Каква музика сакате?

/, Звук, Блесок бр. 07/Каква музика сакате?

Каква музика сакате?

Промените што последниве неколку години настанаа во сите сфери на нашето живеење, и особено создавањето услови за пазарна економија бараат поинаков пристап кон планирањето и остварувањето на дејностите од сите области, заснован врз истражување на пазарот и врз потребите и можностите на потрошувачите. Категоријата „еластицитет“ на цената, приходот, производот итн,. стана особено важен фактор во пазарното работење воопшто. Преку него е прикажана „реактибилноста на потрошувачите“ во однос на цената, приходот или некој даден производ. Од тие причини, еластицитетот се најде во центарот на нашето истражување.
Спроведеното истражување спаѓа во типот на маркетиншки истражувања преку кои треба да дознаеме нешто повеќе за претпочитаниот избор што го прави одредена популација во однос на определен продукт. Во конкретниов случај предмет на истражувањето беше претпочитаниот избор, односно реактибилноста кон цената, на студентите на Факултетот за Музичка Уметност од Скопје во поглед на концертите од различни музички жанри. Покрај нашиот теориски интерес за однесувањето на оваа популациона група, една од задачите беше и одредувањето на цената на билетите што оваа популациона група е готова да ја плати (еластицитетот) за концертите во институциите што беа дадени како примери во овој проект.
Предметот на истражувањето, врзан за оваа специфична, потесно специјализирана популација – студентите на ФМУ – можеме да го дефинираме како: влијанието на возраста и припадноста на некој од одделите на Факултетот врз потрошувачката на билетите за концерти од различни жанрови. Може да се рече дека оваа популациона група претставува и најстручно подготвена публика и дека од тие причини е земена како пример во одредувањето на реактибилноста на цената и претпочитаниот избор кон некој од музичките жанри (односно која е вистинската реакција на потрошувачите кон конкретниот продукт, како што се третира во економијата, односно каков е нивниот еластицитет).
Од повеќето индикатори кои укажуваат на различното рагирање кон определен продукт, во случајов концерт од различни жанри, посебно се изделува цената на самиот производ. Притоа бевме свесни дека постојат повеќе фактори што влијаат на реактибилноста кон различните цени на производите: вкусот на потрошувачите, нивните приходи, нивната желба и нивните можности да потрошат дел од своите средства на дадениот продукт.
При толкувањето на добиените податоци ги имавме предвид сите овие фактори, бидејќи тие ја одредуваат понудата и побарувачката.
Инструмент во истражувањето е прашалникот. Тој беше составен од 6 прашања од кои :
• 5 општи прашања т.е. независни варијабли од кои 4 спаѓаат во групата на номинални податоци, – полот, возраста, година на студирање и одделот и една во групата интервални – месечната потрошувачка за забава, и
• 1 зависна варијабла од групата на интервални податоци, односно претпочитан избор во поглед на цената за категоријата концерт од повеќе жанри.

Жанровите од областа на класичната музика вклучуваат: концерт на филхармонија. камерен концерт, рецитал, оперска претстава, балет, а посебни жанри : џез, рок, фолк и поп концертите .

За сите овие концерти беа дадени фиксни односно реални цени на чинење на еден билет со можност за избор меѓу 100, 200, 300 и 500 денари.

За сите категории што произлегуваат од прашањата беше определена средната вредност, медијантата, модусот и фреквентната дистрибуција , а од стандартните статистички операции беа употребени корелациите и Пиерсоновиот тест.

Одговорите на прашањата беа од типот „мултипле цхоице”, односно за еден определен став, како на пример цената на билет за одреден вид концерт испитаниците имаа можност да одберат една од петтте дадени опции т.е. степени на согласност (“Лицкерт сцале“ преку која се овозможува поголема прецизност на одговорите, односно намалување на нивната дискриминација).

