Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

/, Литература, Блесок бр. 122/Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Состојбата на aмериканската колективна психа изразена преку филмови и серии со паралелни универзуми

Вовед
Декамуфлирање на симптомите
Науката и паралените унивезуми
Создавање на паралелни универзуми во американското општество
Колку и да се само запознаваме, сè уште сме самозапознаени во истиот универзум
Мелани Клајн
Џојс Бајерс = Мелани Клајн
Заклучок
Референци


Вовед

Сериските филмови, како и играните филмови, се напишани од креативни индивидуи и групи кои на суптилен начин успеваат да проткаат сложени концепти и умствени процеси во нивните приказни за да ги произведат идеите кондензирани во нивниот ум и да ги претворат во материјал што е привлечен и способен да проникне во подлабоките стратуми на умовите на публиката. Ове е особено изразено во телевизиските серии кои, за разлика од филмовите, мора да ја имаат и дополнителната димензија на заитгеистот (zeitgeist). Истите тие креативци и умови не се имуни на случувањата во општеството и нивното опкружување. Напротив, нивна работа е да дозволат сопствениот ум да се нурне во длабочините на колективната психа. Само така е можно да се создаде материјал кој се „лепи“ за рецепторите во длабоката психа на консументот. Ова е еден од начините со кои може да се објасни успехот на сериите како „Црно oгледало“ (Black Mirror), серија која се занимава со длабоки филозофски прашања кои не секој може да ги артикулира во зборови, но сепак тие прашања се дел од сечиј живот.

Ако се водиме по горенаведеното, тогаш логично би било да се каже дека материјалот создаден од тие исти креативци, намерно или во форма на нуспојава (side effect) го отсликува симптомот на колективната психа. Под симптом подразбирам симптом на психоза. Во понатамошниот дел од текстов ќе образложам на кој начин може да се идентификува симптомот.

Декамуфлирање на симптомите

Славој Жижек во „Изгледа искривено: Вовед во Жак Лакан преку популарната култура” (Looking Awry: Introduction to Jacques Lacan through Popular Culture) (Zizek, 2007, p. 55) се обидува да објасни, се разбира на лакановски начин, како е можно да се воочат симптоми кои се одлично камуфлирани во материјалот на заднината. Тој дава пример со филмот од Алфред Хичкок – „Известувач од странство” (Foreign Corresponded), во сцената каде главниот лик, Хантли Хаверсток е во потера по атентатор на кој за момент му се губи трага во рамница со холандски ветерници. Сè е тивко, мирно и природно. Но, еден мал детаљ менува сè. Сите ветерници се вртат во правец на стрелките од часовникот, но една ветерница се врти во спротивен правец – дувлото на атентаторот. Јас бил дал сличен пример со филмот на Стивен Спилберг – „Блиски средби од трет вид“ (Close Encounters of the Third Kind), во сцената каде што сè е подготвено за навестеното слетување на леталото на вонземјаните. Кадарот е ноќното небо над пустина. Гледаме навидум обично соѕвездие, барем за лаичкото око сè е нормално. Одеднаш, едно од соѕвездијата се помрднува лево и десно, за неколку секунди подоцна нашето око да е способно да го одвои НЛО-то од позадината. Сè е природно, но и не е во исто време.

Славој Жижек ја користи сцената со ветерницата за да го објасни лакановиот термин „место на зашивање” (point de capiton, quilting point). Овој израз е позајмен од занаетот на тапацирање на делови од мебелот каде што мајсторот најпрво го обложува тврдиот дел од мебелот со сунѓер, го прекрива со текстил или кожа, па потоа прави шевови околу материјалот за да ги затвори краевите, како еден вид јамка, и да оневозможи сунѓерот од под материјалот да излезе надвор.

АвторБорис Тасков
2018-11-30T13:18:05+00:00 ноември 2nd, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 122|