Воведни истражувања на Балканскиот концепт во уметноста

/, Литература, Блесок бр. 52/Воведни истражувања на Балканскиот концепт во уметноста

Воведни истражувања на Балканскиот концепт во уметноста

Концептот, како и терминот „Балкан“, се доста познати и често користени категории во бројни академски и политички „арени“ во глобала. Балканскиот регион се стекнал со озлогласеност на Западот преку лавина од дела од областа на пишаните, аудиовизуелните и електронските медиуми, особено за време на Југословенската криза во деведесеттите години од 20. век. Како „голтачи“ на телевизискиот и сличните нему медиуми, ние – луѓето од запад – неодамна станавме „интимно“ запознаени со симплифицираната историја на балканските народи. Ние, на пример, го знаеме Слободан Милошевиќ дури и по лик. Во последната деценија од минатиот век, значи неодамна, концептот за Балканот беше, исто така истражуван и темелно деконструиран од страна на Марија Тодорова. Слоевитото и палимпсестно разбирање на концептот за Балканот, промовирано од современата научна мисла, е отворено прифатено и употребувано во оние исти „арени“ спомнати претходно: историја, политика и слично, кршејќи ги претходните грешни стереотипи и предрасуди за регионот. Меѓутоа, во специфичните области на „мејнстрим“ културата и уметноста, до такво поместување на концептите „Балкан“ и „балканско“ – не е дојдено: имено, во оваа област, ослободувањето од тие застарени норми, особено при класифицирањето и идентифицирањето на уметноста и културата која доаѓа од Балканскиот полуостров. Уметничкиот свет сè уште е поподготвен – во своите дискурси – да ги прифаќа старите симплифицирани и сензационалистички верзии за „Балканот“ како концепт. Фактички, постојат многу малку истражувања во областа на „мејнстрим“ литературата со балканска тематика (како што во овој есеј се реферира понатаму, со цел да се симплифицира и олесни користењето на овој термин, како и карактерот што му се придодава). Очигледно е дека има голем број прашања што треба да се постават и да бидат одговорени, како на пример: Зошто балканската уметност останува на маргините на уметничкиот свет? Или: Каква улога ќе игра балканската уметност во глобални рамки во времето што доаѓа? Јасно е дека овие прашања се од генерално значење за самата идеја, и антиципација на кој начин колективниот балкански идентитет ќе биде перцепиран/реципиран од страна на Западот.
Во својот преглед од 2002 година, во книгата Основни документи: Прирачник за источно и централно-европската уметност од 1950 година па наваму, Мартина Пахманова забележува дека „предолго време источноевропската и централно-европската уметност е на периферијата на научниот интерес кај истражувачите и академиците за Западот“1F. Во текот на последниве пет години, повеќе уметнички поставки се заинтересираа за балканскиот концепт, изложувајќи уметнички дела кои ги обработуваат најголемиот број на тематики, од идентитетот, преку феминизмот, па сè до цензурата, користејќи најразлични медиуми. Но сепак, ретки се оние уметнички поставки кои навистина темелно, и реално пред сè, се обидуваат да ги дешифрираат – на едно вистинско критичко ниво – конструктите за балканскиот идентитет кои стојат зад овие поставки, како и делата од кои тие се состојат. Овој есеј има токму намера да послужи како воведно истражување кон генералните проблеми кои балканските „уметнички фаци“ ги имаат во светскиот уметнички „мејнстрим“, како последица на генералната концепција на тој „мејнстрим“ во прифаќањето на балканскиот концепт – не земајќи го предвид влијанието кое истиот го има врз уметниците и самата уметност од овој регион. Дискусијата што следи во овој есеј, се надевам, ќе го има како ефект подигањето на примарната свесност за актуелните состојби на уметничкиот концепт на Балканот и балканската уметност.
И на Запад и на Исток, концептот за Балканот се претворил во стигматична етикета, која носи визија и гледање на Балканот како на регион на крвави феуди, примитивност и заостанатост, и во последно време, најчесто – регион на невозможна мултиетничка и мултикултурна коегзистенција без крвави конфликти. Во едно интервју воочи излегувањето на нејзината книга Замислувајќи го Балканот, Марија Тодорова дава концизна дескрипција на терминот „Балкан“ и на сите стереотипи неправедно наметнати врз истиот:
Пред сè, она што денес се подразбира под „Балкан“, најчесто е синоним за Југоисточна Европа, и покрива неколку држави: Грција, Албанија, Бугарија, Романија, дел од Турција и сите земји од поранешна Југославија. [….] Историски, зборот „Балкан“ е турски збор кој едноставно значи – „планина“. Тоа бил сосем неутрален термин и не бил користен во пежоративна смисла, нити имал какви било негативни конотации сè до крајот на 19. век, кога токму погоре спомнатите земји не започнаа да се појавуваат како независни национални и државни ентитети од дотогашното Османлиско Царство. [….] Дури и по најголемото можно антицивилизациско однесување на Германија за време на Холокаустот, Европа продолжува да го гледа Балканот како варварски и крвав. […] Балканците се „бели“, белци, тие се дел од Европа, и претежно се Христијани 2F.
