1.1.1 ДРАМСКАТА ПЕРСОНА
Една од најважните карактеристики на драмскиот монолог е улогата што ја игра драмската персона, која е централниот лик во монолозите бидејќи преку нејзините зборови дознаваме за сите настани во песната. Таа е единствениот прозорец низ кој ги гледаме и доживуваме темите, содржината, но и другите ликови во песната. Драмската персона е главниот и единствен наратор во песната. Според класификацијата на Женет, таа е хомодиегетски наратор која дури и го потиснува во заднина и самиот автор затоа што навидум не остава простор за никаква друга авторска интервенција или нарација во самата рамка на текстот. Второ, драмската персона со тоа што е главен наратор претендира на улогата и авторитетот на сезнаечкиот наратор или пак на цврстиот и доминантен авторитет на авторот, но никогаш не успева да ги исполни тие очекувања на книжевната форма, ниту пак очекувањата на читателот кој при самото читање на текстот ѝ ја дава својата доверба. Токму таа изневера или неуспех, тој јаз помеѓу објективноста на авторот и фиктивната објективност на драмската персона отвора простор за сомнеж кај читателот, што е првиот предуслов за повнимателна анализа и оцена. Таа пукнатина воедно создава простор за сомнеж во објективноста, вистинитоста и авторитетот на текстот, но и на идеологијата и општествената реалност, која ја претставува и чие отелотворување и материјализација се стреми да биде. Читателот е принуден во својата интерпретативна постапка да погледне подобро во самата идеолошка структура, со што му се дава можност и да ги согледа скриените, потиснатите значења, но и негирањата и елиминациите на одредени непогодни вредности и реалности, постапка што идеологијата секогаш ја врши.
ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ КАЈ БЛАЖЕ КОНЕСКИ
Блаже Конески во својата поезија доаѓа блиску до моделот на драмската персона и драмскиот монолог на Браунинг во својот циклус за Крале Марко, збирката песни Везилка и Проложни житија. Меѓутоа, за разлика од Браунинг, Конески твори во сосема спротивни општествени околности. Во неговиот случај книжевноста, т.е. поезијата треба да одговори на предизвикот на раѓањето на македонското општество, како и на заокружувањето на процесот на дефинирањето на македонскиот идентитет. Таа треба да помогне и да овозможи потиснатиот глас на македонскиот идентитет да дојде до израз, но и да ги усвои и приспособи светските културни и книжевни традиции и вредности. Неговата почетна точка е македонската народна поезија, која треба да се преосмисли во нови рамки и форми кои ќе одговараат на барањата на новиот општествен момент. Неговата поезија е простор на кој се среќаваат и стапуваат во идентитетски дијалог гласовите на македонскиот народ од епскиот и херојскиот до интимниот и субјективниот, во традиционалните форми на народната поезија, која добива свој нов модерен израз соодветен на времето во кое таа настанува, времето на формирање на современата македонска држава по Втората светска војна.
Таа негова определба најдобро може да се види во неговите Проложни житија каде што, врз фонот и структурата на средновековните црковни житија на светците, ги раскажува животните приказни на обичните луѓе. Блаже Конески ги врамува овие приказни во тој дискурс и интерпретативно очекување прво преку насловите, како што се: „Житие на Бона“ и „Житие на Таса Бојановска“, потоа „Успение на Тетка Менка“ и „Свети Спиридон Нови“. Конески како ликови во своите песни ги бира членовите на своето потесно семејство или опкружување. Со широкиот избор на различните судбини, тој успева да покрие еден широк спектар на ликови, кои ги рефлектираат и отелотворуваат судбините на обичниот маж и жена во македонската историја. Со персонализирањето на приказната на обичниот човек, но во рамките на еден традиционален жанр, кој е вклопен во опсегот на дискурси преку кој се пренесуваат историјата и традицијата, тој успева да го вклопи и гласот на обичниот македонски човек, кој претходно не е целосно опфатен и не му е дадена важност во општествените наративи, особено во наративите на доминантните освојувачки култури.
Ликовите во Проложни житија на Конески успеваат да ја пренесат интимната драма на поединечниот живот, но во исто време и да го трансцендираат и да прераснат во симбол на страдањата, но и преживувањето на македонскиот маж и жена. Како што укажува Мицковиќ, кај Конески „претставата за жртвата е опредметена на некаков тивок и незабележлив начин, во самиот живот, во подвигот што се прави спонтано и секојдневно“ (Мицковиќ, 1986: 116). Тоа е особено случај кај женските ликови како што се Белата Тетка, Тетка Менка, Бона и Таса Бојановска, од кои секоја на свој начин го претставува искуството на македонската жена и премрежињата со кои тие се соочувале за да ги зачуваат семејството и своите деца.