Второ хаику – Дух:
Драматичен пресврт: од лична болка кон ослободување. Светлината веќе не е само внатрешна, таа блика. Атмосферата е визионерска и мистична. Господ веќе не е на крстот, тој лежи, спие, погребан, убав е. Поетот, исто така.
Трето хаику – Слово:
Покрај сите погоренаведени мотиви, кои стојат како предвесници и живи слики на смртта, поетот Исаковски е на прагот на своето воскресение. Светлина е, убав е, господ е. Неговите зборови цутат. Неговите зборови се пророчки, тие започнуваат нов живот во животот на читателот; нова пролет, ново раѓање.
Во овој минијатурен поетски циклус, преку еден редок и скапоцен пример, Игор, за само 5 минути, низ три стиха, во еден здив, нè пренесе: од крстот (болест), во гробот (мистичното откровение), до воскресението (поетовата преродба). Она што ги прави така блиски овие хаику-песни на Исаковски со оние класичните, јапонски проштални песни, не е можеби толку во поетовата намера дека сега чукнал часот на смртта и треба да се остави песна. Во нашиот пример, тоа можеби никогаш со сигурност и нема да го дознаеме. Игор постојано пееше за смртта[6]. Туку блискоста на овие проштални песни со јапонската традиција е во темите на исчезнувањето, темите на просветлувањето – момент на откровение во кој ни се менува начинот на гледање на себе, светот и животот. Блискоста лежи во тивката меланхолија, искреноста, болката и страдањето. Во мигот кој го чувствуваме како последен.
Доколку се послужиме со текстот на Сузана В. Спасовска – In memoriam, Ти сега спиеш и сонуваш за љубовта[7]; ги погледнеме и исчитаме неговите последни три книги Љубовна, Смртта има коса од морска трева и Песни од големата соба, како што ни сугерира авторката во текстот; тогаш навистина, според заклучокот кој го наведува и таа: „Знаел Игор и како се умира, ја проучувал тој смртта во сите нејзини форми…“ можеме овие негови хаику-песни, со голема љубов, да ги приброиме кон македонските проштални хаику-песни за смртта.
[6] Спасовска В., Сузана. „In memoriam; Ти сега спиеш и сонуваш за љубовта – Кон ликот на Игор Исаковски, февруари, 2016, необјавено“. На врв од острицата. Макавеј, 2024:
Цитат од „Пак умрев“: Требаше да умрам тивко, незабележливо и дискретно, да не нарушувам ничиј мир, требаше да умрам далеку од тебе – Игор Исаковски
[7] Спасовска В., Сузана. „In memoriam; Ти сега спиеш и сонуваш за љубовта – Кон ликот на Игор Исаковски, февруари, 2016, необјавено“. На врв од острицата. Макавеј, 2024