За името и за идентитетот

/, Литература, Блесок бр. 75/За името и за идентитетот

За името и за идентитетот

(2) Во ова предавање не го елаборирав посебно проблемот на политичко-етичката одговорност на именувањето, па останав должен да одговорам на неколку важни прашања:
а) Дали конституирањето на субјектот му претходи на именувањето или именувањето дополнително го создава она на кое се повикува како на завршен чин, поточно дали, воопшто, „безимениот“ субјект е субјект?
б) Која е општествената улога на прекарот или псевдонимот?
г) Може ли нагласувањето на името да доведе до промена на неговото значење?
д) Дали името умира заедно со неговиот носител?
ѓ) Каква е врската меѓу личното име и националниот идентитет?
е) Како името создава општествен ангажман и етичка обврска?

(3) Во книгата Нација. Текст. Идентитет – интерпретации на црнилата на македонската историја (Загреб, 2009) покажав како Другите/Бугари/Срби/Грци секогаш сакале да го колонизираат/окупираат токму она „место“ од кое Македонците, во текот на историјата, се одѕивале. Би можел да кажам дека историјата на македонската нација и не е ништо друго туку борба, „местото“ на тоа одѕивање да се одбрани, односно се работи за „место“ кое пред сè, најмногу им припаѓа на Македонците! Имено, и ним им е јасно дека оној кој ќе успее да го колонизира ова „свето“ место, ги исклучува, засекогаш, сите други потенцијални „одѕивачи“: правото на одѕивање е решено со самиот чин на именување! И токму тука, според мое мислење, би требало да се бара родната почва на секој, па и на македонскиот национализам, кој не е ништо друго, туку оној вид на политичка чувствителност „кој настојува да воспостави самоопределени нации-држави како општествени мобилизации, за да ги оствари или одбрани нациите, и кој како пасионирана лојалност и приврзаност кон една нација, како културна заедница која доделува идентитет, станал најважната определба на општествениот и личниот живот во неодамнешната историја“ (Л. Лонгман, 2006, 66). Но, сите тие активности ќе останат без успех, ако не успееме да го засведочиме името во самата заедница. Исто така, мораме да бидеме свесни дека времето на национализмот не е поминато и дека ние допрва влегуваме во фазата на неонационализам (Л. Гринфелд) бидејќи, не само што национализмот е сеприсутен, туку како глобална појава нацијата продира во сите сфери на човечката активност и обезбедува општо прифатени спојки за воспоставување взаемни односи.

(4) Во драмата „Ромео и Јулија“ љубовта се случува и покрај нивните имиња; заради името тие умираат, но преку нивните имиња тие и преживуваат. Она што ги раздвојува во нивната љубов се нивните семејствата (во нашиот случај државите!) кои се спротивставени на имињата. И токму затоа што имињата ги одделуваат, тие би сакале трајно да ги одделат од сопствените имиња: О Ромео, Ромео, зошто си ти Ромео?/Откажи се од татко ти, отфрли го името,/а ако неќеш, заколни се дека ме сакаш/и јас повеќе нема да сум Капулети. – и тогаш следува нејзината клучна аргументација: Само името твое ми е душман,/ти си тоа што си и да не си Монтаги./Што е тоа Монтаги? Не е ни рака, ни нога,/ни дланка ни лице ниту кој било друг дел/од еден човек. О, зошто друго немаш име!/И што има во едно име? Трендафилот/и под друго име исто така убаво ќе мириса./Така и Ромео, да не се вика Ромео,/ќе го задржи она мило совршенство што го има/и без името свое. Ромео, отфрли го името/а место името – кое не е дел од тебе –/земи ме мене.2F
Можеби во проекцијата на Јулија, името „Ромео“ навистина и не е дел од битието на нејзиниот сакан, тоа претставува само пречка, оти каква било супституција/празно име би можело да ја задоволи нејзината желба, оти би било зрело да му се подари на саканиот нов идентитет кој не би бил товар за иднината на врската, но во случајот на „Македонија“, ниту со најголеми напори не може да се здогледа тој сурогат/празно име, кое би можело да роди таков идентитет кој нема да ги иритира Другите/соседи.

