ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

/, Литература, Блесок бр. 155/ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

ЦИКЛУСОТ ЗА МАРКО КРАЛЕ

Циклусот за Марко Крале е заокружен и тематски и содржински може да се смета како целосен, како што и самиот Б. Конески кажува во разговорите со Цане Андреевски. Тој е создаван во период од 20 години, при што песните настанувале постепено, „по стимули што доведуваа со иста спонтаност да настанат и другите текстови во тој циклус, со каква што настанаа и првите“ (Андреевски, 1991:286).  Тој се состои од  5 одделни песни („Одземање на силата“, „Стерна“, „Кале“, „Марковиот манастир“ и „Песјо брдце“), инспирирани од посебни мотиви во народните легенди за Крале Марко, запишани од страна на Марко Цепенков, кои се дадени како епиграфи на почетокот на секоја од песните. Сепак, тие 5 одделни песни претставуваат само фрагменти од приказната за Крале Марко,  при што таа фрагментарност одговара на фрагментарноста на елементите од кои се гради македонската историја, но и од самата фрагментарна природа на историјата како текст, кој никогаш не може да успее да ја перципира и претстави севкупната историска реалност. Фрагментарната природа укажува и на процесот на композиција на историјата како текст кој во себе опфаќа и комбинира различни други текстови, со цел да ги изгради својот наратив и своето гледиште. Таа фрагментарност се отелотворува како надворешна одлика на песните, со видлива граница помеѓу епиграфите и интегралниот текст на песната, како и во внатрешната структура со присуство на различните дискурси кои го градат македонскиот идентитет: народните приказни, историските настани и споменици, историските и митските ликови, библискиот и епскиот дискурс. Тоа што сите ги обединува се современиот стил и јазик кој е дискурсот што ги актуализира и ја поставува рамката за дијалог со другите идентитетски дискурси. Оваа актуализација на историскиот интертекстуален материјал, како што посочува Ќулавкова, „има виша функција: да биде проекција не само на авторовите, туку и на ’проширената’ долговековна, колективна, симболична, митска и етичка меморија на македонскиот народ“ (Ќулавкова: 2001, 308).

ДРАМСКАТА ПЕРСОНА НА МАРКО КРАЛЕ

Како што напоменавме, во нашата анализа ќе го анализираме микроконтекстот на песните и присутните мотиви преку макроконтекстот на историјата, а медиум преку кој се воспоставува таа врска и содејство е наративниот лик и глас на Марко Крале. Песните во циклусот за Марко Крале се напишани во форма на драмски монолози во кои Марко Крале ја има улогата на драмската персона.

Оваа карактеристика на драмската персона е изразена и во Марко Крале, кој во исто време е наратор, учесник во настаните, но и модерен лирски субјект. Како што ни укажува С. Мицковиќ, „поетското кажување се потпира врз терк опредметнуван низ древноста, така што и идејата за минатото добива на длабочина“, при што „легендата за една историска личност од минатото му придава на тоа минато димензија на чудесност“, „на поетското кажување му дава уверливост од повисок ред“, „но и го ослободува од обврската пред историскиот оригинал“ (Мицковиќ, 1986: 148). Ова повикување во исто време на историскиот оригинал, но и на легендата за него му овозможува на Конески да направи комплексен лик од Марко Крале, но и да го оттргне од ограничувањата на епскиот лик и епскиот дискурс. Марко Крале во циклусот на Конески сѐ уште ги задржува митските карактеристики од народните легенди и епските песни, но во авторската постапка на Конески тој ја напушта дводимензионалната херојска рамка на епот и се здобива со една субјективност и психолошка длабина.  Мицковиќ понатаму укажува дека „Конески на Марко Крале му го всадува средиштето на кажувањето, тој е сега Марко, лирскиот субјект“, а „минатото е говорено низ субјектот – учесник и свидетел“. Но, Марко Крале не е само субјект на минатото, тој е и субјект на сегашноста, на модерноста во која се артикулира „внатрешната човечка драма“. Во него се преплетуваат дискурсите на историјата, минатото, митот и легендата, како и современието, што овозможува преку неговата структура како лик и наратор да се искажат и зацврстат елементите на македонскиот идентитет, но и да се вклопат во една современа рамка.

Во последните 4 песни од циклусот, гласот на обичниот човек, кој воедно е и симболичниот глас на македонскиот народ, може да се слушне и пренесе единствено преку гласот на ликот на Марко Крале. Тоа му го овозможува форматот на драмскиот монолог, чија основна одлика е фактот дека целата нарација и сите ликови се пренесуваат преку гласот на драмската персона. Но, за разлика од Браунинг, каде што гласовите на другите ликови или дискурси се прераскажуваат или имитираат, Конески во овој циклус иде подалеку и подлабоко во оваа постапка. Гласот на обичниот човек и на македонскиот народ буквално продира во свеста и говорот на самиот Марко Крале,  како што можеме да видиме во „Стерна“: „Ми бучи Стерната во уши како никогаш/како да претекла сета во мене,/овде во гради/и по дамарите/ ми приидуваат темните подземни водје без починка“ (Конески, 1990: 294). Тој глас се интериоризира во речта на Марко Крале, така што од тој момент тој се јавува само во неговата свест и потсвест, како меморија која ја чува и го измачува.

Во „Кале“, тој во сонот ги гледа и ги слуша маките и страдањата на својот народ: „пискотат мртвите младенци во мојот улав сон/со укор на тажни ангелчиња“. Тие го обвинуваат за неговиот неуспех да ги одбрани и за жртвите што ги дале поединечно и како колектив: „ти не си гледал како гинеме, Марко Крале, ние гиневме“ (Конески, 1990: 299). Во „Марковиот манастир“, тие се јавуваат во фантазмагоричното оживување на светците од фреските, тие се „привидот на мојата свест“ (Конески, 1990: 299), а единствен глас кој го слуша е липањето на Рахила, која плаче над мртвите младенци. Тој глас на обичниот народ се јавува како интерференција во неговата реч, во неговиот дијалог со злото, при што нивната заштита и спас добиваат исто значење како и универзалната борба против злото, која е основа на секоја легенда. Дискурсот на реалната историја на тој начин влегува во дискурсот на легендата и на поезијата, при што ја видоизменува и приспособува за да може соодветно да го изрази дадениот историски наратив на општеството во настанување.

АвторМилан Дамјаноски
2025-02-11T19:02:28+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 155|