Tango Querido, Tango Argentino

/, Галерија, Блесок бр. 09/Tango Querido, Tango Argentino

Tango Querido, Tango Argentino

Постојат најмалку три причини што му обезбедуваат на филмот ,,Танго“ на Карлос Саура атрибут на културен настан кај нас. Сигурно дека кината нема да инкасираат многу пари од овој филм, но сигурно е и тоа дека нашиов повеќегодишен турбо-дух можеби ќе подзастане за миг да ги слушне страсните звуци на бандолеонот… Но да се вратам на почетокот на текстот. Мислам, на оние (најмалку) три причини. Карлос Саура, аргентински филм, Виторио Стораро!
Карлос Саура е еден од култните шпански режисери, роден во Хуеска, во предвечерието на Граѓанската војна. Својот слободарски дух ќе го оформи во речиси илегалните шпански киноклубови во педесеттите години. Верен на шпанската традиција, потпирајќи се на своите ѕвезди-водилки (Де Кеведо, Гоја и Буњуел), Саура во седумдесеттите години, наспроти строгата цензура, ќе ги создаде исклучителните филмови „Градина на уживањето“ (1970), „Ана меѓу волците“ (1973), „Роднината Анхелика“ (1974) и „Змија во пазуви“ (1976). Во нив, со невидена жестокост, ќе ја открие кризата на граѓанското општество, кое е распнато меѓу сеќавањата за Граѓанската војна и тогаш актуелната диктатура на Франко.
Втората причина е дистрибутерска и продуцентска. Дистрибутерска – во поплавата на американски филмови речиси е фантастично да се појави на репертоарот аргентиски филм, и тоа во аргентинско-шпанска продукција. И токму таа продукција е интересна. Имено, последниве десетина години, поголемите латиноамерикански кинематографии (Мексико, Куба, Аргентина, Венецуела) ги произведуваат своите најзначајни филмови во копродукција со Шпанија (ах, тој стар конквистадор!). Војните на Симон Боливар и Хозе Марти остануваат во историјата, а сегашноста налага приближување со Шпанија (таа е сепак во Европа, а на американските Латини очигледно им е доста од северниот голем вујко). Впрочем, сите филмски дисиденти од латиноамериканските диктатури своите кариери ги продолжуваа во Европа.
И третата причина (но, не и последна) е големиот Виторио Стораро. Омилениот снимател на Бертолучи („Стратегија на пајакот“, „Конформист“, „Последното танго во Париз“, „Дваесетти век“, „Последниот кинески цар“), но и на Американецот Копола („Апокалипса денес“), во филмот на Саура „Танго“ создава невидена гама на задушен колорит, та не знаеш дали е тоа колор или црно-бел филм. Душата на човекот излеана во играта на сенките, во играта меѓу светлината и темнината. Крајно едноставно! И бескрајно убаво!
Карлос Саура и во филмот „Танго“ ја следи својата дамнешна авторска определба на самостоен сценарист. Земајќи го само како почетен импулс дамнешниот аргентински филм „Танго“ на Луис Молио Барт (1933 година), чии кратки секвенци ги гледаме инкорпорирани во филмот на Саура (можеби како омаж на големите ѕвезди Карлос Гардел и Империо Аргентина), Карлос Саура гради една обична љубовна сторија, распната меѓу љубовта, разочарувањето и неверството. Режисерот Марио (Мигел Анхел Сола), напуштен од својата голема љубов – позната танчерка на тангото (Сесилија Нарова), утеха ќе најде во подготовките на големиот спектакл и во љубовта на младата танчерка Елена (Миа Маестро). Толку и ништо повеќе! Но, ваквото сиже во рацете на Саура прераснува во химна на постоењето.
Главниот јунак, режисерот Марио Суарес, се движи меѓу имагинарното и стварноста. Сеќавањата се преплетуваат со сегашноста. Но, тука нема никакви посебни ефекти. Си се решава со мизансценот и со играта на светлината. Возрасниот Марио го гледа во контра-план малиот Марио во училишна клупа – само сенката на училишната врата (крајно непретенциозна) упатува на временската разлика. Дијалошките сцени се сведени на минимум – колку да се упати гледачот во основните фабулативни правци. Преостанатиот говор се одвива само преку танцот, музиката и визуелната глетка. Мизансценски, работите се решаваат во повеќе планови. Пример – во прв план е режисерот со музичарите, во втор – една група танцува во ритмот на музичарите, а сосема во длабочина (трет план), на белото платно се отсликува сенката на осамената танчерка. Тангото е чувство на заедништво, на осаменост… чувство на Сè! Интересно е како Саура спојува две наративни линии – онаа интимната и онаа општествената. Љубовната приказна тече проткаена низ подготовките за спектаклот. Преку тангото и неговата жестокост, се обелоденува историјата на Аргентина. Нема тука гаучоси, нема пампаси – има земја и град низ кои струи болката на бедните, искажана низ тангото. Одамна, големиот Гардел рекол: „Едно тело со четири нозе“. Тоа е тангото – интимно и космичко, мит и стварност, апокалиптично, страсно. Ваквите валери на музиката на едноставен, но истовремено и фантастичен начин ги визуелизира генијот на Стораро. Промена на површини, промена на светлосни извори, борба меѓу светлината и темнината. На заминување, можеби, лебди прашањето – дали болката останува поради приказната, или поради музиката и танцот, или поради визуелната глетка? Веројатно, поради Сè!

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 09|