Во Игра на тронови, иако Обоената маса е визуелно присутна, нејзината екфрастичка моќ е намалена. Серијата и режисерите често ја употребуваат како дел од сценографијата во собата за воена стратегија, па таа ќе претставува само дел, но не централен дел од сценографијата, ниту предмет кој би ја отелотворил психолошката тензија меѓу Станис и кралството што не може да го има. Семиотичката сложеност на овој предмет, кој е навистина богато претставен во романот, во некоја мера, но не целосно, спласнува во адаптацијата на Вајс и Бениоф. Па, така дистинкцијата што ја прави Лео Хоек во 1981 меѓу структуралниот и орнаменталниот екфразис е оживеана преку овој пример, додека пак, оригиналниот на Р.Р. Мартин итро ја интегрира во проколнатата амбиција во која гори Станис Баратеон. Сепак, можеме да заклучиме дека и покрај верувањата дека адаптацијата ја сведува масата на исклучиво орнаментален екфрастички момент, овој труд предлага дека масата виси во меѓупросторот на орнаментален и структурален екфрастички момент, затоа што сепак до одредена мера ја пренесува пораката за болната и неисполнета амбиција која го гори и која е составен дел од ликот на несудениот крал Станис Баратеон, па донекаде е во согласност со својот алегориски призвук.
КУЌАТА НА ОНИЕ ШТО НЕ УМИРААТ: ЕКФРАЗИС, ПРОРОЧКА ВИЗИЈА И ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА ЗНАЧЕЊЕТО
Најверојатно една од секвенците во адаптацијата, а особено во оригиналниот текст, што изобилува со најголем екфрастички потенцијал, е патот на Денерис Таргериен до и низ Куќата на оние што не умираат. Овој пат јасно ја отелотворува идејата на Павличиќ за нестабилен екфразис – или форма на визуелна репрезентација што ќе им одолее на фиксното значење и интерпретација, а ќе изобилува со интерпретативни можности. Во халуциногениот лавиринт во куќата, Денерис се среќава со цел список на променливи и фантазмагорични живи слики (tableaux vivant): визии од нејзиното минато, нејзината сегашност и неминовно од нејзината иднина, кои се развиваат во една езотерична и семиотичка магла. Описите се исклучително богати со детали, но фрагментарни, кршејќи го повторно четвртиот ѕид и поканувајќи го читателот да се вклучи во еден херменевтички процес сличен на дешифрирање на енигматска слика или пак ткаенина/таписерија.
Оваа секвенца е своевиден мастерклас по екфрастичка двосмисленост, повикувајќи на играта помеѓу слика и текст за кој Лувел вели дека е најважна во книжевната визуелност (Лувел, 2006). Самите визии, иако се во детали опишани, не нудат никакви јасни наративни решенија, но функционираат преку таканаречениот концепт на диференцирање и изведување на значење (différance) од терминологијата на Жак Дерида, каде што значењето континуирано и без престан се изведува, но и се менува. Куќата на оние што не умираат не нуди никакво дефинитивно знаење или пак значење на Денерис Таргериен, туку го дестабилизира нејзиното веќе разнишано сфаќање на нејзината сопствена судбина, оставајќи ги и ликот и читателот и гледачот во една комплексна мрежа на интерпретативна несигурност.
Имајќи ги на ум своите гледачи, кои не секогаш ќе успат да го задржат вниманието на една ваква сложена и испреплетена секвенца, Бениоф и Вајс ја кратат оваа сцена, доведувајќи ја до еден доста поедноставен сет слики, како што се на пример: Железниот трон покриен со снег (што е алузија на последната епизода од серијата каде Денерис умира од сечилото на својот сакан и внук), халуциногена визија од нејзината прва љубов Кал Дрого кој жив и здрав ја чека со нивното живо и здраво новороденче (алудирајќи на претходната сезона каде што таа плаќа тежок данок во крв на маѓесничката која ветува дека ќе го спаси Дрого, но Денерис завршува и без првородениот син и без својот маж) и уште неколку фрапантни слики кои неминовно се останати во сеќавањето на гледачот или ќе му алудираат на идни клучни сцени кои неминовно ќе ги препознае кога ќе дојде времето.
Богатите екфрастички слоеви на текстот на Мартин се кондензирани во една скратена и поедноставена симболична секвенца, кои ја соголуваат сцената од оригиналот и до некаде ја лишуваат од нејзината длабока семиотичка комплексност, сведувајќи ја на сцена на сеќавања и претскажувања, но не го празнат целосно нејзиниот екфрастички потенцијал, за кој велиме дека е само приспособен на окото и фокусот на гледачите. Во знакот на афективна доследност, се губи дел од вклученоста на оригиналот во идејата за нестабилноста на пророштвото, но оној дел што се задржува алудира на екфрастичката енигма, претворајќи ја во исто време во залак кој гледачите лесно може да го лапнат, соџвакаат и голтнат.
ЛИЧЕН ЕКФРАЗИС: ГРБОСЛОВИЕ, ИДЕНТИТЕТ И ЛИЧНАТА ЕСТЕТИКА
Покрај грандиозните историски таписерии и пророчки визии, Песна за мразот и огнот исто така повикува и на нешто што би се нарекло личен екфразис – или употреба на визуелни описи за да се конструира и да се стави на тест индивидуата и нејзиниот идентитет. Ова е најјасно изразено кај ликовите кај кои печатите (сигилот[1]), специфичната гардероба или какви било дополнителни костимографски додатоци служат како одраз или дисторзија на нивните внатрешни борби. Штитот на лејди Бриен од Тарт, кој се предава од една на друга генерација, кој носи слика од живописно сино поле и црвени срца, е совршен пример кој ги симболизира спротивните сили и тензијата што таа ја чувствува меѓу тоа како таа се перципира себеси, од една страна и очекувањата на замисленото средновековно општество, од друга страна. Како бестрашен воин, кој ги менува традиционалните родови норми, таа носи семеен штит што ги отсликува токму тие норми, а се идентификува како нешто сосема спротивно на нејзиниот семеен грб или симбол. Но, нејзиниот штит не е само уште еден предмет со визуелни инскрипции кои произлегуваат од семејното наследство, кој пак помага во дефинирањето на нејзиниот идентитет, а и го отуѓува. Идејата на Лувел за слика-репертоар е релевантна во овој момент затоа што печатот (сигилот) на Бриен претставува естетски меч со две острици, потврдувајќи го нејзиното благородничко наследство, кое таа неминовно го почитува и штити, а е во целосна дисонанца со нејзиниот избран идентитет и начинот на кој тој идентитет се разидува со очекувањата кои општеството ги наметнува.
[1] Печат или симбол што се употребува за идентификување на некаква група или семејство. Терминот е поврзан со употреба во религиски или магиски ритуали во средниот век.