ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

/, Литература, Блесок бр. 155/ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

ДРАМСКИОТ МОНОЛОГ ВО ПОЕЗИЈАТА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Вовед

Блаже Конески во Разговори со Конески вели дека „работата на поезијата е да бара некои посуштествени елементи во она што можеме да го наречеме историска традиција, културно-историска, национална и слично“ (Андреевски, 312). Една од тие функции е да го одржи или повторно да го воспостави континуитетот со традицијата, како еден од главните и најпродуктивни општествени дискурси. Таа функција произлегува од потребата на едно општество за истакнување и надградување на својата идентитетска основа и корени, но во исто време и на поединецот да го потврди својот идентитет, при што еден од главните чинители е поврзаноста со колективниот идентитет, дали тоа е на ниво на семејство, група, заедница, нација, општество или држава.

За Конески една од суштествените одлики на поезијата е актуализацијата на зборот, а ние би додале и една од најзначајните еманации на зборот, а тоа се речта и традицијата. Притоа, тој во поетот не гледа како на „медиум на натприродните сили, натчовек, гласник на провидението“ (Конески: 287), т.е. туѓо му е романтичарското сфаќање на поетот. Во неговото сфаќање зад поетот „не стојат виши сили, ами стои јазикотворечкиот колектив, со сета своја традиција, која секој нов креативен чин го вклучува во еден траен и непрестаен тек“ (Конески: 287). Поетот како личност со изразена чувствителност кон потребите на  своето опкружување ја согледува појасно таа потреба како на индивидуален, така и на колективен план и го води кон тоа да ја изрази низ своето дело. Како што самиот Конески истакнува: „очевидно, дека сепак нешто во човека има што се одликува со некаква поголема трајност, го конституира на некаков начин  неговиот внатрешен живот и тоа доаѓа до израз во различните фази на неговото егзистирање во светот“ (Андреевски, 310), „дека има една сфера што може во потесна смисла да ја обележиме како интимна и една сфера во која човекот се вклучува и со својата, да кажам, припадност кон општеството и кон различните формации во тоа општество“ (Андреевски, 310).

Тоа на што сакаме да укажеме во нашиот труд е дека Блаже Конески во еден дел од својата поезија тоа го искажува и го овоплотува со една постапка која е блиску до моделот на драмската персона и драмскиот монолог на Роберт Браунинг, еден од најзначајните англиски поети од викторијанскиот период. Врската може да ја најдеме и во централната улога која формата на драмскиот монолог ја игра во рамките на модернистичката поезија, која е поблиску до времето во кое живее Конески. Таа поврзаност и поетско-жанровска сродност може да ја видиме во неговиот циклус за Крале Марко, збирката песни Везилка и Проложни житија.

 

ДРАМСКИ МОНОЛОГ

Драмскиот монолог се карактеризира како хибридна форма која ги руши границите на двете форми од кои потекнува: лирската поезија и драмата со своите монолози и солилоквиуми.

Самата форма и природа на драмскиот монолог ги наметнува оваа полиакцентност и повеќегласност во монолошката структура на песната, но и неуспехот на романтичарската поезија со својот монолошки лирски субјект да се справи со повеќегласната и мултиплицирана општествена реалност. Токму затоа, поезијата се врти кон еден друг книжевен жанр на кој му е својствена и вродена повеќегласноста, а која е поблиску според својата еволуција до поезијата отколку до романот, а тоа е драмата.

Првите ликови што се јавуваат во драмските монолози на Тенисон и Браунинг („Св. Симеон Столпник“, „Љубовникот на Порфирија“) во 1830-тите се ликови кои се на границите на прифатливото, на нормалното, на нормираното. Овие први монолози како да ги навестуваат и најавуваат можностите на новиот хибриден жанр на драмскиот монолог или на монодрамата, како што на почетокот се опишува оваа нова форма.

Ние сакаме да укажеме дека оваа отворена, прекршена и слоевита структура на нарацијата овозможува и да се видат и прикажат потиснувањето, подвоеноста и есенцијализацијата што општеството со својата доминантна идеологија и дискурси ги врши. Тоа го прави драмскиот монолог многу податлива форма за критика и анализа на општеството и неговите горливи проблеми, конфликти и дилеми.

АвторМилан Дамјаноски
2025-02-11T19:02:28+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 155|