АВАНОС

Ѓувезија Дубровска ја фати за рака и се обиде да ја исправи, но во дланката осети пот и влага, како да држеше студена кал и тиња.

– Што ти е, повтори Ѓувезија Дубровска, целата си жива вода.

– Ми е страв, повтори Сија Хаџибанова. И од тебе ми е страв, повторуваше целата избезумена. Како часовник ѝ чукаше целото тело.

– Смири се, рече Ѓувезија Дубровска, стравот е само несвесно чувство.

– Што ти направи грнчарот, праша Сија Хаџибанова.

– Ништо, рече Ѓувезија, ми пресече малку коса.

– Можеби затоа ми е страв, рече Сија Хаџибанова.

– Но мене ми пресече, рече Ѓувезија Дубровска

– Затоа ми е страв и од тебе, рече Сија Хаџибанова.

– Ама, започна Ѓувезија Дубровска, но реченицата не ја доврши. Всушност, не сакаше да го чуе одговорот. Стравот што го покажуваше Сија Хаџибанова почна полека да ја префаќа и Ѓувезија Дубровска. Ѝ се заденуваше како сипаница, како коњска мува. Наеднаш се почувствува излажана и ограбена. Иако беше свесна дека косите се стрижат и бричат, таа сето тоа сега го разбра како одземање на еден дел од нејзината глава. И почна едно по друго да се пофаќа по главата и да си ја бара таа лузна што ѝ ја направи грнчарот.

2.

Кога се врати дома, веќе веруваше дека во Аванос ѝ останало нешто повеќе од едно перче коса и дека дома си дошла сосема празна. И уште еднаш почна да ѝ шуми нешто во главата. Нешто како ветар кога влегува во шума, меѓу суви лисја. Господи боже, си рече, зар косопасот ми се качи на глава. Можеби беше нечиста раката од грнчарот, си мислеше, а можеби неговите ножици. И фати да се чеша над челото, зад ушите, по темето. Под ноктите ѝ навлегуваше кирот од кожата, ама јадеж не ѝ се јавуваше. Како да чешаше туѓа глава. Но кога си погледна во рацете, не можеше да им поверува на очите: цели тутки влакна ѝ беа намотани околу прстите. Како на гребен, како на гребло. И тогаш ѝ се вивна некој пламен, целата се вџаси. Викна:

– Мајко, дојди да видиш!

– Што да видам, праша мајка ѝ.

– Нешто имам на главава…

– Не будали се, ѝ вели мајка ѝ.

–  Вистина е, вели Ѓувезија Дубровска, го слушам и звукот. Како да ми пасе некој полжав, како да ме лази некоја гасеница. Така ми шуми на главава, вели.

– Ти шуми во главата, вели мајка ѝ.

– Гледај, вели Ѓувезија Дубровска подавајќи ги рацете.

– Што те натера да си ја кубеш косата, несреќо?

– Некој друг ми ја кубе, вели Ѓувезија Дубровска.

– Јас ништо не гледам, вели мајка ѝ.

– И јас ништо не гледам, Ѓувезија Дубровска, но слушам. Некоја болест ми се качила на главава и си го слушам мрдањето на влакната.

– Ќе ти помине, вели мајка ѝ, нема заматена вода што не се избистрила.

– Ова не поминува, вели Ѓувезија Дубровска. Веќе ми е страв да си ја пофатам главава. На секој допир ми капе косата. Како роса ми капе, вели.

– Ами од кога така?

– Не знам, вели Ѓувезија Дубровска, од вчера, од завчера. А можеби сето тоа почна уште во Аванос. Откако еден грнчар ми зеде коса од главата. Оттогаш нешто постојано ми шепоти: кога сакаш да умреш и колку време сакаш да умираш? И кај сакаш да ти продолжи животот по смртта? А јас знам дека човекот цел живот умира. Само што ќе се роди и почнува да умира, вели Ѓувезија Дубровска.

Мајка ѝ стоеше над неа и ја слушаше занемена.

Ѝ се стори дека кренала висок оган и дека блада со нездрав разум. Кога се прибра само праша:

– Ами што те избудале да оставаш коса?

– Грнчарот, рече Ѓувезија Дубровска. Ми рече: овде ќе бидеш вечна, постојано жива. И по сто, и по илјада години. Косава секогаш ќе те брани и секогаш ќе сведочи за тебе. Таа никогаш нема да побели и да остари.

– Да чува Господ и да брани, рече мајка ѝ, ти ја пушташ по светот, а таа ти се враќа без глава. Како дозволи, чумо една, да те стрижат како овца, писна и си ја поткаса устата. Се прекори за тоа што го рече. И самата не знаеше како ѝ избегаа од устата тие пакосни зборови што беа толку блиски до клетва и прокоба. Таа никогаш така не подвикнала. Ѝ падна жал и се расплака. Треба јас да плачам за тебе мајко, рече Ѓувезија Дубровска и стана, ја прегрна. И после, така прегрнати, обете плачеа заедно.

Долго и мачно ѝ врвеше времето на Ѓувезија Дубровска. Денот ѝ поминуваше во страдање, а ноќите во долга бессоница. А кога ќе успееше да заспие, сонуваше морничави соништа. Нејзината глава постојано беше во рацете на грнчарот. Ја замесуваше во глината, ја вртеше на грнчарското тркало и правеше разни форми од неа. Беше ужасно да се гледа како устата ѝ ја префрла на челото, очите на тилот, а ушите под гушата. И како потоа, со еден брз зафат на палецот, пак ѝ ги враќа на местото. Потоа ја ставаше да се пече заедно со сите глинени садови. А кога ќе ѝ дожежеше, таа се разбудуваше со уплашени очи и целата испрскана со студеникава пот. Ѝ го раскажуваше сонот на мајка си и мајка ѝ не знаеше кој пат да го фати. Бараше помош од Господ, а бараше и по клиниките. Но и дерматолозите беа изненадени и збунети: секој одредуваше различна дијагноза и секој препишуваше различни лекарства. Треба да се разбуди коренот на косата, велеа, треба да се подобри почвата. Како да се работеше за бостан, за зеленчукова градина. Од исхраната ѝ ги исфрлаа мастите, а ѝ ги внесуваа витамините и минералите. И таа испи сè што ѝ дадоа и се намачка со сè што ѝ рекоа, но подобрување немаше. Рѓата сè така ѝ стоеше на главата: копаше, кубеше, си работеше и никако да запре, да се помрдне. А времето брзаше, дали брзаше. На крајот и лекарите почнаа да креваат раце. Велеа: се работи за некое подмолно заболување на косата што го нагризува нејзиниот корен. Некој непознат паразит, некоја ларва, габа, што ли…

АвторПетре М. Андреевски
2024-05-12T11:55:25+00:00 мај 12th, 2024|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 153|