Во неговата статија „Знак настан контекст“, Жак Дерида зборува за претпоставката според која записот е „средство за комуникација“ што ги проширува можностите за „локуторна и гестурална комуникација“. Проблемите поврзани со надмоќта на говорот врз записот – со векови стариот фоноцентризам што го третира записот како изведок од говорот, само како „операција на дополнување“ или „модификација на присутното“, кое е она што се претпоставува дека говорот треба да го носи – играат голема улога во Деридиниот спис, бидејќи статијата сугерира дека сите облици на говорни, гестурални и пишани дејства може да се сместат во општата рубрика наречена телекомуникација, каде што сиве овие различни дејства на комуникација се суштински нестабилни.
Телекомуникација повлекува некој вид растојание преку кое комуникацијата се остварува, растојание кое е интересно во Деридиниот случај, заради импликациите што ги повлекува отсутноста и смислата што ја има прекинот во самиот акт на комуникација. Класичниот аргумент против записот – во кој на зависноста на записот од одсуството (на говорникот, на слушателот, или на обајцата) се гледа негативно, зашто се спротивставува на претпоставената смисла на присутноста во говорот – се соборува, кога Дерида го напаѓа тврдењето на Етјен Боно де Кондијак дека записот е „прогресивно смалување на присутноста“. Кондијаковата изјава навестува дека оваа „присутност“ не само што е крајно значајна, туку е и стабилен и непроблематичен концепт. Овој поим на присутност е изведен од една класична, метафизичка нужност, логоцентрички идеал, а тоа е идејата за стабилна присутност во комуникацијата, која Дерида ја побива во својот спис.
Хајдегер не зборува за хиерархија меѓу говорот и записот, со оглед на тоа што, во неговиот случај, потсетницата „јазикот говори“ сугерира дека и записот и говорот се инволвирани во истата, фундаментална смисла на кажувањето, кое е корен и на записот и на говорот, како различни начини на комуникација. И повеќе, Хајдегер користи испечатена песна – акт на запис –, кога покажува дека јазикот зборува, бришејќи на некој начин секаков конфликт или можност за хиерархија меѓу записот и говорот. Исто така и тоа што ја употребува песната на Тракл е мошне интересно, зашто поезијата традиционално е една слушна традиција, а песната на Тракл може да се рецитира на глас со различни нијанси во зависност од тоа кој рецитира, а овие вербални разлики би можеле да ги променат нивоата на значењето во песната. Како и да е, Хајдегер ја употребува песната, според моето мислење, во насока на општата поента во поглед на определени базични дејствувања на јазикот. Тоа е потрага која оди зад каква било хиерархија меѓу говорот и записот.
Овде зборувам за хиерархија, поради Деридината преокупираност со неа во мноштво негови списи, кога се спротивставува на идејата што се претвори во општа смисла (некој би рекол дека сè уште така се набљудува) – дека „Јазиците се создадени за да бидат зборувани; записот служи само како дополнение на говорот“, како што Жан Жак Русо (1712-78) еднаш запиша. Дерида покажува дека и говорот и записот се серии од дополненија, серии од знаци кои самите се посредници на она што се третира како „реалност“ зад текстот кој секогаш бил одвојуван од овие знаци. Ако се обидеме да ја фатиме целокупната присутност на реалноста што се соопштува од страна на говорникот или писателот, сè што добиваме се само повеќе знаци и синџири од дополненија; при објаснувањето на еден концепт, се употребуваат само повеќе термини, кои и самите се знаци, за да се упати на други знаци, на пример, кога се опишува поимот за „крава“ (претставена со зборот „крава“), се прибегнува кон други зборови/означители, како на пример, „женски род од говедо“. Не е важно дали текстот е на хартија или е изговорен, зашто Дерида пишува:
… никогаш и немало ништо освен запис, никогаш немало ништо освен дополненија и заменливи означители, кои само се раѓаат во синџирот диференцијални релации …
Деридината цел е да покаже дека ова константно одложување на значењето се појавува во обата облика на (теле)комуникацијата и дека тоа упатува на поголема нестабилност во јазикот од онаа што вообичаено се подразбира. Во „Знак настан контекст“, Дерида продолжува да ги деконструира познатите стабилности на јазикот, веќе претпоставувајќи дека „никогаш немало ништо освен запис“ и сосредоточувајќи се на итерабилноста на записот (последново во новооткриената смисла на Дерида). Кондијак, од своја страна, ја оправдува вредноста на записот како „прогресивно смалување на присутноста“ на сличен начин како што Русо ја опиша идејата дека записот е дополнение на говорот. Дерида ја предизвикува претпоставката за сигурната одбранливост на оваа присутност, на која упатува Кондијак. Како што на друго место вели, „Il n’y a pas de hors-texte“, или „Нема ништо вон текстот“, само серии значења во текстот, кои вечно се одложуваат.
Поимите за јазикот и разликата кај Хајдегер и Дерида
АвторСирил Вонг