Интервју со Девон Алман
#1
Девон Алман е вистински показ за народната мудрост дека крушата под круша паѓа. Тој е син на славниот Грег Алман, пејачот и клавијатурист на легендарниот американски бенд Алман Брадерс Бенд. И пејач и лидер на состав за кој допрва ќе се раскажуваат легенди. Во Скопје, на Блуз и соул фестивалот допатува како специјален гостин на гитаристот Хавиер Варгас и од концертот направи високооктанска блуз-рок забава, достојна за навистина големите мајстори.
#2Знаевте ли каде доаѓате, на кој фестивал ќе свирите?
– Не. Морав да погледнам на карта за да откријам каде се наоѓа Македонија. Види, тоа е една од оние работи – знаеш дека постои, но… Јас живеам во Америка, добар сум по географија и знам каде се наоѓаат повеќето од местата, но за Македонија ми требаше помош. И конечно ја открив. Еве сум сега тука.
Настапувате како специјален гостин на концертите на Варгас Блуз Бенд. Можете ли да ни кажете како се чувствувате покрај овие латиномомчиња?
– Чудно е да се чујат луѓе со латинокрв што свират блуз. Блузот е многу американска музичка форма, но тие го свират навистина добро. Се споивме во истото студио каде што и тие го снимаа својот актуелен албум во Мемфис. Имавме ист продуцент, заедно се врткавме наоколу и едноставно бевме упатени едни на други. Еве сум сега на концертите во Европа со нив.
#3Како син на славен музичар, сигурно Вашиот пат однапред бил определен. Сте израснале со блузот. Сепак, каков беше Вашиот влез во овој бизнис?
– Инструментите почнав да ги изучувам кога имав пет години, а на 12 веќе јавно настапував. Многу нормално дојде тоа што сакам да свирам рокенрол, блуз…, бидејќи толку многу слушав музика што не можам да замислам да работам што било друго.
Ви беше ли товар славата на Вашиот татко?
– Отсекогаш сам сум ја завршувал својата работа. Јас ниту сум мислел, ниту мислам на тие работи. Моја преокупација е музиката. На новинарите им оставам да размислуваат за тоа кој бил татко ми. Тој за мене е само татко и толку. Не некоја таму си рок-ѕвезда. Никогаш не сум чувствувал ниту притисок поради тоа, ниту потреба да се натпреварувам со него. Јас само сакам да си ја работам својата музика.
#4На која музика израсна Девон? На она што го свиреа Алман Брадерс Бенд или…
– Не. Израснав на музиката на Битлси. Кога имав четири-пет години мајка ми постојано ги слушаше Џон, Пол, Џорџ и Ринго и нивните песни ми влегоа во срцето и во главата. Јас и ден-денес лудувам по нивната музика.
Сега настапуваш со Варгас, но имаш и свој проект. Како би го дефинирал она што вие го свирите?
– Со Хавиер имаме одработено дузина настапи, но мојот матичен бенд во Америка се вика Хани Трајб (Honey Tribe). Свириме нешто што може да се сублимира како: малку блуз, малку рок, многу душа. Тешко е за опишување. Рокенрол со душа. Многу емоционално. До крајот на годинава треба да се појави нашиот нов албум.
музиката на Девон Алман е достапна на неговиот веб сајт (www.honeytribe.com)