Од 19 до 23 октомври, пет вечери со четиринаесет концерти на врвни имиња, на три локации, го красеа годинашниот, 31. „Скопски џез фестивал“
#1„Скопски џез фестивал“ е еден од ретките, ако не и единствен во земјава, кој се чини умее да замижи пред економската, но и пред духовната криза. Според програмата и на ова, 31. издание, се чини дека овој фестивал не го допира општата апатија, меланхолија или, ако сакате, резигнираност – чувства што како вируси се шират меѓу институциите, но и меѓу поединците. Кризата, во секој контекст, е добра за уметност но, велат, не и за култура. Тоа, за среќа, не се однесува на џезот кај нас. Па, иако некомерцијална, што е уште подобро да се одржи континуитетот на реномето градено три децении наназад, овогодишната програма е одлична и тоа укажува дека, сепак, некои традиционални вредности опстојуваат и на ова наше какофонично поднебје.
#2Четиринаесет концерти во пет вечери и многу публика – тоа е кусиот опис за годинашниот џез фестивал кој траеше од 19 до 23 октомври, сместен на три локации, Универзална сала, Македонска опера и балет и Сити хол центарот наменет за полноќните настани, а кој понуди богатство од звуци – иновативни и традиционални, многу аплаузи на отворена сцена, емоции, но и многу свирачка енергија и изведувачки мајстории.
#3„Скопски џез фестивал“ во своето 31. патување почна со авангарден американски џез, на изненадување на повеќемината присутни во преполната Македонска опера и балет, со концертот на големото име – чикашкиот саксофонист Ентони Брекстон (Anthony Braxton). Тоа е и можеби елементарната врвка за која можеме да се фатиме и да му го дадеме на фестивалот епитетот „ненасилен“. Овој пат, за среќа, го немаше оној гламурозен, спектакуларен „црвен тепих“ вообичаен за отворањата на македонските фестивали и премиери во последно време. Па, и покрај присуството на т.н. македонска елита, културна и политичка, „Скопски џез фестивал“ за својот почеток понуди нешто невообичаено, нешто што не е за сите вкусови. И тоа е добро да се случи денес и овде за да ги задржиме и оние малку вистински естетски, културолошки репери што ни останаа.
#4А Ентони Брекстон, кој четири децении создава сопствен, уникатен музички јазик, свои автентични звучни графикони, под влијание на револуционерите во европската и американската музика, претставниците на музичкиот XX век како што се Штокхаузен (Stockhausen), Ксенакис (Xenakis), Кејџ (Cage) или Ајвс (Ives), го даде токму тоа што го очекуваа познавачите на џезот и на современата музика. Инвентивните звуци на Брекстон ги задоволија гладните за нешто различно, а ги разочараа оние што сакаа да се забавуваат. Неговата музика бараше целосна концентрација и грижливо, посветено слушање. Па, тие што сакаа, слушаа.
#5Ова негово второ гостување во Скопје беше во формација на квартет заедно со помладите Тејлор Бјунум (Taylor Bynum) на труба, Ерика Дикер (Erica Dicker) на виолина и Џејмс Феи (James Fei) на алт саксофон, и претставуваше настан кој ретко се случува на нашиве простори. Иако некои од публиката потоа во кулоарите полемизираа дали е тоа џез или дали се наоѓаме на фестивал на современа класична музика, а имаше и коментари од типот дека, конечно, треба да слушаме музика која ќе нè ослободи од стегите на невремето што го живееме, а не комплексни звуци, но доаѓањето на ова име кај нас е ексклузивитет. Особено Ентони Брекстон, но и неговата придружба, се толку длабоко навлезени во музиката и како наука и, се разбира, како искуство во впивањето на нејзината стилска и жанровска широчина, што се одлучиле да ја „минимизираат“ и со неа да експериментираат и во изразна и во техничка смисла. Брекстон, кој се „грижеше“ и за електрониката, со неговата екипа воодушевија и како инструменталисти, но нивниот принцип на создавање музика, претежно врз база на алеаториката или на слободниот систем на творење кој никогаш во суштина не е слободен, туку е мошне дисциплиниран, е за почит.
#6Фестивалот вечерта продолжи во еден сосема поинаков музички дух, пожив, поенергичен, послушлив, подостапен за разновидната публика – концертот на гитаристот и диригентот од Данска, Пјер Дорг (Pierre Dørge) и неговиот деветчлен оркестар „Њу џангл“ (New Jungle Orchestra), на кој како гостин им се придружи реномираниот флејтист од Индија, Шашанк Субраманијам (Shashank Subramaniam). Иако нивната музика е спој на повеќе влијанија – и од џезот, но и од разновидните музички традиции и култури, како Африка и Азија, на пример – овој бенд, сепак, носи една своја препознатливост и индивидуалност. Некои од членовите, па и самиот Дорг, кој се покажа како одличен водач, ја забавуваа публиката и со хумористичните начини на свирење и движењата на сцената. Тоа своевидно шоуменство беше пресликано и во дел од музиката. Иако повеќе пленеа и поуверливи беа оние романтични теми како композицијата создадена во чест на еден нивен поранешен член, а која звучеше како симфонија со кларинетот во главната улога. Несомнено, сите ги покажаа и своите интерпретациски мајстории, а кога се појави Субраманијам со својата индиска флејта, концертот доби една нова, мантрична димензија.
