Македонска композиторска школа – да или не?

/, Звук, Блесок бр. 08/Македонска композиторска школа – да или не?

Македонска композиторска школа – да или не?

Уште една важна причина што го попречува понагласеното пројавување на општото во македонската композиторска школа е историско-естетскиот момент во кој таа настана и се развива.
Во европското музичко творештво на дваесетиот век продолжи тенденцијата на индивидуализација во изборот на композиторските средства започната во 19 век – векот на романтизмот. Крајните граници на таа индивидуализација се поставени со појавувањето на голем број поларно оддалечени естетски позиции и нивни модификации кои се одразија во исто така поларно оддалечени звуковисински системи и подсистеми. Сиот тој плурализам, се чини како да го оневозможува и изведувањето на општиот музички стил на епохата, но парадоксот е во тоа што токму во плурализмот се крие на слух лесно препознатливата стилска особеност на 20 век. Индивидуалното начело е посупериорно во однос на оптштото, заедничкото, во нашиов век-оттаму дури и кај признатите естетски правци, школи и индивидуални творештва, не е секогаш едноставно, но не е ни невозможно да се изведе линијата на оптштото, заедничкото, обединувачкото.
Да се потсетиме.
Професионалната композиторска традиција во Македонија е една од најмладите во музичката култура на Европа. Нејзиниот почеток го означува појавувањето и творештвото во националната историја на музиката на преродбеникот А. Бадев-македонски композитор, педагог и музички деец од крајот на 19 век.
Историските услови во кои изникна, растеше и се развиваше македонското професионално творештво, во голема мерка совпаѓаат со условите на развој на професионалните композиторски традиции на некои од источните републики од поранешниот Советски Сојуз, или на пример на соседна Албанија. Тоа се: подем на националната свест, борбата за ослободување од вековното ропство, конституирањето на националната држава, стекнувањето на услови за слободен економски, научен и културен развој и афирмација… Во областа на музиката: наследните, вонредно богати и самобитни фолклорни традиции, процесот на постепено усвојување на професионалните европски музички традиции (донесени од ретки домашни или странски школувани музичари) и нивно заемнодејствие со националните одразено во пионерски композиторски обиди, периодот на создавање национална изведувачка „инфраструктура“ – аматерски па потоа професионални хорови, оркестри, оперски ансамбли; појавата на професионални композитори чие школување е оформувано во средини со подолга професионална музичка трациција; за на крајот, со појавувањето на првите крупни оркестарски, кантатно-ораториумски и оперски дела да се означи крајот на предисторијата и почетокот на историјата на националната композиторска практика.
Слично на претставниците на горенаведените млади професионални композиторски школи, македонските композитори се определиле да ја прифатат европската професионална музичка традиција како основа за градење на сопствените индивидуални творештва. Таа определба ги водела во крупните европски музички центри на изучување на композиторското мајсторство. Петербург и Москва им ги отвориле своите духовни порти не само на литератите, туку и на композиторите преродбеници; во периодот меѓу 20-те и 60-те години на нашево столетие во средните и високошколските институции во Белград своето музичко образование го стекнуваа поголем број автори-основачи на националнта хорска, камерна, оркестарска, балетска традиција; во периодот по Втората светска војна значајно место во образованието на македонските композитори заземаат и Љубљана и Загреб; не помало е значењето на студиските престои во Петербург, Париз, Прага, Дармштадт… Враќајќи се од разни страни во татковината, композиторите со себе ги донесувале и ги практикувале нормите на хармонскиот и полифониот слог, инструментариумот, вокалните, инструменталните и вокално-инструменталните форми и жанрови, композиторски изразни средства својствени на центрите на европската музика во кои се школувале. Со тоа македонските композитори веќе одамна го имаат направено она кон што дури сега се стреми македонската држава, односно, станале дел од Европа.
Но, тоа не значи дека со прифаќањето на европските традиции нужно се напуштени националните како што се претпоставува во извесни пишани, за жал неодамна и печатени работи.
Веќе неколкупати споменатиот научник во својата книга „Стилот во музиката“ не потсетува дека во пристапот кон проблемот на националното начело во музиката, за појдовно, се наметнува сфаќањето на нацијата како еволутивна, историска категорија која е во неприкинлив процес на развој и збогатување со нови слоеви на својата самобитност. Во музичката култура како еден од нејзините нејрепрезентативни атрибути, тој процес е одразен во заемното дејствување на определени пластови на фолклорните и професионалните национални музички традиции, нивно взаемно дејствуање со елементи на други национални музички култури и врз основа на едниот или другиот вид на заемно дејствие – појава на нови слоеви на националната традиција.
