Ивана Трајаноска (извадок од „Јета“, Или или, 2026)

/, Литература, Блесок бр. 159/Ивана Трајаноска (извадок од „Јета“, Или или, 2026)

Ивана Трајаноска (извадок од „Јета“, Или или, 2026)

Кадрије претураше во шкафот, свиена како кифла, ги провираше рацете низ уредно здиплените штофови на дното. Ништо. Ја повлече вратичката и го затвори. Ги имаше пребарано и сите џебови од сите нејзини фустани закачени по боја како во палета за избор на материјали за тапацирање мебел, но попусто… Навидум, неверојатно за слеп човек, но таа точно знаеше каде му е местото на секое парче облека. Премести два фустана, ги измазни ракавите, ги потегна за долниот дел како да ги подготвува за пеглање и ја подмести закачалката. Фустаните беа подредени не само по боја, туку и според сезоната. Се редеа летни, пролетни, зимни, па есенски комплети, од вискоза, свила, волна, чоја, и на крај, малку одделени, беа домашните „ропчиња“, секако цветни, но нејзините беа во темни нијанси, исто како и сета нејзина облека, памучни и наштиркани, со белузлави широчки копчиња, совршено испеглани и намирисани од комбинација на омекнувач и средство против молци залепено на внатрешната страна од вратичката.

Зборуваше гласно: „Повторно некој претурал. Што мајка барал во мојот шкаф…“

Кадрије многу ретко излегуваше од дома, еве веќе дваесетина години, единствено за гласање на избори, локални, парламентарни, претседателски, прв и втор круг, како и вонредни, заедно со внуката под рака. Светот беше оваа соба која навечер ѝ припаѓаше на внуката, а преку ден беше нејзина. Секое утро ја будеше рано. Ќе влезеше во собата, без тропање, со својот препознатлив чекор – лесно лизгање на темносините папучи, и ќе седнеше на крајот на креветот. Ќе ѝ ги фатеше стапалата и со своите ладни, тенки, слаби, ковчести прсти, но со мазна и мека кожа, нежно ќе ѝ ги измасираше листовите. Девојката ќе станеше и ќе ја бакнеше баба си, па ќе ја поткренеше за да ја извади постелнината. Уредно ќе ја превиткаше, како штрудла, ќе ја отвореше вратата од шкафот и ќе ја ставеше на дното, над штофовите, точно според упатствата на Кадрије. Потоа ќе го прекриеше креветот со дебела кремаста прекривка, да личи на кауч, и повторно ќе ја подигнеше за рака за да го измазни убаво и под неа. Преку викенд, Кадрије само ќе легнеше до внука си, од спротивната страна, со главата крај нејзините стапала и ја оставаше да поспие, но не до предоцна, „Радни народ ноћу спава, а дању ради“, ѝ велеше. Откога внуката ќе го претвореше креветот во кауч, Кадрије го преседуваше денот на него, на средина, не потпирајќи се, малку подгрбавена, пушејќи со пепелниче в рака.

Тоа беше единичен кревет, пикнат под „мост“ од ред горни полици и два вертикални плакари одлево и оддесно. Телевизорот ѝ беше секогаш вклучен. Гледаше, или поточно слушаше вести и како што ќе завршеа едни, го земаше далечинскиот управувач и го менуваше каналот за да ги слушне следните. Коментираше, пцуеше и се расправаше со телевизорот, па ќе ја заболеше главата. „Ме фркна главата од овие“, ќе речеше и ќе ја изгаснеше цигарата во пепелничето во нејзината рака, ќе буричнеше во џебот од домашниот фустан, секогаш полн со неколку лентички и ќе скинеше вешто еден кафетин. Со една рака ќе го отвореше и без вода, ќе го изгрицкаше како бонбона. Постепено, низ годините, бројот на кафетини се зголемуваше, па испиваше, или поточно изгрицкуваше, и по цела лента во еден ден. Внуката, која ѝ пазареше, одеше во неколку аптеки за да може да ѝ ја купи месечната доза на својата баба. „Како е тетка Кадрије? Нека внимава, не е убаво толку кафетин“, ѝ велеа маалските аптекарки. „Да ја поздравиш“, а таа се заблагодаруваше и се насмевнуваше не откривајќи ја тајната на баба ѝ дека зема четирипати по толку.