Примерокот за овој проект го сочинуваа 75 испитаници студенти на ФМУ.
По обработката на податоците ги добивме следните резултати:
• од вкупно 75 испитаници 38 се машки, а 37 женски;
• поголемиот број од нив се на возраст од 20 – 21 година и се студенти на 2, 3, и 4 година на студии на вокално-инструменталниот оддел;
• месечно за културни настани и забава тие трошат од 500 до 2000 денари;
но, генерално цената која тие би ја платиле за еден концерт се движи од 100 до 200 денари, а во некои (многу ретки) случаи и 300 денари;

Така, за концерт на филхармонија машките би платиле билет по цена 100 и 200 денари, додека женските се одлучуваат за цената на билет од 100 денари.
Во случајот со камерен концерт машките се готови да платат билет од 100, 200 и 300 денари, додека женските би платиле билет само по цена од 100 денари.
За рецитал испитаниците од машкиот пол се одлучуваат да платат билет по цена од 100 денари, а женските тука би платиле билет по цена од 100 и 200 денари.
Кај операта и балетот резултатие покажуваат дека и машките и женските се определија за билет само по цена од 100 денари.
Во случајот со џез и рок концертите стие се определија за билет по цена од 100 и 200 денари.
За поп концерт испитаниците го споделуваат мислење во поглед на цената на билетот што би биле подготвени да ја платат – 100 денари.
За последната категорија – фолк концерт и машките и женските не се согласуваат со ниту една од понудените цени.

Според овие резултати заклучивме дека како најприфатливи, односно најеластични цени се јавуваат цените од 100 и 200 денари за билет. Тоа се цените на кој испитаниците најмногу реагираат, односно се јавуваат како најприфатливи за најголемиот број концерти (филхармонија, камерен, рецитал, џез и рок концерт). Цената од 100 денари е најприфатлива за категориите оперска претстава, балет и поп концерт , додека посебно е интересен податокот дека испитаниците не би платиле ниту една од понудените цени за фолк концертот.

Резултатите што се однесуваат на претпочитаниот избор на жанрите укажуваат дека:
• испитаниците од машкиот пол најмногу би сакале да слушаат некој камерен концерт, но би слушале и џез, рок и концерт на филхармонија, додека воопшто не би слушале фолк концерт.
• женските пак, најмногу ви слушале некој од рециталите, џез и рок концерт, иако тие се определуваат да одат и на некој од другите концерти, но воопшто не би оделе на фолк концерт.
Веќе споменавме дека во статистичката обработка ги употребивме корелациите и Пиерсоновиот тест. Пиерсоновиот тест е употребен за да се види дали има врска помеѓу одделот на кој студираат испитаниците и цената на билетите за сите концерти. Преку корелациите пак, ја испитавме врската меѓу возраста и цените на билетите.
По изведениот тест за корелации може да се заклучи дека :
• кај испитаниците од машкот пол постои негативна корелација помеѓу возраста и цените на билетите за сите концерти, што значи дека продажбата на билетите по овие цени нема врска со возраста на испитаниците;
• кај испитаниците од женскиот пол постои позитивна корелација помеѓу возраста и цените на билетите за сите концерти, односно продажбата на билетите по овие дадени цени е поврзана со возраста на испитаниците (по која цена ќе купат билет за некој од концертите зависи и од тоа на која возрасна група и припаѓаат);
Според Пиерсоновиот тест заклучивме дека постои:
• позитивна корелација меѓу одделот на кој студираат испитаниците од машкиот пол и цената од 100 денари за билет за џез концерт, додека за другите цени и концерти корелацијата е негативна;
• позитивна корелација меѓу одделот на кој студираат испитаниците од женскиот пол и цените на билетите за сите концерти, што значи дека одделот е можеби еден од факторите кои ќе влијае врз решението на испитаниците на кој концерт повеќе би сакале да одат и за кој од концертите би платиле билет по некоја од наведените цени;

Од сево ова на крајот заклучуваме дека претпоставката за влијанието на некои од факторите врз реактибилноста кон цените и претпочитаниот избор на музички жанри се покажа како точна. Студентите на Факултетот за музичка уметност под влијание на споменатите фактори реагираат во претпочитањето на музичките жанри.
Покрај практичните резултати од ова истражување кои може да помогнат во креирањето на маркетингшката политика на институциите и организациите од областа на културата и уметноста, овој проект ја потврди и нашата теориска претпоставка за ефикасноста на методологијата со која тоа беше извршено.

2018-08-21T17:22:12+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 07|