Окото најнапред ќе се запре врз пламените јазици со кои е опкружен, со грамадите горечка, согорена, трансмутирана материја што поминува или што морала да помине низ неговите раце и ум за да се обликува во сјајна поетска градба, и во просветлено сепство што сраснува и расте заедно со неа, затскриено зад своето дело, но неизбришливо вткаено во секоe негово делче, во секоја нишка, во секој збор. А огнената природа на поетскиот збор, неговата „брусечка“ моќ не потекнува само од чудесниот потенцијал на јазикот и неговата творечка димензија, туку и од длабинската сила што стои во основата на секој чин на создавање и себесоздавање – љубовта. Таа е онаа динамична, флуидна супстанција што нѐ поврзува со себеси, со другите и со светот, низ која согорува согорливото и проблеснува несогорливото, низ која процветува скриената вредност на секое нешто и се надживува секој налет на уништувањето. И се чини дека воопшто не е случајно што последниот дистих од песната „Градител“ суптилно ја воведува поетската слика на јаркиот божур процветан врз пепелта на согорените деланки, распослани по градилиштето на душата:
„Љубовта е оган, пожар,
врз пепелта цути божур.“
Како и секој мајстор што работи со потенцијално експлозивна, не докрај позната материја, како што е човечката душа, и со моќна и тешка за ракување алатка, како што е јазикот, кој насекаде фрла опасни, жешки, пламени искри, и Цветан во својата поетско-градителска работилница мора да преземе низа заштитни мерки од можните изгореници, да го прекрие своето лице со различни видови визири, според спецификите на стиховниот материјал што во моментот го бруси. Тие визири се многубројни и разновидни: еден е дадаистички палав, друг, зен-минималистички и смирен, трет – рефлексивно прониклив, четврт – страдалнички сочувствителен… Ако се загледа единствено во нив, во многубројните псевдо-лица во кои се облекува и се преоблекува поетот, читателот што има само повремен и делумен допир со песните на Цветан, тие спонтани, а едновремено внимателно изработени духовни драгоцености, можеби нема да го согледа нивниот заеднички искон.
Можеби дури и нема да поверува дека зад многу од нив, толку различни по духот, стилот и поетскиот израз – на пример, зад „Бостан“ и „Сонет за тебе“, зад „Цртан филм“ и „Дрво“, зад „Рерна“ и „Историја на уметноста“, зад „’Олкаа“ – стои истиот автор. Но оној што ќе има можност и задоволство да прокрстосува низ неговите длабински слоеви, ќе наиде на единство од друг, повисок вид – единството на огнената енергија на мислата и чувството, на зборот и на љубовта, на играта и на длабоката емпатија со сѐ што постои и страда, единството и единственоста на поетската душа што бескомпромисно се бруси самата себеси до дијамантска цврстина и сјај.