(5) Гезин Шван го дефинира граѓанскиот/демократскиот политичкиот идентитет како сплет на граѓански етос со соодветни психички диспозиции, и идентификација на граѓаните со темелен нормативен консензус. Ромео не е граѓанин бидејќи во своето дејствување тој воопшто не е слободен. Интересно е дека во своето дејствување Јулија е многу послободна од него, нејзината индивидуалност е каде-каде поизразена и кај неа препознаеме силна волја да биде автономна, да извојува право за донесување суштински одлуки. Сите тие елементи се неопходни претпоставки за создавање на чувството за слобода, лично достоинство, право на самоопределување.

(6) По изгорувањето останува пепелта, а пепелта, во согласност со филозофијата на Ж. Дерида, е целосно несеќавање, уништување на самото сеќавање; но во пепелта сепак останува – иако нечитливо – името на лицето што исчезнало во огнот. Секое системско бришење на името доведува до уништување на архивата која не е ништо друго освен организирано сеќавање за името (на пример Јад Вашем).
Од самата драма „Ромео и Јулија“ произлегува дека губењето на сопственото име е еднакво на губењето на животот. Доколку по некоја случајност се откажеме од сопственото име, тогаш ние не можеме да поништиме ништо освен самите себеси. И во тој контекст треба да се има разбирање за оние случаи кога нацијата станува трауматски објект, која не организира само уживање на националната заедница во себе (и уживање по себе), туку претставува и страв од потенцијално загрозување на нацијата од страна на другите. Затоа не сум склон да ги применувам истите критериуми врз промената на „Балкан“ во „Југоисточна Европа“ и на евентуалната промена на името „Македонија“ во „Х“, бидејќи никакво потпирање на Фуковата теориска традиција и на концепцијата на Џ. Батлер за „перформативноста“, како што го прави тоа К. Колозова, нема да ме убедат дека промената на името Балкан во Југоисточна Европа, како дел од еден голем политички проект – (ре)конструкција на нови геополитички и културен идентитет – може да се спореди со насилството кое произлегува од барањето една држава да се откаже од нејзиното име, традиција, идентитет… И ако во промена на името/(ре)конструкцијата на идентитетот Балкан во Југоисточна Европа, може да се види одраз на еден веќе прилично конкретен, „материјален“ или „реален“ феномен кој никогаш не е „само име“, тогаш во случајот со Македонија тоа не држи. Во вториот случај навистина се работи „само за име“ кое ПОСТОИ заедно со својот историски багаж! Затоа никако не смееме да дозволиме некои „реалитети“ да исчезнат со исчезнувањето на името кое умира.

Превела: Соња Должан

Литература:

Derrida, J. (1992), Acts of Literature, New York. London.
Kolozova, K. (2003), Identitet (jedinstva) u izgradnji: O smrti “Balkana” i rođenju „Jugoistočne Europe“, u Dušan I, Bjelić&Obrad Savić, ur. Balkan kao metafora, Između globalizacije i fragmentacije, Beogradski krug, Beograd. str. 295-307.
Longman, L. (2006), „The Social Psychology of Nationalism: To Die for Sake of Strangers“, u Gerard Delanty, Krishan Kumar, ur. The Sage Handbook of Nations and Nationalism, London, Thousand Oaks, New Delhy, str. 66-83.
Staten, H. (1984), Wittgenstein and Derrida, Lincoln, London.
Taylor, Ch. (1991), The Malaise of Modernity, Anasi, Toronto.
Wittgenstein, L. (1998), Filozofska istraživanja, Zagreb.
Wodak, R. (2006), „Discourse-analytic and Socio-linguistic Approaches to Study of Natiob(alism)“, u Gerard Delanty, Krishan Kumar, ur. The Sage Handbook of Nations and Nationalism, London, Thousand Oaks, New Delhy, str. 104-117.

(Предавањето е одржано на 26 мај 2009 година, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје)

#b
2. Вилијам Шекспир. Единаесет драми (превод од англиски Драги Михјловски). Скопје: Каприкорнус, 2003 стр. 577

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 75|