ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

/, Литература, Блесок бр. 159/ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

ОГНЕНАТА БРУСИЛКА НА ЗБОРОТ: Кон поетското творештво на Цветан Враживирски

Кога мојот пријател и духовен сродник по книжевно-филозофскиот вкус и сензибилитет, Цветан Враживирски, ми укажа голема чест со идејата да бидам една од поетесите што ќе направат личен избор на стотина песни од неговиот опус и ќе ја придружат својата листа со мал авторски коментар, знаев дека предизвикот нема да биде лесен ниту едноставен. Да се препешачи, долж и попреку, големата поетска територија исцртана од перото на овој мистериозен auctor absconditus, скриен зад своите многубројни псевдоними (Цветан В. Светловирски, псевдо Цветан Стојановски, Бјаслок, Зим Сат-Бара, ЦИВЦГПВ…), значи да се чекори по неверојатно разновидни духовни пејзажи, чии необични контури се навестени уште во самите наслови на неговите поетски збирки (Сѐ помалку се чудам, 1994, Реге за регенерација, 2014, Ми се смручи дур наачив, 2014, Антологија на современата поезија на Зим Сат-Бара, 2014, Мала зб(и)рка, 2017).

Во духовниот простор што се отвора низ нивните страници, постојано и непредвидливо се менува конфигурацијата на теренот низ кој броди љубопитството на читателот: карпестите врвови на мислата се сменуваат со тивките долини на емоционалниот трепет, разиграните поточиња на детството се слеваат со моќните, надојдени реки на зрелоста, мрачните шуми на страдањето ја подготвуваат средбата со осветлените чистини на радоста. Но секој патник низ овие таинствени предели на душата, уловени во координатите на стихот, е свесен дека сите тие, дури и навидум најмирните, најспокојните од нив, всушност, се распослани на вулканско тло; дека во нивните длабочини татни подземната енергија на мислата и чувството, на примордијалните моќи на имагинацијата и јазикот, кои во секој момент можат да ја променат нашата перцепција за себеси и за светот. Така, во Цветановиот поетски универзум, обичниот, питом, непредизвикувачки јазик што ни е близок и познат, вткаен во нашето секојдневие, неочекувано, го покажува своето нескротено лице. Ослободен од уздите на инструменталноста и на конвенционалноста, тој ‘ржи низ римите, галопира низ метафорите, сонува низ сонетите, палаво се смее низ ироничните досетки, длаби до темелите на самата фонетска супстанција, откривајќи ѝ ги новите можности на артикулација, новите космогониски игри во исконските прегратки на звукот и на значењето.

Затоа, уште во мигот кога го прифатив предизвикот на „стоте песни“ на Цветан, можев да насетам со какви естетичко-етички драми ќе се борам на секој чекор на тој пат. Во неговите многубројни етапи, средбата со секоја песна е како средба со нов, уникатен, самодоволен микрокосмос, а изборот меѓу нив – речиси невозможна мисија, слична на онаа во која со себе можете да понесете само мал број драгоцености, но знаете дека дел од срцето засекогаш ќе копнее по оние што сте ги оставиле зад себе. И како да не беше доволно вознемирувачко чувството дека е залуден секој обид богатството и вредноста на еден толку слоевит и хетероген поетски свет да се отсликаат преку релативно тесен круг „избрани“ стихови, кога од некој длабински темен, вражји вир на свеста, некое ѓаволесто гласче реши дополнително да го зголеми „влогот“ во играта и интензитетот на драмата да го подигне на сосема нов степен. „Ха“, шепотеше тоа, „ајде да те видиме тебе, љубителката на логичките начела, на парадигмите, на архимедовските точки, како би играла со самата Игра, не со светот на создаденото, туку со светот на самото создавање, на поезијата во нејзината најчиста форма? Дали во нејзината динамична зовриеност, во структурите што изнурнуваат и пак се враќаат во длабочините – како меури во котел над оган – можеш да најдеш некаква средишна точка, некаков центар на поетската гравитација што илјадниците стихови, стотиците песни на еден автор ги претвора во негово дело, во негова творечка галаксија, а не само во единечни проблесоци, расеани низ кадифето на вселенската ноќ? Кога би ја изострила дилемата на изборот до нејзините крајни граници, кога би го немала луксузот на трицифрената бројка, туку распнувачкото искушение на единицата – да најдеш една песна, една метафора, една „единица мера“ за поетската супстанција на овој опус, што како фокусна леќа би ги сосредоточила неговите недобројни, разнобојни зраци – дали би се осмелила да ја издвоиш?“

„Уф… една песна?“ – со мешаница од изненаденост, зазор и соблазнетост го продолжив внатрешниот дијалог со ѓаволестото гласче, кое очигледно сакаше да ме врати на почетната точка од патот, и тоа токму во мигот во кој, по многу време, пречитување и премислување, конечно ја стокмив својата лична антологија на Цветановото поетско дело. Ме предизвикуваше, знам, самата да започнам нова, уште покомплексна и попредизвикувачка потрага, ризичен обид за идентификување на парадигматската оска во разиграното богатство на овој уникатен опус, кој, по самата своја суштина и оригиналност, се опира на секој обид за систематизација и вкалапување во каков и да било образец или шема.

АвторАна Димишковска
2026-11-02T19:59:09+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 159|