ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

/, Литература, Блесок бр. 153/ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

ГОВОР ВО ЧЕСТ НА ПОЕЗИЈАТА

(Влада Урошевиќ, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, 2023)

 

„Кога би бил критичар на сопственото дело, би рекол дека мојата поезија се стреми кон чудесното“ – ќе изјави Урошевиќ во една прилика. Или, кажано поетски: „Мојот верен сојузник е променетото значење / За вас, лета птица. За мене, се сели остров.“ Ослободената, од секакви стеги, поетска имагинација на Урошевиќ има моќ да креира цел еден космос во мало. Поетскиот текст е сликовна (иконична) или моделативна проекција на светот која воопшто не претендира кон верност и сеопфатност, туку „сака да биде своевидно чудо – знак на победата на имагинацијата врз реалноста“ – како што автореференцијално ќе истакне тој по повод стремежот за материјализација на илузијата (обид отсутното да се направи присутно).

„Беше есен и сезоната завршуваше во Охрид 
а на пустиот кеј над кој пискаа галеби 
стоеја неколку јапонски семејства 
со големи патнички куфери изналепени со етикети 
тие чекаа упорно и немаше никој да им објасни 
дека летниот бродски возен ред престанал да важи 
дека капетанот починал машинистот е пензиониран 
и дека оттука по вода и нема каде да се замине. 
И останувањето има понекогаш своја вртоглавица.“

Овие стихови од песната „Патници“ на Влада Урошевиќ, „in medias res“ нè воведуваат во средиштето на поетскиот лавиринт на авторот: аспектот наративност, настан со непредвидливи последици, исчекор од нормалата, драматичност, претпоставени паралелни светови, хронотопски вкрстувања на блиското (медитеранските пејзажи, мириси и бои на Охрид) со далечното (Јапонија, Земјата на Изгрејсонцето), на познатото со непознатото/другото и туѓото, но и на сегашното со некогашното и идното, стапица во која упаѓаат ликовите – патници кои не можат да отпатуваат… Заменете ги јапонските туристи со нас, овде присутните, затворени во прекрасната катедрална црква „Св. Софија“ која, како „место на преминот“ низ вековите, би се трансформирала во некаков закотвен Ноев ковчег и ќе добиете една заканувачка атмосфера или „опсадна состојба“, како што би рекол нашиот вечерашен лауреат, но и една суптилна, интелектуална иронија – омилената техника на Урошевиќ и заштитен механизам од патетиката и баналноста.

Илузијата, играта поттикната од стиховите на Урошевиќ не е случајна: за него, илузијата е исто толку силна (или исто толку значајна) за нашите внатрешни сетила колку и реалноста; таа е, несомнено, еден од аспектите на имагинацијата, а Урошевиќ, како потврден географ на имагинарното, е „поет магионичар/илузионист, кој го заговара правото на поезијата на сопствена херметичност, двосмисленост и апоричност“ – како што ќе рече акад. Катица Ќулавкова. Поетот Урошевиќ, пасионираниот вљубеник во Чудото, луцидно би додал: „Има мигови кога сè конечно добива своја вредност / и кога заблудата, и онаа најлудата, / е единствен пат кон чудата.“ Да се биде зачуден по секоја цена! – тоа е лозунгот на оваа поезија, во стилот на една изјава на хрватскиот поет Антун Бранко Шимиќ што датира уште од пред речиси стотина години, а која гласи: „Поетите се чудење во светот.“ Несомнено, Влада Урошевиќ ја потврдува оваа дефиниција, сеедно дали е тој „оној што се смее или оној што се плаши“ – како што вели во песната за сликите на Хиеронимус Бош во една од своите рани поетски книги.

Но, погрешно е да мислиме дека поетот Урошевиќ создава измислени светови во кои не постојат знаци на искуствената реалност. Илузијата е само една од многубројните „патеки што се разгрануваат“ во поетскиот лавиринт на Урошевиќ; комплементарно со необичното, несекојдневното и чудното во оваа поезија е реалното, вистинското доживување на светот. Во оваа смисла, во првиот дел од веќе споменатата песна „Патници“, лирскиот субјект ќе заклучи: „Вистинското патување е вртоглавица што ја чувствува / каменот фрлен во бездна без одек.“ Сеедно дали е реално или имагинарно, Непознатото мами и неодоливо привлекува, дури и „станува сè позаразно / стремењето кон Неверојатното“ – со восхит предупредува поетот!

Влада Урошевиќ и самиот е лик-лавиринт, исклучителен интелектуалец-ерудит, чудесно љубопитен, аристократски дух, инспирација и пример за младите генерации, несекојдневна личност што ја обележува не само македонската туку и европската книжевна сцена од втората половина на 20 и првите две децении на 21 век. Поет космополит, еден од најавтентичните и најоригиналните гласови во нашата поезија, претставник на генерацијата современи македонски поети – модернисти, најинвентивната во поглед на поетскиот јазик и израз, генерација што трајно ја определи физиономијата на нашата поезија како „европска појава“. Поезијата на Урошевиќ не е затворена во строго национални рамки, туку е дијалошки свртена кон европското (и светско) културно и цивилизациско наследство. Неговите стихови пулсираат во ритамот на магијата, но и на „заумниот јазик“ на руските футуристи или на „фонетските песни“ на дадаистите, се хранат со архетипските и со алхемичарските симболи, носат траги од онирички, митолошки и ритуално-магиски слики, се напојуваат од научни и од псевдонаучни (алтернативни) сознанија, се препуштаат на тајните, мистични сили на природата во стилот на руските симболисти, создаваат „места на меморија“ (градот, куќата, библиотеката, театарот и музејот се чести топоси кај Урошевиќ) како израз на космогониски чин на средување на светот, но и атмосфера на катастрофичност што управува со урбаниот хаос по углед на германските експресионисти. Конечно, неговата фасцинација од чудното и чудесното треба да се доведе во корелација со надреализмот, но не со надреалистичката техника на „автоматските текстови“, туку со надреалистичката потрага по „секојдневната магија“, односно со постапката на „миракулизација на секојдневието“.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2024-05-12T11:55:50+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 153|