Кадрије имаше педесет и седум години кога ѝ открија дека страда од глауком или народски кажано, очен притисок, болест на очниот нерв, кој го поврзува окото со мозокот и ги пренесува визуелните информации. Првин почна да не гледа отстрана. Краткиот ходник почна да ѝ заличува на тунел, а влезната врата ѝ се чинеше сè подалеку, сè помала и сè потесна. Очите ѝ се замаглуваа и ѝ се полнеа со течност како мали езерца. Честите главоболки ги припишуваше на вестите и на вревата од внуците. Го караше те телевизорот, те нив, додека Јета готвеше грав во кујната. Најубавиот грав, велеа внуците и со сласт сркаа од крупните зрна и густа течност, како каша, без нане или какви било други миродии и со многу малку црвен пипер, подобар од тој во градинка или училиште, подобар од оној на мајка им, така велеа. Најубав кога беше прелиен врз свежо сварени дебарски јуфки. За да ја постигне густината, одделуваше една третина од зрната и ги гмечеше со виљушка, грижливо вадејќи ја и најмалата лушпа, додаваше запржено брашно, а потоа ја сипуваше кашата во тенџерето и долго мешаше за сè да се соедини. Иако сите можеа да видат како го подготвува, никој никогаш не успеал да го долови тој вкус, имаа заклучено внуците. Секоја вечер, откога сите ќе легнеа, синот ќе го пуштеше каучот во дневната, снаата двата кауча во спалната, еден за неа и еден за свекрва ѝ, Кадрије поминуваше низ ходникот и проверуваше дали вратата е заклучена двапати. Ако беше, во ред, ако не беше, заклучуваше и гласно негодуваше. Што е за право, таа уште по последните вести, откога ќе ги чуеше гласовите на, како што велеше „скороевци“, „новопечени“ „дечишта“, „политичари-детушлаци“, „знам јас што сорта сте“, ќе ги потсетеше домашните да заклучат, силно довикнувајќи од нејзината соба која за кратко ќе ја предадеше на внуката, па затоа особено ја лутеше што и покрај нејзиното потсетување, домашните се однесуваат небрежно. „Кој ќе ни влезе, Кадрије моја?“ ќе речеше син ѝ, некогаш со насмевка, а некогаш со доза на нетрпеливост, бидејќи ова потсетување се повторуваше со години. „Уште ти се врти војната в глава, партизанке наша“ и ќе ја потчукнеше по рамото кога ќе се разминеа во ходникот на патот до тоалетот. „Ти си тука да нè чуваш“, ќе ѝ се насмевнеше, кога од срце, кога кисело. Но, постепено, патот од тоалетот до влезната врата стануваше сè потемен, сè пострашен и сè пополн со сеништа од минатото, така мислеше Кадрије, дека минатото го стеснило и развлекло ходникот, а не глаукомот. Тој краток ходник од метар и пол стана доволно долг за да може да ѝ надојдат најразлични спомени, како на пример, оној од онаа ноќ кога за влакно ќе ја убиеја, кога толку силно ја маваа со ремените што раните со месеци не можеа да ѝ заздрават, но и покрај тоа, го изодуваше патот и заклучуваше. По двете неуспешни операции, па докторот доби многу пцости, виновен или недолжен не ѝ беше гајле, видот сосема го изгуби. Потпирајќи се на ламперијата и допирајќи ја лајсната помеѓу дрвените штички и ѕидот, ходникот стана сосема црн тунел кој секоја ноќ полека го изодуваше, со својот препознатлив чекор – лесно лизгање на темносините папучи, и во кој сè погласно одекнуваа звуци и гласови од минатото. Постепено почна да ги слуша отсекаде, од ѕидовите, од прозорецот кој гледаше на улицата, од првиот компјутер на внуката, но најмногу од телевизорот.

АвторИвана Трајаноска
2026-11-02T20:00:37+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 159|