Потребен ли е национален поет?

/, Литература, Блесок бр. 99/Потребен ли е национален поет?

Потребен ли е национален поет?

Потребен ли е национален поет? Одраз на американската книжевна култура

Одраз на американската книжевна култура

Во многу земји би можеле да најдеме поединец којшто ја претставува колективната свест или духот на нацијата. Оваа личност е национална фигура, симбол, икона којашто буди гордост кај нејзиниот/неговиот народ. Оваа личност е писател посветен на поинаква цел од онаа којашто ја имаат повеќето писатели тука во Соединетите Држави. Улогата на овие епохални писатели е да го пренесат мислењето на масата, да ги искажат идеите на целината, а не да пишуваат едвај затскриени мемоари или приказни за дисфункционални врски и романтика коишто се популарни во Америка. Понекогаш писателот не е веќе жив, туку е почитувана фигура од националната историја. Делата на овој писател се читаат и проучуваат во училиштата или во универзитетите. Таа или тој се овековечени со споменик на некој голем градски плоштад или во музеј, или пак, таа/тој е херојска фигура која се осмелува да зборува против властите, и за жал на крај ја плаќа цената.
……
……Често, овие писатели не се производ на некоја книжевна катедра ниту пак имаат диплома за креативно пишување. Можеби нема да се осврнат на конвенционалните техники за пишување белетристика, и веројатно не биле членови на групи за разглобување книги во онаа американска смисла (се избира книга па истата се дискутира на избрана локација), иако најверојатно седеле со часови во кафулиња и со своите колеги без престан разговарале за книжевноста и за своите омилени писатели и филозофи. Многу често, овие писатели се личности чиешто занимање не била книжевноста туку политиката, дипломатијата, физичката работа, компаративната лингвистика, филозофијата, новинарството, активизмот, медицината и така натаму. Еден од многуте вакви примери е и познатиот драматург Вацлав Хавел, којшто бил политички активен. Хавел мирно ја водел Кадифената револуција којашто довела до разделување на Чешка и Словачка додека тој бил претседател. Октавио Паз е мексикански дипломат којшто служел во Индија (неговата извонредна книга ,,Поглед кон Индија’’ е сведоштво за времето што го поминал таму). И храбриот Шокри Белајд, водачот на движењето Арапска пролет во Тунис, пред неговата прерана смрт бил адвокат и поет.
……
……Многупати, делата на овие писатели се политички обоени или се доста алегорични. Еднаш, имав прилика да присуствувам на говор на познатиот Салман Ружди. Она што најмногу ме воодушеви беше јасната цел на неговата уметност – да служи како раскрсница помеѓу книжевноста и општеството. Треба само да се прочита неговата извонредна (и потценета) ,,Кловнот Шалимар’’ за човек да почне да ја цени политичката историја на Индија и поделбата со британската и американска вмешаност – вешто сокриена како љубовна приказна. Секако тука спаѓа и ,,Снег’’ на Орхан Памук, љубовна приказна стационирана во модерно опкружување што со себе ги носи прашањата за фундаментализмот наспроти секуларизмот во Турција.
……
……Накратко, Големиот Писател во другите земји и култури е повеќе од писател којшто бил обучен за пишување и (можеби) книжевност. Овој писател има пошироко гледање кон животот што се проникнува низ нејзините/неговите дела. Таа/тој е начитан човек, културен критичар, интелектуалец.
……
……Досетливите набљудувачи веднаш ќе сфатат дека токму овие писатели најчесто ја добиваат Нобеловата награда. Ова е целосно точно, иако има и многу писатели од оваа фела коишто не се нобеловци: Исак Динесен, Џорџ Орвел, како и поетот и револуционер Ѓорѓија Пулевски (којшто пишувал пред појавата на оваа награда). Се разбира истите набљудувачи можат да спорат дека за една култура да биде дефинирана преку еден писател, и писателот да се користи како икона или симбол на една култура, мора да постои и силно чувство на национализам. Ова чувство потекнува уште од 18-от и 19-от век, кога многу европски народи се појавиле и започнале културно и политички да се дефинираат. Но, национализмот е многу чувствителна тема, на која во Соединетите Држави сè уште се гледа со сомнеж, со конотации на ексклузивност, еднородност па дури и ксенофобија и геноцид.
……
……Зломислениците би рекле дека назначувањето на писател како претставник на една култура е невозможно во земја каква што е Америка, заснована на плурализам, различност, мултикултура, и мноштво погледи почнувајќи од класа, раса, регион, па сè до пол и сексуална ориентација. Кога едвај можеме да избереме претседател, зарем навистина е возможно да најдеме писател кој би нè претставувал сите 315 милиони? Прифатливо ли е да се има национален поет кој би зборувал за сите (или повеќето) од нас? И дали воопшто ни е потребен? Точно е дека имаме поет лауреат, но ова е релативно нов феномен, и тажната вистина е дека само мал дел би можеле да кажат кој е тој или таа (сегашниот поет лауреат е Наташа Третавеј, и признавам дека морав да ја побарам оваа информација). Зошто тогаш воопшто се обидуваме да се обединиме зад овој збор?
……
