Единствената положба и неспоредливите капацитети да им биде дом на климата, билките, животните и луѓето на трите
Континенти, на Македонија оправдано ѝ го донесоа највозвишениот епитет што кому и да е и на кој и да е дел од Земјата, досега е даден:
“CATENA MUNDI”!
„КОПЧАТА НА СВЕТОТ“!
Со што повисоко може да се закити нешто или некој, освен со тоа што ќе рече дека е „Спона на Светот“! Какви пофалби можат да го засенат благородното и возвишено значење коешто толку ведро се шири од смислата содржана во тие зборови! И најмоќната империја, и најголемото царство стојат наспроти – двојат, застрашуваат, се конфронтираат кон сиот друг свет. Моќта и е – само уште една, и тоа најстрашната!– меѓу бариерите со кои светот е раздробен и разделен.
Зар силата со која пречките, ѕидиштата, бариерите на сеопштата раздвоеност се создадени, или се креваат, не е помала од силата со која тие пречки се поништуваат, неутрализираат, се совладуваат! А токму тоа е основен белег на Македонија! Токму за неа, луѓето го чувале и смислиле, го домислиле најубавиот епитет за својата највозвишена мисла и најстрасна потреба: „Catena Mundi!“ – Спојот на световите – оној олицетворен миг на способност да се соочиме и да се разбереме со Другиот – да ја совладаме неговата вечно туѓа и застрашувачка, дури, непријателска лика на недоловливост и недостапност – ликата каква што и нему му се прикажува низ нас. Светот не би знаел што значи зборот „Средба“ – ако не постоеше Македонија! Затоа, Македонија, како „место на кое се среќаваат световите“, и уште повеќе, „она со што световите се поврзани“, е единствениот универзален еквивалент. Таа е спој, алка, копча – но, не каква и да е, само да држи! – туку таа, наедно е „Цатена Ауреа“– најубава копча од уметнички излеано злато! Македонија го држи, го поврзува, го зближува светот – но, таа е и негов најубав украс. Комбинација на најтврди материјали и најубава филигранска обработка на тој спој, наречена Македонија, е без паралела и преседан.
Излезот од универзалната осаменост се вика – Македонија. Во неа се средоточи и се дешифрира таинствениот алгоритам со кој поврзувањето и средбата, од ретка и краткотрајна привилегија на поединци, се престори во космички настан. Наместо таа да бара да биде сметана за дел од овој или оној континент, Македонија има суверено право да очекува континентите во неа да го видат оној свој најважен, најубав и најхуман дел: делот со кој секој од трите континенти партиципира во другите два. И ниту еден помал од другите двајца, како што би рекол поетот за „… Ветрот, небото и земјата“. Поставена во самото динамичко средиште на тектонскиот тријадичен судир – Европа, Азија, Африка – Македонија, пред повеќе од 2.500 години била сметана за средиште и самата оска на ротација на сиот познат свет. Другите два Континента – двата големи острова, Америка и Австралија – останаа во функција на два издвоени, слободни стабилизатори на централната маса на копното, обединета во подрачјето на – Македонија.
Легендите врзани за потеклото на настанокот на Македонија и нејзиното име, носат пророчки густа порака, која, во светлината на генералниот факт што посочува кон неа како кон „Копчата на Светот, излеана од злато“, добиваат фрапантна, до детали доследна, поткрепа. Имено, со потеклото на името, доколку нашата централна хипотеза држи, би требало да се гордеат и трите континенти коишто, во времето во кое името е настанато, биле сметани за елементи на целиот свет. И може ли да се бара поголема потврда од фактот што името „Македонија“ преку личноста на „Македон“, митологијата го констатира во трите основни топоси! Или, поставено поинаку: што митовите со кои и Европа и Африка и Азија го објаснуваат своето разрешување на изолацијата и единствената точка на автентичен допир и спојување, го врзуваат токму името – Македон, со топосот – Македонија!
И во трите мита, покрај божественото, односно, кралското потекло на Македон се истакнуваат и неговата справедливост, воздржаност и мудрост, што во едно повисоко рамниште на интерпретацијата, го сугерира особениот квалитет на личноста на оној што ги поврзал и ги обединил трите толку спротивставени света: на белиот, на жолтиот и на црниот човек. Така, европската митологија Македон го смета за син на самиот Зевс и Тиа, кому, поради особените вредности на душата и големата телесна сила, таткото Зевс му го доверил најчувствителното и најважното подрачје на светот – оската во која се допираат трите Континенти.
Мошне е индикативно што братот на Македон е – Магнет.
За Македонија
АвторФерид Мухиќ