Согласно на тоа, индивидуалното композиторско творештво, оформено во и условено од конкретната историска етапа на развојот на својата национална култура, неминовно вклучува некое ниво на поврзаност, од една страна, со националното фолклорно (и селската и градската традиција), и националното професионално тврештво, а од друга страна, со влијанија од надвор6F.
Развојот на македонското музичко творештво во различни историски етапи бил изложен на силни влијанија и на источни, и на западни музички традиции. Во најстарата, фолклорната музичка традиција – особено градската – со периодот на турското владеење се сврзува постепеното прифаќање на малоазиски инструменти, оркестри, жанрови, модуси, карактеристични ориентални мелизми. Во преиодот на преродбата, во 19 век, пак во истата градска фолклорна традиција силно е влијанието на западната професионална музика одразено во вклучувањето на хармонијата, жичените инструменти од западен тип, проширувањето на амбитусот на мелодиите на песните. Македонската духовна музика одразува влијанија на уште поголем број и поразновидни и историски подалечни музички традиции. Истакнатиот македонски медиевист д-р Сотир Голабовски ја предлата својата периодизација на Македонската духовна музика поаѓајќи имено од периодите на античките, византиските, оренталните и западните влијанија.
Македонското професионално творештво (најмладата музичка традиција), на почетокот се формирало под влијание на руската хорска духовна традиција од 19 век, на нејзините жанровски, структурни и стилски особености, се разбира прилагодувајќи ги високите композициски норми на можностите на штотуку создадените македонски аматерски хорови. Меѓу двете светски војни европските музички ветришта допирале до македонските композитори филтрирани низ композиторската школа и изведувачките можности на претстолнината на монархистичка Југославија. Силно е творештвото на Стеван Мокрањац чии „Руковети“ веројатно биле урнекот по кој Трајко Прокопиев ги создал своите „Кумановки“… Патем, истиот тој Мокрањац, е под силно влијание на македонската народна песна на која нееднократно ѝ се обраќа7F, со што уште еднаш се докажува дека вклучувањето на фолклорните традиции на определена нација, не задолжително значи и припадност кон композиторската школа на таа нација.
По Втората светска војна, со воспоставување на институциите и ансамблите на професионалната национална музичка култура, и со рапидно зголемените медиумски можности за комуникација со европските музички теченија, рапидно се зголеми и разновидноста, обемот, формите и интензитетот на различни влијанија во македонското професионално творештво. Меѓу нив особено силно се влијанијата на Петербуршката композиторска школа (М. Мусоргски, И. Стравински, Д. Шостакович); творештвото, естетските ставови и композициската техника на Б. Барток; дострелите на современта полска композиторска школа (В. Лутославски, К. Пендерецки); либерализмот на современата француска музика; дармштадските семинари, џезот.
Благодарение на тие заемни дејствија на националните музички традиции со традициите на други музички народи и култури, во македонската музика се појавија чалгиите, градските оркестри од жичени инструменти, хоровите и хорската музика, националната, солистичка, камерна, симфониска музика, се појави националната опера и балет кои опфатија сижеа од народните преданија, настани и ликови од македонската историја; се појавија пластови на музичката култура цврсто поврзани со животот, идеите, интересите, барањата, со духовната атмосфера на македонската земја; се појавија нови слоеви на македонска музика.
Македонската композиторска школа го помина патот на обработки на народни песни, патот на цитирање фолклорни теми и патот на создавање во народен дух; со симфонизацијата на националниот прототип „Тешкото“ заокружи своевиден национален жанр; создаде национална опера; користи композиторски техники кои се во согласност со фолклорот и теченијата во музиката на 20 век. Го помина периодот на националниот романтизам во специфична, растворена форма, успевајќи при тоа да изгради самобитен систем на музичко изразување, но, истовремено, не запаѓајќи во стилски анахронизми, да ги одразува духовните теченија на своето време.

#b

6. Ибид с.226
7. Тодорчевска Ј. Македонската народна песна во делата на српските композитори, од Мокрањац (1856-1914) до 1940. Стремеж бр. 8 1977. Прилеп с. 744

АвторГоце Коларовски
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 08|