За името и за идентитетот

/, Литература, Блесок бр. 75/За името и за идентитетот

За името и за идентитетот

Темата за идентитетот поттикнува расправа секогаш кога некој ќе си го постави прашањето „кој сум јас“ или кога со истото прашање ќе биде соочен од некој друг. И ако прашањето го постави другиот, тогаш најчест одговор ќе биде соопштувањето на сопственото име. Заправо, треба да се запрашаме дали таквиот начин на претставување или едноставно повикување на сопственото име, може да даде вистински одговор на поставеното прашање. Сметам дека само таквиот начин на претставување не е адекватен одговор на поставеното прашање! Имено, да се даде некому име значи: „дека некого сме сопреле на извесно место во граматиката“ (Л. Витгенштајн), поточно сме пропишале место од кое лицето (или државата) ќе се одѕива во иднина (3). Иако преку чинот на именувањето се изразува јазичен ангажман кој обезбедува културни, родови, национални, политички и други идентитети, тој претставува само почеток во процесот на создавањето на идентитетот. Откако именувањето е извршено, станува важен чинот на повикувањето, односно начинот на кој тоа име се употребува. Затоа употребата на името го поставува неговиот носител во посебен однос кон лицето кое го употребува истото. Именувањето може да претставува дел од процесот на прифаќање на индивидуа/група во некоја културна, религиска или друга заедница, или, исто така, може да претставува и дел од процесот на исклучување/елиминација од таа заедница. Според тоа, името може да претставува и посебен товар за неговиот носител.
А токму таа димензија на името сјајно е обработена во драмата ,„Ромео и Јулија“ на В. Шекспир. И не само тоа, туку драмата на најпластичен начин ги рефлектира и актуелните политички и други трауми на денешна Македонија која е соочена со реална можност: доколку сака активно и рамноправно да учествува во глобалната политика, таа мора да „земе некое друго име“ и наместо „Македонија“ да се нарече поинаку! „Парадоксално, сместени во идентитет без име (од перспектива на Другиот), Македонците се осудени на прилично болна (колективна и индивидуална) ситуација на (меѓународна) невидливост и замрзнат и одложен идентитет кој живурка во бескрајна криза. Ситуацијава произведе ранлив (а не нестабилен или „слаб“ во една пост-структуралистичка смисла) Македонски Субјект“ (К. Колозова, 2003, 303). Со оваа „силна“ споредба сакавме да демонстрираме како употребата на определено „име“ неопходно генерира и определен општествено-политички ангажман кој мора да има и етичка димензија.
Ја поставувам сега појдовната премиса на моето предавање: губењето на сопственото име е еднакво на губењето на животот (4)! Имено, сметам дека ослободувањето од името не е можно во текот на животот. Нечие име секогаш прави нечија, негова/нејзина суштина и како такво тоа е неделиво од нивното битие. Суштеството (Ромео, Македонија…) живее во своето име бидејќи имињата не можат да бидат уништени – името не го губи неговото значење кога носителот е уништен (Л. Витгенштајн). Значи, за да може да се опише уништлив (смртен, времен) субјект, имињата би требало да бидат неуништливи (бесмртни, безвремени). Оттаму следува дека името е независно од егзистенцијата на неговиот носител. „Нешто црвено може да се уништи, но самото црвено не може да биде уништено, зашто значењето на зборот „црвено“ е независно од егзистенцијата на некој црвен предмет“ (параграф 55). Одделувањето на името од неговиот носител и продолжување на животот „надвор од сопственото име“ сепак е возможно, но бара радикално одделување од сите историски, роднински и причински врски кои се напластени во името, откажување од низа идентитетски категории (нација, пол, професија…) и преземање на други или нови. Алтернатива за смртта е преземање нов идентитет; ако повеќе не сум Ромео, тогаш неопходно сум некој друг. Или, врз примерот со името „Македонија“, тоа би значело дека името на државата би требало да се супституира со некое друго име! И кога Јулија го моли Ромео да биде како роза, таа сака да го оддели од името во смисла на сите родословни и каузални врски кои одекнуваат во неговото име. Таа сака тој да го промени името (O! be some other name – О, зошто друго немаш име!1F) што според Дерида може да значи две работи: (а) да се земе друго сопствено име, или (б) да се земе друг вид име кое не е човечко, име на предмет, конкретно, некоја лична именка: Ромео на крај го заменува сопственото име со лична именка – именката љубов“ и во таа „двојна апорија“ на сопственото име тој ќе загуби сè: и името, и љубовта, и животот! Со други зборови, тој во драмата не успева да се реализира како „индивидуа(лност)“, значи неговиот идентитет не може да се смета за граѓански/демократски тип на идентитет (5).
Од Шекспировата драма се гледа дека Ромео го мрази своето име дури во мигот кога Јулија (а во случајот на Македонија улогата на Јулија ја презема меѓународната заедница, Грција…) тоа го бара од него. Тоа значи дека откажување од сопственото име може да се посака само преку повикот на другиот, во име на другиот (и ако сега го аплицираме тоа врз „македонскиот случај“, ќе видиме дека драмава за несреќни љубовници воопшто не е толку наивна колку што тоа на прв поглед можеби изгледа; затоа секое иронизирање на оваа „наивна“ приказна, во контекст на постмодернистичка парадигма би било крајно некоректно; оваа приказна за „несреќни љубовници“ е многу поактуелна од приказната за несреќното и неодлучно данско кралче бидејќи отвора мноштво прашања: дали сите имиња по смртта на нивните носители преживуваат, дали може меморијата да се уништи, а името да се избрише или да изгори до нечитливост (6)) зашто „тој не може да го сака тоа сам од себе, и покрај фактот што таа еманципација му е дадена како можност да биде конечно самиот тој од другата страна на името – можност конечно да живее зашто своето име тој го носи како својата смрт. Сам од себе тоа не може да го сака зашто тој не постои без своето име“ (Ж. Дерида, 1992, 430). И сосема е во право Катерина Колозова кога во насилното давање на името го гледа „крајното насилство врз Субјектот преку фаталната фрустрација на желбата. Тоа се врши преку негација, потполно отстранување на нејзиниот („Посакуван“) Субјект. Во сите три случаи („Македонија“, „Балканот“, „Југоисточна Европа“ – заб. З. К.), Субјектот (носителот) на оваа негација е европски Субјект како глобален и глобализирачки Субјект. Едноставна геометриска фигура изградена од вектори на моќта кои се на дело во двата случаја (во случајот на Македонија и во случајот на Балкан/Југоисточна Европа) одржува колонијално потчинување/создавање на Балканот и Македонскиот Субјект. Овие процеси се одигруваат со постколонијалниот свет во позадина, што создава впечаток дека се стреми кон превладување и напуштање на колонијалниот субјективитет/субјективизација и тоа, сосема парадоксално, токму преку процесот на глобализацијата“ (исто).

#b
1. Вилијам Шекспир. Единаесет драми (превод од англиски Драги Михјловски). Скопје: Каприкорнус, 2003 стр. 577

2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 75|