……Книжевноста не е нераскинлив дел од нашата секојдневна култура: вообичаено надвор од академските/научните кругови или формалното опкружување не зборуваме за Емерсон, Торо, Зора Нил Харстон или Марк Твен. Но, навистина имаме безброј одлични писатели, интелектуалци, поети и слично. Нашите универзитети имаат светски познати интелектуалци коишто се создале тука, или дошле од странство. Американските академски институции веќе долго време се рај за интелектуалните бегалци, како Јосиф Бродски и Ха Џин. Фактот што имаме голем број магистерски и докторски студии по креативно пишување сведочи за огромната желба на илјадници да се научи занаетот на пишувањето. Најдобрите програми примаат само едноцифрен процент студенти коишто се избираат од безброј високо-квалитетни апликации, меѓу кои многумина не се со европско потекло или пак се странци. Освен тоа, нашите катедри за компаративна книжевност служат како мост помеѓу Соединетите Држави и меѓународните книжевни тела. Покрај елитизмот на книжевната фела, сè уште постојат автори во чии популарни романи најважен е заплетот, и таквите желно се читаат од страна на милиони, како што и покажува бестселер листата на Њујорк Тајмс.
……
……Можеби постои друга причина поради која немаме национални книжевни фигури кои се интердисциплинарни и ѝ служат на поголема цел од онаа да забавуваат (освен оние чие занимање е книжевноста): ,,Во најлош случај нашата култура е многу индивидуалистичка (охрабрувањето на писателите да зборуваат за нешто што не ги засега самите нив не е толку често) и изолирана, несвесна за сè друго што се случува во светот.’’
……Нам ни фали чувство за опсег. Модерната литература сè повеќе станува еден вид терапија, излез за сопствени цели. Нашата книжевна литература не се осврнува на другите традиции, ниту пак го зема предвид она што им се случува на другите писатели во светот. Иако нашата наставна програма не е богата со странска книжевност, имаме доста разновидност во сопствената традиција. Што се однесува на пошироката слика, ние сме еднојазична култура, и ретко кој е полиглот во Соединетите Држави. Ова пак, (во целина, се разбира постојат бројни исклучоци) не го охрабрува водоводџијата да стане драматург, економистот да пишува слободен стих, или пак домаќинката да пишува политички драми. Американските Нобеловци за литература се навистина ретки. Често се жали што Филип Рот беше одбиен од страна на Нобеловата комисија; Јас би се спротиставила на ова бидејќи содржајниот опус на Рот и неговата интелигенција не го прават глобален, социјално-свесен писател со визија за човештвото; писател каков што погоре опишав.
……
……Исто така, нашата култура не е од оние култури што ги поддржуваат интелектуалците. Исклучок е една од нашите најдобри и најконтроверзни интелектуалци денес – Камил Паља. Имаме малку државно финансирање за уметностите, а дури и тогаш кога има се расправа околу неговата моралност. Економистите имаат голем удел во тоа што се објавува и продава, пазарот ѝ диктира на издавачката индустрија, и како последица тој ги оформува вкусовите на луѓето. Би можело да се каже дека ескепистичката природа на нашата книжевност потекнува од финансиски тешкиот живот во Америка. Само малку ни е овозможено, бидејќи не сме социјална држава, и кога немаме за леб, бараме некакво одвлекување.
……
……Дали тогаш американската книжевна култура е целосно бескорисна и изолирана, ограничена само во академските кругови?
……
……Одговорот на ова прашање е несомнено – не. Треба да му дозволиме на нашиот индивидуалистички и решителен дух да нè подучи. Да му дозволиме да нè води кон истражување на писатели, било да е тоа на нивниот оригинален јазик или пак во превод, од други нации и култури (поранешниот поет лауреат Роберт Хас го преведе Чеслав Милош на англиски и со тоа ги прошири нашите книжевни хоризонти). Да му дозволиме да нè поттикне да продолжиме со основање групи за дебатирање книги каде што луѓето ќе расправаат за американска и меѓународна белетристика и ,,нефикциска’’литература, со неверојатен број на ставови и знаење од историја, географија, политика. Нека нè води да присуствуваме на говори на писатели коишто ќе гостуваат од прекуокеански земји, или ако се наоѓаме на некој поизолиран дел од државата, да ги гледаме онлајн. Како што џезот е уметност што е специфична за Соединетите Држави, ајде да ја разбереме и нашата уникатна книжевна култура на метафикција, што е еден од најдобрите примери како спојот на индивидуализмот и уметноста можат да вплодат во нов производ. Треба да ги изложиме луѓето на книжевноста надвор од Соединетите Држави како и на книжевност која е посветена на различни цели (политички, протестни, или чисто естетски, како онаа на Оскар Вајлд).
……Конечно, треба да ја ставиме во контекст нашата книжевна култура, и штом се разбереме самите себе да видиме како сме поврзани со светот. Исто така на нашето образование потребна му е и здрава доза меѓународна политика и историја. Во најмала рака Американците МОРА да развијат подобро разбирање за географијата: стереотипот дека Американците, па дури и високообразованите се неуки кога станува збор за географија, за жал е точен. Ајде да продолжиме да го објавуваме видот на книжевни дела којшто го објавуваме, но истиот нека биде одблесок на широкиот, глобален сензибилитет што е токму најдобро опфатен во Америка, наместо формулаичната холивудска затапеност или егоцентричните глупости во детинестите објавувања. Време е навистина да се вклучиме во книжевните култури и чувствителноста на другите народи. Ова не значи дека треба да поставиме национална писателска фигура туку дека мора да ги разбереме писателите коишто се од други места.
……
……Превод: Павлина Коталеска

АвторСоња Сринивасан
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 99|