РОМАНОТ И ФИЛМОТ: БЕСКРАЈНИОТ РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ТЕКСТОТ И СЛИКАТА

/, Литература, Блесок бр. 156/РОМАНОТ И ФИЛМОТ: БЕСКРАЈНИОТ РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ТЕКСТОТ И СЛИКАТА

РОМАНОТ И ФИЛМОТ: БЕСКРАЈНИОТ РАЗГОВОР ПОМЕЃУ ТЕКСТОТ И СЛИКАТА

Екфразис, или вербално претставување на визуелната уметност, веќе долго време е предмет на литературна семиотичка дебата и ги скокотка интересот и љубопитноста на книжевниците и научниците. Претставувајќи се и оперирајќи и како наративна стратегија и како средство за предизвикување на човечкиот интелект со претставување на прашања во врска со перцепцијата, претставувањето и меморијата на читателот, екфразисот копа уште подлабоко во семиотичките анализи на релација текст-слика.

Во Песна за мразот и огнот, Џорџ Р. Р. Мартин не употребува екфразис само како едно дескриптивно средство, туку и како клучен механизам за истражување на историографскиот ревизионизам, пророштвата и личниот идентитет во една густо збиена раскажувачка плетка, карактеристична за фантастичната новела/роман (fantasy novel world building). Богатите и исклучително детални описи на визуелни претставувања (слики или предмети) во серијата што претставува адаптација на оваа серија романи, Игра на тронови, изобилува со ткаенини, грбословие, мапи и пејзажи, кои најјасно ја претставуваат разбрануваната „замислена“ историја, нестабилноста на моќта на одредени семејства и судбината на територијата на Вестерос и Есос.

Игра на тронови, како една од најуспешните адаптации на пишано дело на телевизиски екран, ги преработува овие екфрастички моменти, успешно преведувајќи ги литературните описи во еден визуелен спектакл од ликови, бои, плетки, симболи и кореографија. Секако, како и секоја адаптација, така и оваа поставува ваажни прашања за тоа како, на кој начин се изведува телевизиската адаптација и кои се можностите, но и границите на една ваква вежба. На кој начин функцијата на екфразисот го менува премостувањето од вербална во аудиовизуелна форма на ова дело и дали Игра на тронови ќе ја зачува или пак уништи комплексноста на текстовите во слики на Мартин преку интерпретативната слобода? Размислувајќи за овие теми, а имајќи ја на ум интермедијалноста, многу подобро ќе го разбереме екфразисот како еден модерен временски и просторен портал меѓу литературата и телевизијата.

Теоретските читања на Лилијан Лувел, Лео Х. Хоек и Павао Павличиќ ќе ни понудат појасен пристап кон сфаќањето на оваа транзиција и полесно нејзино примање како литературни работници и гледачи и уживатели на делото на Мартин. Концептот на Лувел, наречен слика-репертоар (image-repertoire) (Лувел, 2006), предлага литературата да не останува единствено на едноставен опис на слики, но да оди многу подлабоко од еден обичен опис и да создава еден динамичен простор каде што текстот и визуелноста се испреплетуваат. Во новелите на Мартин, екфразисот најчесто функционира во свој сопствен лиминален простор, што, пак, продуцира слоеви на визуелна перцепција во текстуалниот медиум. А пак во својот премин од текст во телевизиско остварување, оваа текстуална слика-репертоар се трансформира во вистинска слика, што пак ја намалува полисемијата на деталните описи на Мартин.

Семиотичката анализа на екфразисот на Лео Х. Хоек (Хоек, 1981) дополнително ја акцентира тензијата меѓу (рас)кажување наспрема покажување (telling vs. showing), особено кога станува збор за создавање на уметнички дела. Во Песна на мразот и огнот, описите на делчиња од визуелна уметност најчесто се проткајани наративи – на пример, инскрипции на историски настани, или пак пророштва, што бараат активна интерпретација, а не само пасивна опсервација. Ова оди рака под рака со идејата на Хоек за „структурален“ и „орнаментален“ екфразис. Додека структуралниот екфразис ја интегрира визуелната дескрипција, визуелниот опис во срцевината на тематскиот наратив на еден текст, орнаменталниот екфразис останува на периферијата на овие описи, само како декорација и продлабочување на вербата во замислениот свет на авторот. Игра на тронови, во својот адаптациски процес, многу често се движи на релација структурален-орнаментален екфразис, односно го претвора структуралниот во орнаментален, за да го стави во надредена позиција моменталниот визуелен импакт, а не повеќеслојната семиотичка комплексност на наративот.

АвторТамара Јолевска-Попов
2025-06-14T07:57:06+00:00 јуни 6th, 2025|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 156|