Втората фестивалска вечер повторно ги собра вљубениците во музиката во МОБ. Овој пат бевме сведоци на сосема поинаков звучен рецепт. #7 На сцената го видовме, најпрвин, триото на бразилскиот виолинист Рикардо Херз (Ricardo Herz) со Педро Ито (Pedro Ito) на удиралки и Миши Рузичка (Michi Ruzitschka) на седумжичана акустична гитара – интересен состав и поради необичниот спој на инструментите. Музичарите од Бразил благодарение на „Скопски џез фестивал“ имаат долга врска со нашиот град и публиката топло ја прима нивната музика. Така беше и овој пат. Виолината на Херз, како што и е најавено, навистина е „повеќезвучна“, а познатите бразилски форми така добиваат поинаква карактеристика. Очекувано, присутни беа и бразилските балади, компонирани од самиот Херз. Тој е лидер на составот и, секако, вниманието беше насочено претежно кон него, но неговата придружба, особено гитаристот, пленеа во вештината на свирење. Ова трио го промовираше својот најнов, четврти едноподруго албум под наслов “Aqui é o meu lá”, и иако музиката не носеше новитети и немаше изненадувања, беше пријатна и создаде олабавена атмосфера.
#8 Музика од Шпанија слушнавме во втората половина во оваа вечер, со уште едно трио – Карлес Бенавент (Carles Benavent) на бас, Тино ди Џералдо (Tino Di Geraldo) на тапани и Хорхе Пардо (Jorge Pardo) на саксофон и флејта. Џезот овој пат, очекувано, се мешаше со ритамите на толку распространетото фламенко, но и со елементите на рок музиката. Овој состав, кој дејствувал најпрвин како секстет, со големо искуство зад себе и со соработки со влијателни џез имиња, а сега функционира како трио кое во своето прво студиско комуницирање го издаде албумот “Sin precedentes”, а кој го презентираше завчера и во Скопје, не ја донесе очекуваната свежина или разновидност.
#9 СЏФ може да се пофали со богата традиција и на одлични пијанистички имиња кои концертирале на неговата сцена, некои од нив легенди, но некои од нив, без претензии, токму од Скопје се вивнале на светските џез сцени. Третата вечер од годинашното џез–патување ни донесе уште еден исклучителен пијанист, овој пат од средната генерација на џез музичари, кој очигледно умешно го оди патот на своите претходници. Швајцарецот Малколм Браф (Malcolm Braff), роден во Рио де Жанеиро, а пораснат на Капо Верде и Сенегал, во својата музика ги носи искуствата на традициите со кои се среќавал. Тој пред скопјани го промовираше најновото остварување, албумот “Inside” издаден лани за „Енја“, заедно со своето трио во кое се и Реџи Вашингтон (Reggie Washington) на бас и Лукас Кениг (Lukas Koenig) на тапани.
#10 Публиката реагираше емотивно, особено на романтичните теми во кои пијаното на Браф звучеше како гудачки оркестар. Очекувано, публиката ги испрати тројцата музичари со овации, а бисот беше неизбежен.
Во последниве години, пак, звуците на скандинавската џез сцена и воопшто на современата музика се присутни на џез фестивалот. Како едни од најиновативните воопшто во уметноста, а посебно во музиката, артистите и групите од Норвешка постојано нè инспирираат со нивниот несекојдневен пристап кон музиката.
#11 Втората група на третата вечер беше норвешко–шведската формација “Atomic”, која на изненадување на редовните посетители на СЏФ воопшто не звучеше како скандинавски бенд. Петмината од „Атомик“ свират авангарден џез под влијание на американската сцена и во нивната музика не се чувствува инспирација од поднебјето од каде што доаѓаат. Но, без разлика, „Атомик“, од кои посебен впечаток остави тапанарот Паал Нилсен-Лов (Paal Nilssen-Love), изненадија со нешто друго – со вештината на музицирање, особено интересна во нивната уиграност на „бркање на темите“. Всушност, делуваа како постојано да си играат, особено со џез стандардите, и ја оправдаа онаа дефиниција која самите си ја наметнаа за музиката што ја создаваат – „дел академска лекција, дел журка во град“.
