Анализа на една катализа

/, Критика, Литература/Анализа на една катализа

Анализа на една катализа

(или: анализа на 15 „неважни“ страници во еден важен роман)

1. Увод

Текстот кој следи е обид да се осветли функционирањето на онаа развикана формула од литературната наука: „единство на содржината и формата“. Ќе се обидеме тоа го сториме преку анализа на однесувањето на една катализа. (Терминот катализа го преземаме од прочуената статија на Ролан Барт: „Увод во стуктуралната анализа на раскажувањето“1F).
За да ја избегнеме необично отпорната константа на човековиот карактер – изживување во широчина, ќе се ограничиме на краток фонд од 15 страници од роман на хрватскиот писател Јанко Лесковар (1861-1944). Краткиот роман за кој ќе стане збор има 105 страници, се вика Пропали двори (прво издание 1896), а нашата работа се 15-те страници од 47 до 622f.
Одбрани се 15 страници кои во целината на делото се чинат сосем неважни, дури и излишни; тоа е точно оној дел од романот, што просечниот читател го прерипува, што може и визуелно да се долови со левтерно загледување на маргините. Читателското внимание на споменатите петнаесет страници попушта, откако читателот регистрира дека во нив не се случува ништо важно.
Главниот јунак Павле сретнува неколку небитни луѓе од аспект на фабулата и со нив поведува разговор од којшто не произлегува ништо битно за заплетот; тој се наоѓа во низа излишни ситуации; читателот доживува редица слики од соседството. Според Јакобсон, таа згуснатост на раскажувањето е прв сигнал дека читаме дело од реалистичен жанр. (ова е роман од т.н. Психолошки реализам).
Но нашето прашање е дали секоја од тие средби (предикации) на главниот јунак според нивниот ред и обем, значи формално, стои во врска со содржината на романот? Дали има врска што Павле прво се сретнува со клучарот, а потоа со стрикото или тоа случајно така се залепило едно до друго? Нашата елаборација ќе оди во правец на покажување дека секоја средба, јадење, спиење и пиење имаат, според редоследот и интензитетот во кои се дадени, своја конкретна функционалност во делото.
Со други зборови, да се покаже дека следот на настаните (дури и оние наоко неважните) како елементи на текстуалното ткиво-ознака произведува одредени особини кај ликот или лик кој е носител на одредена идеја-означено. Прашањето е: како текстот произведува одредени особини кај ликот?

2. Што се случува?

Ова е роман за маж меѓу две жени, а на нашите петнаесет страници го има само мажот и ниедна од жените. Тогаш не може да чуди што нестрпливиот читател во ова бурно време заинтересиран да види која жена Павле ќе ја одбере, а свесен дека „секој живот има свои досадни патеки и секоја книга свои досадни делови“ (Расел) во Сергеј Бупка – стил, делот го прерипува, не прочитувајќи го. Но, тука скокот со стап се покажува како непромислен потег, бидејќи во овие страници лежи клучот за толкување на (не)изборот на Павле и неговите жени.
За неупатениот читател, должни сме најнапред да го претставиме овој сериозно од проблеми начнат човек и неговата средба прво со едната, а потоа и со другата жена. Тоа бидејќи во моментот кога е романот отворен 27-годишниот Павле зад себе веќе ги доживеал турбулентните спојки со жените. Тие сцени се дадени во ретроспектива и затоа се надвор од раскажувачкиот презент, а кои единствено се предмет на овдешната анализа.
Распаќениот Павле е стројно, високо и привлечно момче со брада во шилец форма и со од сонце опалено лице. Во ондешниот културен код – брадата го дефинира како модерен човек, а потпалениот тен го оддава неговото неаристократско (селско) потекло. Павле поседува и духовни квалитети. Вешто музицира, а во редот на талентите се вклучува и неговата економска умешност. Кога пораснува, му станува партнер во економските разговори на соседот Жига Борковиќ. Тоа паѓа во незгоден момент кога на Павле му рипаат хормоните и тој се вљубува во убавата ќерка на соседот – Људмила. Девојката му ја возвраќа љубовта и тие се дружат неколку години со меѓу себе неизречени симпатии. Еден убав ден на имотот на соседот – аристократ доаѓаат некои далечни роднини (веројатно на начин опишан во подоцнежната идентична сцена дадена во раскажувачки презент: со кола за спорт од која изрипуваат дами со ѓердани околу високите вратови и господа со месести шии). Комплексите се здодевни како муви и нападнат од мувите Павле еден ден ќе ја завлечка Људмила, забавена околу роднините, во околното шумиче.
Паднат на коленици пред збунетата девојка тој набрзина ќе ја објави својата љубов. Бидејќи секоја брза кучка раѓала слепи, брзиот Павле заслепен од љубовта нема да види дека од зад трегерите му навираат засмеани роднински прилики. Тоа што нема да види тој, ќе види таа.

#b
1. во книгата: „Теорија на прозата“ избор на текстови, превод и предговор Атанас Вангелов, Детска радост, Скопје,1996.
2. според изданието: Јанко Лесковар: „Пропали двори“, „Матица Хрватска“ Зора – Загреб, 1963, од едицијата – „Pet stoljeća hrvatske književnosti“ (книга бр. 59).

АвторЈасна Котеска
2018-08-21T17:22:17+00:00 март 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 01, Критика, Литература|