Блузот и фламенкото се браќа по чувства

/, Звук, Блесок бр. 44/Блузот и фламенкото се браќа по чувства

Блузот и фламенкото се браќа по чувства

Интервју со Хавиер Варгас

#1

Музиката треба да се однесе на повисоко ниво, особено блузот. треба да се обидете да најдете нешто ново – возбудливо, поинакво, оригинално ако тоа е можно во денешно време, вели шпанскиот гитарист, големата музичка ѕвезда на штотуку завршениот деветти Блуз и соул фестивал

Вистинските мајстори се препознаваат по едноставноста во комуникацијата. Славниот шпански, латино, светски… блуз-гитарист Хавиер Варгас, во Скопје допатува со многу прашалници за овдешната публика и за нејзината едукација. Замина освоен од приемот на локалните љубители на блузот. А ние во Колосеум видовме две лица на Варгасовиот бенд: едно стандардно, со екипата што го следи, и едно многу повозбудливо – со експлозивниот Девон Алман. Така ни стана јасно зошто овој оригинален гитарист, кој освојува со вкрстувањето на фламенкото со блузот, е миленик на Карлос Сантана, зошто ја делел сцената со Принс, Алвин Ли, Луизијана Ред, Џек Брус…

#2Како си го објаснувате овој топол прием на Блуз и соул фестивалот? Зарем не сте по малку изненаден што луѓето овде во Македонија ја знаат Вашата музика, Вашите песни, го препознаваат битот?
– Во тоа е моќта на музиката. Кога правам песни и креирам нова музика мојата намера е таа да оди подалеку од тоа што може телото. Често правам албуми во кои можат да уживаат луѓето од целиот свет; и на оние места каде што ниту сум бил, ниту некогаш ќе отидам. За мене магијата на музиката е кога правиш нешто, создаваш и вложуваш енергија. Кога она што си го создал ќе стигне многу далеку. Знаеш, веќе 30 години свирам гитари и постојано сум на пат. Еве вечерва сум во Скопје и гледам дека за луѓето овде не сум натрапник, некој непознат. Токму во тоа е вистинската возбуда. Ова ќе биде едно прекрасно искуство за мене. Токму со таква мисла ќе си заминам и ќе се надевам дека ова нема да биде нашата единствена средба.

#3Како Хавиер Варгас ги откриваше инструменталистот и авторот во себе? Како стигнавте до блузот?
– Блузот го открив во Аргентина. Тоа се случи некаде во 1967 година, кога бев мало дете. Во тоа време на радио се слушаа соул, рокенрол, бендови како Флитфуд Мек… Јас во почетокот им се нафрлив на Крим, Џими Хендрикс Експириенс, а подоцна ги открив и изворните блуз-икони како Би Би Кинг, Џон Ли Хукер, Фреди Кинг… Тоа беше музиката на таа ера. Во таа музика јас ги открив бранувањата на срцето. Силната експлозија на белиот блуз во Велика Британија нè инспирира и мене и многу мои пријатели да го свириме тој стил. И кога ги слушав Џими Пејџ, Ерик Клептон, Џеф Бек… тоа беше како да се откривав полека себеси, како инструменталист и автор. Како личност. Тие извршија силно влијание на она што подоцна сакав да го работам самиот. Како манијак ѝ се нафрлив на гитарата и се обидував да го симнам сето тоа што го слушав од славните музичари. Потоа се преселив во Венецуела и таму ги чув локалните мајстори, извонредни инструменталисти, и тоа некако ме врати кон спецификите на фламенко-гитарата. Следуваше моето заминување во Нешвил и во САД открив уште дузина бендови, дузина гитаристи што ме фасцинираа не само со својата техника туку и со силината на емоциите што ги внесуваа во музиката. Ете, тоа беше и мојата прва врска со блузот и со рокенролот.

#4Како музичар што е израснат на фламенко, но со обете нозе во блузот, сигурно имавте и концепт за свој оригинален настап на сцената. Каква цел си поставивте пред себе?
– Ова е добро прашање, бидејќи има многу музичари што целиот свој живот свират една иста работа. Многу се добри. Има многу гитаристи што се неверојатни, со многу чувства, но постојано и упорно го свират истото. Јас не се согласувам со тоа. Музиката треба да се однесе на повисоко ниво. Особено блузот. Треба да се обидете да најдете нешто ново, возбудливо, поинакво, оригинално ако е можно тоа во денешно време. Да направите некоја работа како што не ја направил никој пред вас. Кога ќе го искомбинирам фламенкото со блузот, јас најдиректно ја чувствувам врската со многу луѓе. Сметам дека таквата фузија оди директно во срцето. Не треба да знаете многу за музиката, туку само едноставно да ги следите чувствата. За мене ова откритие беше многу важно. Јас сознав дека блузот и фламенкото се браќа по чувства и дека добро се комбинираат. Понекогаш ми е убаво да засвирам некој класичен риф што го свират сите, но упорно се трудам и да ставам малку сопствени чувства врз тоа.

2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 44|