ниша одречно со главата, сака нешто да каже, но испушта само звук на незадоволство.

– Позади во книгата ги има резултатите, оттаму ги препишавме, ама нешто не ѝ излегува точно – објаснува мајка ѝ. – Сестрата на маж ми не живее во Скопје, па ние го продаваме нејзиниот дел – го менува тонот додека ја отклучува дрвената врата што тешко се отклучува и придвижува со чкрипење.

 

Пред мене се отвора подземната пештера од детските приказни што се наоѓа некаде на тајно место на планината Рун-Сар-Тијарна, во која се кријат оние што го прекршиле законот. Петте скалила надолу водат кон друг свет, поинаков од топлиот двор околу нас, поинаков од осветлената куќа, од гласовите на двете девојчиња и нивните родители, поинаков од станот во кој живеев, од градот низ кој се движев за да стигнам тука. Виолета прави движење со раката со кое ми наложува да влезам прва, без водич, без утеха.

АвторКалина Малеска
2025-06-14T07:55:50+00:00 јуни 6th, 2025|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 156|