ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

/, Литература, Блесок бр. 155/ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Функцијата на творецот е искажана на повеќе планови во рамките на циклусот, првично преку физичката дејност на градење. Тој ги гради Калето и Марковиот манастир, па дури и неговиот обид да ја затне Стерната е една форма на градење. Тие на првично, површинско ниво претставуваат симбол на неуспехот и поразот на Марко, тие претставуваат изневера на очекувањата на народот, како и на нивните симболички дискурси – епскиот и религиозниот дискурс кои толку долго биле доминантни во македонскиот идентитет. Но, ако погледнеме длабински, тие долгорочно и посредно успеваат во својата функција – наместо да го зачуваат физички македонскиот народ, тие го зачувуваат споменот за него и за неговата историја. Тие прераснуваат во споменици и симболи на традицијата и на минатото, бидејќи тврдината и манастирите претставувале центри на општествениот, црковниот, културниот и колективниот живот во текот на целата историја на македонскиот народ. Некои од нив како Марковите Кули, Калето во Скопје и Охрид, како и голем број манастири низ цела Македонија прераснале во интегративен дел од колективниот идентитет. Со нивно вклучување како централни симболи и семантички средишта на циклусот, Конески ги вклучува и историските и културните споменици во рамките на историскиот наратив изразен преку овие песни.

Всушност, објектите на Калето и Марковиот манастир се своевидни историски текстови, кои во себе носат приказни и сеќавања, што е особено изразено во „Марковиот манастир“. Тој е изграден за Марко да се искупи за својот грев и смртта на 70-те деца, но тој на своите страници, т.е. ѕидови не ја чува и содржи таа приказна и легенда, туку преку својот фрескоживопис ја чува и раскажува универзалната приказна за страдањата на македонскиот народ.  Нивната природа како текстови е дополнително акцентирана со тоа што Марко Крале не само што ги твори, туку и ги интегрира и ги зачувува во својот наратив за да ги зачува за следните генерации. Тие се дел од неговата приказна, но и од приказната што треба да им се пренесе на новите генерации која се чува во традицијата.

Тие конечно и стануваат дел од структурата на неговиот лик, со тоа што тој по моментот на нивната изградба ги повнатрешнува и со тоа калето станува дел од неговиот сон, а манастирот чувствува дека го носи во својот гроб. Нивните приказни се гласовите што се закопани или скриени во традицијата и го чекаат новиот текст, новиот творец кој ќе им овозможи да зазвучат како гласот и речта на новото време. Марко Крале како драмска персона и наративен лик во себе го содржи тоа двојство – свртеност и поврзаност со минатото, текст кој ја отелотворува традицијата, но и глас и реч на новото време преку кој се пренесува и повторно се впишува традицијата.

 

ЗАКЛУЧОК

Преку овој кус осврт на дел од творештвото на Блаже Конески сакавме уште еднаш да ја нагласиме извонредно значајната улога која поезијата ја игра во утврдувањето и изразувањето на идентитетот на едно младо општество, особено такво кое само што е излезено од фолклорната фаза.

Притоа, за одредени постапки на Конески можеме да најдеме паралели во книжевности и поетики од можеби и подалечни култури, како што е англиската поезија од 19 век. Но, самиот факт што драмскиот монолог, кој го усовршува Роберт Браунинг, подоцна наоѓа своја важна продуктивна позиција во поезијата на модернизмот од која црпи инспирација и Блаже Конески и укажува на не секогаш лесно видливите интертекстуални врски помеѓу културите и традициите во Европа. Исто така, тоа укажува на повеќеслојноста и комплексноста на надградбата и надоврзувањето на современиот идентитет со неговата основа, која е конституирана во традицијата и претходната историја на еден народ, но и со културните и цивилизациските вредности на поширокото опкружување во кое опстојува и се развива.

АвторМилан Дамјаноски
2025-02-11T19:02:28+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 155|