#1 Првата средба со песните на М.Т.Ц. Кронин ја имав кога за објавување го подготвував CD-ROM-от Babylonia, во април 2004. Татјана Лукиќ ми се обрати со идеја и М.Т.Ц. Кронин да биде застапена на Babylonia. Но, материјалот веќе беше пуштен на умножување и едноставно немаше време за песните на Кронин да се преведат и да се објават во електронски формат. Сепак, Тања беше упорна со идејата Блесок да ги објави овие песни. Кон крајот на 2004 добивме и официјална потврда дека Австралискиот уметнички совет ќе учествува во објавувањето на книга од избрани и нови песни од Кронин. За да го задржиме духот на Babylonia, со Тања се договоривме книгата да ја објавам на македонски, српски, хрватски и босански. Така почна… За жал, некаде на половина пат во преведувањето, Татјана беше принудена да се откаже. За ова и ден-денес најискрено жалам. Времето е пред нас, па ќе направиме заедно некои други книги.
Во меѓувреме, јас преведов дваесетина песни на македонски, следејќи го изборот и поделбата која М.Т.Ц. и Тања ги направија. Морам да признаам: песните од М.Т.Ц. Кронин кои требаше да ги преведам не ме освоија на прво читање. Песните ми се чинеа премногу сложени, набиени со слики, мисли, синтагми и метафори кои одделени едни од други можат да бидат бесмислени и нелогични. За првпат во овие петнаесеттина години откако преведувам, ми се чинеше дека нема да успеам. Седнав и почнав да ги читам. По некое време сфатив дека сум во некое инакво опкружение, во ново расположение, во свежи слики кои станаа сосема логични и цврсто поврзани. Ви го кажувам ова зашто сакам полека и претпазливо да ве воведам во поезијата на М.Т.Ц. Кронин. Ова не се стихови кои треба да се прочитаат само еднаш. Ова е поезија кон која треба да се пристапи исклучително внимателно и со почит.
М.Т.Ц. Кронин не се сопира во пишувањето: можеби затоа, некои од стиховите ќе ве потсетат на автоматското пишување на француските надреалисти. Кронин не се воздржува од користење на зборови кои не се баш вообичаени за каноните на „убавата книжевност“, што и да треба да значи тоа. Таа не се сопира да жигоса, да опцуе, да викне. Ниеден живот не е создаден единствено од мирни и милни зборови. Сите ние викаме, пцуеме и колнеме, на овој или оној начин. Некои од нас тоа го прават искрено. Онака како што М.Т.Ц. ја пишува својата поезија. Секој од овие 1699 стихови кои се пред вас е сведоштво за една постојана потрага по правдата и вистината:
Зашто сите нешта кои ги пишувам
Дури и оние кои се чинат
Дека немаат смисла
Се вистинити
Некаде во мене
(Кон она што го создадов, 2)
#2 Стихови искрени, јасни, оправдувачки, насликани врз безличниот божји пејзаж, со остри потези, со сигурна рака. Обрасците на однесување според востановениот ред на нештата, шаблоните според кои нечија совест може многу лесно да се ослободи од товарот на вината, кај М.Т.Ц. не поминуваат тукутака: Орање на војниците, Тампа: За давениците кои беа гледани, Устројството на ѕвездите, Законот на злосторот, Законот на раната… се некои од показите за овој мој заклучок. Како што наложува во еден свој стих – Опиши – Кронин се претвора во бележник на сето она што минува низ неа: за сите да знаеме, за да споделиме, за да се замислиме над судбината на светот. За да се насмееме пред глупостите. За да ги стегнеме тупаниците кога глупостите ќе станат прекумерни и далеку од забавни. Зашто, мудроста на срцето понекогаш може да се чини далеку од умот, но и да биде повистинита од она што некој ни го сервира како точно и исправно. Тука е клучот и за оваа поезија: во препуштањето на обилниот ток на мислата на поетесата, во помнењето и споделувањето. Во вистинитоста која лежи во секој од нас, без оглед колку е болна понекогаш.
28 јули 2005
Скопје, Република Македонија