ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

/, Литература, Блесок бр. 159/ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

И знам, сакаше одново да ужива – тоа, ѓаволчето од темниот внатрешен вир – во мојата мака на изборот, изборот на една, херменевтички „отклучувачка“ песна меѓу избраните песни, кој, како и секој избор, дури и кога сме најсигурни во него и најсреќни со него, секогаш со себе ја носи носталгијата по неизбраното.

Но каква полза од тоа што бев свесна за стапицата што ми ја мести, за искушението? Однапред го знаев и исходот: нема да сум ни прва ни последна што не одолеала на соблазнителното, толку привлечно дијаболично гласче; знаев дека ќе се вратам на почетокот, дека одново со сладок немир ќе крстосувам низ чудесната земја на овој поетски опус, дека ќе нуркам низ неговите корални гребени неброено многу пати, додека не го најдам тоа што го барам – таа песна, драгоцениот потпорен камен, што со својата структура го крепи сводот на Цветановото творештво и како невидливо тежиште ги усогласува енергиите на сите негови стихови. Но уште од самиот почеток на таа нова потрага беше јасно дека до длабочините во кои се крие тој камен, тоа ментално средиште, не може да се стаса со вообичаените алатки на рационалната, критичка анализа.

За нивното досегнување е неопходна нуркачката опрема на имагинациската емпатија, која во миг на илуминациски блесок, подоготвуван низ многубројните читања на секоја од избраните песни од различни интерпретациски агли, ќе ја изнедри обединувачката слика на овој поетски опус. Се разбира, таа ќе биде само една од многуте можни визии за неговото внатрешно јадро, но ќе ја претставува сликата што за мене, во овој миг, најверно ја доловува суштината на Цветановата ars poetica, која едновремено е и ars ethica: умеење на творењето како умеење на доброто (толку различно од лесното!) живеење, на богато изнијансиран и бескомпромисно искрен однос кон себеси и кон светот.

Таа слика, која неодоливо ми се наметнува како ментален сублимат на мојот избор, мојот агол на гледање на поезијата на Цветан Враживирски, е глетка на една магична, вонвременска, вонпросторна поетска работилница. Секој што влегува во неа мора да биде мошне внимателен, затоа што меѓу нејзините виртуелни ѕидови насекаде фрчат зажарени искри. Летаат светкави честички во роеви, во непредвидливи снопови, како некоја таинствена алатка да рие по некој уште потаинствен, невидлив материјал. Оној што ќе успее доволно да се приближи до жешкото средиште на дејствувањето на таа алатка, ќе спознае дека таа е еден вид ретка ментална брусилка: огнената брусилка на зборот. Искусниот „враживирски“ мајстор е еден од малобројните што умее совршено да ракува со неа; во неговите раце, нејзините брзи, моќни вртежи, кои го вовлекуваат умот во зашеметувачкото, мисловно-емоционално јазично торнадо, откинуваат делчиња од внатрешните маглини на душата со уште невидена текстура, низ која проблеснува чудесноста на формите скриени во нејзината внатрешност. Тој мајстор, поетот, скулпторот, градителот со невидливата граѓа, како да го фатил сопствениот одраз во огледалото во песната до која, одмотувајќи ја Аријаднината нишка од клопчето на интуитивната слика, спонтано доведе мојата нова потрага: песната што ја гледам како парадигматска за Цветановото дело и за неговиот однос кон сопственото творештво, и кон творештвото воопшто – песната „Градител“ (Реге за регенерација), со асоцијативниот поднаслов „брусење“, која започнува со следните стихови:

 

„Ја разбирам твојата

градителска треска,

вулканскиот порив

и ѕверот кој вреска

во свеста што гори.

Но кажи ми Сократе

кој изградил цврсто

и што градбата в тебе гради брате

дур на вратот тежи крстот.“

 

Секој што макар и на кратко ги почувствувал страста и товарот на творечкиот, особено на поетскиот порив, инстинктивно ќе се пронајде во овие стихови: и нему мора совршено добро да му е позната огнената природа на градителската треска, воспаленоста на свеста низ која повремено одекнуваат вресоците на внатрешниот ѕвер, кој се буди секогаш кога светилката на мислата ќе ја насочиме кон сопствените длабочини.

Оттаму, сократовскиот императив на самопознанието не е само основно филозофско начело: тоа е и еден од најдлабоките поетски мотиви, двоен градителски потфат – да се продре до сопствените темели и врз нив да се изгради флуидна, а неразорна градба, од најтрајната супстанција – нематеријалната, неуништливата, онаа на зборот, но истовремено, да се отвори и просторот на самоизградување низ сопствената градба, да

се допушти таа да нѐ гради самите нас, да ја бруси граѓата на нашето духовно ткиво, во врелиот, рефлексивен допир на мисловната и емоционалната острица. Како што вели поетот, во продолжение на „Градителот“:

 

„Од најжежок челик

се делкаме себе;“

 

засилувајќи ја метафората на остриот, творечки судир на поетската брусилка со тврдата, нерамна и неправилна површина на светот и на животот. Имено, таа алатка го обликува најдлабокиот слој од поетовото јас, а сведоштвото за тој противречен процес, низ кој наизменично јачат болката и задоволството, се таложи околу него во вжарените деланки на неговите дела:

 

„кој колку е велик,

извишен до небе,

деланките зборат,

ако купот пепел, пласт,

кога тие горат,

нѐ затскрива нас“.

 

И навистина, ако го впериме погледот во имагинарната поетска работилница на Цветан Враживирски, како и на секој голем, оригинален творец, она што прво ќе го видиме, нема да биде неговиот лик.

АвторАна Димишковска
2026-11-02T19:59:09+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 159|