Постојаното и неменливо ставање на балканските земји „во ист кош“, има своја долга историја во популарните западни дискурси и сфаќања. Во својата книга Балканот: Од откривање до инвенција, Тодорова објаснува дека овој феномен датира назад од германскиот географ Август Зуне (кој) прв го употребил терминот „Балкански полуостров“3F. И иако Тодорова на еден многу експлицитен и сеопфатен начин го расветлува овој концепт за Балканот како еден чисто академски конструкт, каков што и е, сепак, „варварскиот“ концепт за него сè уште е доминантен во уметничкиот свет. Од минатото во овој регион постои и една заедничка оставнина, па затоа е доста лесно да се перцепира и денес како една заедничка целина, и историски, и географски и културно. Таа заедничка оставнина се вика Југославија, и колку и да е голема носталгијата за тој временски период на заедничко живеење и постоење во одредени кругови, таа „заедничка“ балканска историја престана да постои во 90-тите години од 20. век, а некои мислат дека тоа се случило дури и порано. Фактички, тешко е да се најде уметничка поставка која не го користи терминот „Балкан“ наместо реалните, конкретни називи на балканските земји, што укажува на фактот дека овој „палп“-концепт за балканските народи не е лимитиран само на академските, туку е проширен и на актуелните уметници и нивната уметност, исто така. Во контекст на актуелната уметност и сфаќањата на истата, изгледа дека балканските уметници се ограничени на стереотипите и контекстите наметнати од страна на Западот, фрустрирајќи и оневозможувајќи ги нивните индивидуални мерила и вредности да прикажат еден самосвоен концепт во свое сопствено светло.
Навиката да се групираат уметниците од овој регион „во ист кош“ како „балкански“, или како „уметници од поранешна Југославија“ е евидентна кај најголемиот број на уметнички поставки кои доаѓаат од регионот на Југоисточна Европа. Во својот текст за изложбата Крв и мед – Иднината е на Балканот (Костернберг, 2003) за веб-сајтот Art Margins (Уметнички граници), Никол Хајцингер тврди дека ’кураторот Харолд Сисман, за време на својот пат низ бројни земји, собра дела кои ја презентираат современата уметност – еден надворешен поглед на уметноста од Балканот’4F. Сисман презел истрага слишна на археолошко ископување за да ја открие уметноста од Балканот, барајќи ги камен-темелниците на заедничкото наследство кое е фрлено на самите граници на постоењето, и е на раб на исчезнување. Насловите на оваа и на многу други современи уметнички поставки, се многу индикативни за ставовите формирани во уметничкиот свет, како што е погоре спомнатиот Крв и мед – Иднината е на Балканот (Костернберг, 2003), и други, како што се: Имагинарен Балкан (Шефилд, 2002), Отаде верувањето (Чикаго, 1995), Балкански Матрикс (Нотингам, 2003), Низ балканските клисури (Касел, 2003), и Во потрага по Балканија (Грац, 2002). Секоја од овие поставки го афирмира и препознава концептот на Балканот уште со својот наслов, пред публиката и воопшто да ја види содржината на уметничката поставка. Ефектот од ваквото етикетирање врз јавноста и публиката не е воопшто ефемерен ниту субјективен како што е самата интерпретација дадена за конкретната поставка. Без разлика дали се работи за фотографија, ликовни дела или за мултимедијални перформанси, значи без разлика за кој медиум се работи, тој медиум ни одблиску не е она што е интересно за публиката, како што е – дефинитивниот балкански концепт додаден (наметнат) кон таа поставка. Ваквите категорички дезинтерпретирања резултираат со создавање и потхранување на огромен број предрасуди, и со стигматизација што носи површни и неслоевити сознанија.

#b
1. Tomas Pospiszyl, MoMa Symposium ‘East of Art: Transformations in Eastern Europe’ transcript, 23 March 2003 [accessed 3 March 2005]
2. Интервју со Марија Тодорова: ‘UF Professor Explains How Balkans Got Their Reputation: Following is an interview with Maria Todorova, professor of history, who has been researching the history of the Balkans for the past 20 years’ [accessed 1 April 2005]
3. Maria Todorova, ‘The Balkans: From Discovery to Invention’, Slavic Review, vol. 53, no. 2 1994, p. 464.
4. Nicole Haitzinger, ‘BAL-KAN—The Irritation of Lingua: A Few Notes on the Exhibition Blood and Honey—the Future’s in the Balkans’ (Vienna June 2003), Art Margins Reviews, [accessed 3 March 2005]

АвторЏесика Герхарт
2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 52|