Веќе подолго време нурната во хаику поезијата на македонските поети и поетеси, трагам и пронаоѓам во исто време, најразновидни проштални песни за смртта, кои во јапонската култура и општо на Истокот имаат вековна традиција на пишување.
Непосредно пред својата смрт или соочен со неа; на болничка постела или пак во кризните моменти од својот живот; поетот, самурајот, уметникот, човекот, прибегнувал кон пишување на свое „jisei“.
И во хаику поезијата, помеѓу поетите како Мацуо Башо, кој потекнувал од семејство со самурајска лоза, оваа практика не била непозната. Еднаш, еден ученик го прашал Башо, за песната која Башо ја напишал неколку дена порано, а била поврзана со неговата болест – дали е таа всушност неговата проштална песна. Треба да се спомене дека учениците тоа го очекувале и барале од својот учител. Башо негирал, но одговорил дека сите негови песни се во исто време и негови проштални песни. На крајот од својот живот, во 1694 година, во Осака, на смртна постела со болки во стомакот, и помеѓу своите ученици – Башо навистина ја оставил својата проштална песна. Во слободен препев на македонски јазик таа гласи:
на пат сум – болен
моите соништа скитаат
по суви полиња
Исказот погоре и ова хаику на Мацуо Башо, за мене добија посебно значење, речиси потресно, кога утрината на 30.10.2025, на фејсбук-профилот на Сузана В. Спасовска, осамна новиот 157. број, на електронското списание „Блесок“[1]. Нејзиниот мал вовед, како уредник на oва списание, за мене беше еднаков на земјотрес:
„Драги наши, излезе специјалниот 157. број на ’Блесок’, кој го посветивме на основачот на Културната установа ’Блесок’ и на првото европско електронско списание Blesok.mk, македонскиот поет, писател и преведувач Игор Исаковски, по повод неговиот 55. роденден. Со Калина решивме да објавиме нешто досега непрочитано (и необјавено) од Игор, а за сите оние што не знаеле, како и јас што не знаев, Игор пишувал и хаику, па така објавивме 19 хаикуа од него…“.
Дотука читав, а потоа морам да признам, се изгубив. Додека еуфорично си велев: знаев, знаев, знаев; со голем скок го „скролнав“ останатиот дел од текстот на уредничката, за да стигнам до линкот за читање, сместен на самиот крај на објавата. Во еден здив, ги прочитав сите 19 хаику-песни на нашиот поет Игор Исаковски (1970 – 2014) и занемев.
Тука малку ќе застанам и ќе си земам за право да ги изразам надежта, верувањето и убеденоста дека, сепак: Игор има уште хаику-песни! Мора да има уште! Ако е така, најљубовно ги молам уредничката и Калина да не нè лишуваат нас, големите вљубеници во најмалиот кодифициран поетски жанр, и во следните броеви, да ги објават и останатите хаику-песни.
Да продолжам. Она што ме стаписа на прв поглед беше моментот кога пред мене се открија три хаику-песни, напишани во еден здив. Игор имаше навика некои песни да ги датира и лоцира, да им означи „точно време“ и така да ги објави и испечати. Оваа постапка на автоархивирање ја задржал и при пишувањето хаику. Бескрајно му благодарам за овој скапоцен времепис. Зошто е тоа важно? Токму преку оваа постапка на поетот, сфаќаме дека трите хаику-песни ги напишал во период од само 5 минути! Тие сочинуваат едно прекрасно ненасловено „rensaku“ (ренсаку).
Ренсаку е поетски циклус, познат во јапонската лирика и термин што според некои извори, прв го вовел Масаока Шики (1867 – 1902), четвртиот голем хаику-мајстор, по славната тројка: Башо (1644 – 1694), Бусон (1716 – 1784) и Иса (1763 – 1828). Тоа значи дека секое хаику (или танка) може да стои самостојно, но кога се сите заедно на едно место – тогаш преку нивната единствена авторска, тематска и симболичка кохерентност, тие градат подлабок наратив. Овој поетски циклус ни овозможува повеќеслојно читање на секое поединечно хаику. Во продолжение, прекрасното ренсаку на Игор Исаковски:
распнат како трн –
во светлина и болки
молчешкум тлеам
2:35
убав, ко мртов
господ – светлина блика
од моите сни
2:38
сонувам суви
дланки – сонувам како
цутат зборови
2:40
Мотивите од ова ренсаку, кои како споредбени слики, уште на прв поглед, се повторуваат и преклопуваат, со прошталното хаику на Мацуо Башо, се неверојатно блиски:
Башо: болен/моите соништа/суви полиња
Исаковски: болки/ моите сни/ сонувам/ суви дланки
Посебно ме плени длабокиот симболизам на трнот и сувите дланки кај Исаковски кои со избраздени линии, пукнатини, потсетуваат на сувите полиња кај Башо, и обратно. Сувото поле не е целосно мртво, но живее во болки од сушата; како што и сувите дланки на поетот живеат со вистината за недостигот. Во самата суштина – полето, трнот и дланките се еден ист организам. Човекот и земјата се еден ист космички организам. Распнатоста на Игор и болеста на Башо стануваат еден ист организам. Земјата и дланките, кои некогаш давале, сега се на раб на изнемоштеност. Тие се една иста рана.
Не можам да ги читам овие три хаику-песни, а да не помислам дека читам исповед во реално време, на еден поет аскет[2], еден поет монах[3], на еден поет љубовник[4], на совршениот поет[5]:
Прво хаику – Тело:
Распнатоста го става телото во речиси аскетски подвиг. Телото страда. Трнот е мал, остар и потценет дел од природата, но е силен симбол на мачеништво. Трнов венец и крст. Голгота. Во светлина и болки е еднакво на радосна-тага; таговна-радост, на прекрасниот старец Силуан. Старецот го знаеме по неговата легендарна мисла и аскетска поука: држи го умот свој во адот и не очајувај! Телото на поетот тлее, но и трае; не ја издава, нит му ја покажува на светот својата болка.
[1] https://blesok.mk/mk/, Блесок број 157, октомври 2025
[2] Баковска, Елизабета. „Пловам низ просторот ослободен од револтот кон светот (кон Совршен поет, собрана поезија на Игор Исаковски “). Совршен поет, Или-или, 2025
[3] Шелева, Елизабета. „Поетика на урбаниот револт, бунт и ерос – Игор Исаковски (1970 – 2014)“. Совршен поет, Или-или, 2025
[4] Спасовска В., Сузана. „In memoriam; Ти сега спиеш и сонуваш за љубовта – Кон ликот на Игор Исаковски, февруари, 2016, необјавено“. На врв од острицата. Макавеј, 2024
[5] Исаковски, Игор. Совршен поет, Или-или, 2025