#12 Претпоследната вечер со американскиот гитарист Пет Мартино (Pat Martino), покажа дека во Македонија има негови бројни фанови. И навистина, и овде, како и во светот, се чувствува неговото влијание во начинот на свирење на гитара, а тоа се традиционалните рамки, мек и присен однос кон инструментот и кон музиката воопшто. По неговиот одличен концерт, го слушнавме младиот трубач Амброуз Акинмусери (Ambrose Akinmusire), едно од оние имиња кое е веќе потврдено, но со одлична иднина пред себе.
#13 А, годинашниов „Скопски џез фестивал“ заврши во духот на најголемиот џез музичар на сите времиња, трубачот Мајлс Дејвис (Miles Davis). И завршницата го красеше делото. Американскиот секстет „Мајлс Смајлс“ (Miles Smiles) составен од врвни музичари, сите на некој начин поврзани со легендата Дејвис, со овации беа испратени од сцената на Универзална. Со оглед на имињата кои членуваат во овој состав, експлозивната „свирка“ беше очекувана, како што беше предвидлива и посетеноста. Голем број љубители на џезот, фанови на Мајлс Дејвис, уживаа во извонредната атмосфера што ја приреди овој ѕвезден бенд составен од Валас Рони (Wallace Roney) на труба, единствениот ученик на Дејвис, Џои Дифранческо (Joey Defrancesco) на хамонд органа кој благодарение на Мајлс ќе излезе од сенката, Рик Маргица (Rick Margitza) на саксофон и гитаристот Лари Кориел (Larry Coryell) кои снимија извонредни сесии со култниот трубач, тапанарот Омар Хаким (Omar Hakim), ветеранот од „Ведер Рипорт“ (“Weather Report”), кој се појавува на историските албуми на Дејвис „Туту“ и „Амандла“ (Tutu, Amandla). Иако беше најавен, во Скопје не дојде ѕвездата Дерил Џоунс (Darryl Jones), басистот на Стинг, а во последно време и на рок-легендите „Ролинг Стоунс“, но неговата замена, бас-легендата Ралф Армстронг (Ralph Armstrong), може да се каже дека ја имаше улогата на бенд лидер. Инаку, тој гостуваше во Скопје пред неколку години заедно со саксофонистот Џејмс Картер (James Carter).
#14 Вистински фраери беа момците од „Мајлс Смајлс“. Сите од бендот се истакнаа во своите вештини карактеристични за музичари со голем багаж зад себе, пленеа во нивните сола. Импресивна беше и взаемната енергија и комуникација што ја имаа на сцената, а која се преслика и меѓу присутните. Нивното богато искуство ни го донесе духот на Мајлс Дејвис. Силно се чувствуваа неговите познати музички карактеристики, особено од периодот на фјужн времето од 70-тите и 80-тите години на минатиот век, кога тој го „електрифицираше“ џезот и кога собираше врвни имиња околу себе.
Скопје ја имаше ретката чест да биде домаќин на најдрагите соработници на големиот Мајлс, и овој концерт на моќна музика ќе остане запаметен.
#15 На последната вечер, уште едно име во некоја рамка врзано за Мајлс Дејвис, го означи почетокот на крајот на 31. СЏФ. Трубачот Томаж Станко (Tomasz Stanko), познат како „полскиот Мајлс Дејвис“ настапи со својот квартет пред „Мајлс Смајлс“, и тоа беше убав вовед во она што потоа се случуваше. Станко и неговата придружба понудија типично европско гледање на американскиот џез. Нивната музика беше добро спакувана во она што се нарекува традиционален џез, значи немаше некои изненадувања во формално–хармониска смисла, но создадоа убава, топла атмосфера. Особено питката труба на Станко кој елегантно ги носеше темите и им ги препушташе на останатите, за повторно со скриена тензија да им се наврати и да им го даде неопходниот шмек.
#16 Полноќните концерти, пак, донесоа една поинаква атмосфера во Сити хол центарот, а со оглед на квалитетот, комотно можеа да се сместат на „главната“ сцена. Ги слушнавме сенегалскиот состав „Ле шанел“ (Le Sahel), потоа Ентони Џозеф и „Спасм бенд“ (Anthony Joseph and The Spasm Band) од Велика Британија со нивниот фри-џез и афро-карипски фанк, британскиот „Хиден оркестра“ (Hidden Orchestra), како и концертот на „The Thing“ со Џо Мекфи (The Thing with Joe Mcphee) кој се смета за гласник на американската џез авангарда, а кој остави моќен впечаток кај публиката.
#17 За оние кои ја следеа целосната програма, ова беше мошне напорен, кондиционо тежок фестивал, но донесе богатство на духот, донесе нови, прогресивни, но и традиционални звучни вредности кои ни ги отворија очите кон светските звучни хоризонти.