Џуџе

Џуџе
(трактат со прикаска и поезија и набројувања)

Кога Масин стана или не стана мајмун


Џуџе: настанувањето на мислата
Биле седум џуџиња, била една Снежана. Било едно џуџе кое после цел ден работа во рудник спиело со стапалата врз перницата. Едната Снежана го разбудила за да му каже дека спие наопаку. „Моја куќа е ова?“, прашало џуџето. „Твоја, ама никој така не спие“, рекла бајковитата убавица. „Јас вака спијам, во моја куќа. Си спијам како сакам. А ти оди и мети двор, ако немаш попаметна работа“, рекло џуџето и се покрило до рамениците (кои му биле меѓу глуждовите на соседните џуџиња).

Џуџе: упатство за примена
Од погоре наведеното, јасно е дека упатството за примена на џуџевското правило е лесно и едноставно: ако не ти се допаѓа музиката, мирисот, атмосферата во мојата куќа – најди двор за метење. Ако не ти се допаѓа каков сум, како дишам, како пишувам, како спијам, како сликам, како пијам, како јадам кога јадам, фати се за метлата и за некоја друга работа.

Џуџе: кредо
Моја куќа, мои правила. (да повториме)
Мој живот, мое време, мој биоритам, мои вкусови за мојот јазик, мои зборови, мои слики, мои мечти. Мои слики. Мои зборови. Моја самотија, моја слобода.

Џуџе: записи од џигерот
ОСЛОБОДЕН СУМ

од божемни пријатели,
кои само прикаските за болката
сакаа да ми ги слушаат.

од наакани душебрижници,
кои посегаат по моето име во своите адресари
откако кога ќе ме снема за озбилно.

од додворовувачки карминисани усни
кои се смешкаат во лага, глумејќи го
лудилото на својот живот, својот врв.

од изјавите за љубов, хормонски,
непромислени, лесно изустени –
беден провев низ моите прсти.

од помислата на обврска
во денот што наскоро ќе зазори:
со никого никаде не се чекам.

од додворувачки зборови сум ослободен:
ретките знаат што ми врие во џигерот.
молчат, не ме копачат со комплименти.

од напнати самарјани сум ослободен:
на моите девојки секогаш им кажувам
каде сум избегал, најчесто и зошто.

од божемни пријатели сум ослободен:
од сите креатури кои сакаа да ме сменат
под превезот на загриженост за мојот „општествен имиџ“.

ослободен сум од мршојади, од цицачи
на енергија, од нападни кучки кои глумат принцези,
од луди пички кои глумат нормалност.

дишам добро,
ветер сум
низ своите прсти.

Џуџе: некои општи заклучоци
1. Не е лесно, иако многумина посакуваат да се Миро, Игор, Бети, Јовче, барем на еден ден. Треба: лудило, храброст, сила…
2. (И џигер вон сите познати параметри.)
3. Секој е сам, сите сме сами. Повремените допири со сличностите на другите се добредојдени, но не се задолжителни за длабокото и слободно и спокојно самотно дишење. Вдишување, издишување.
4. Моја самотија, моја слобода.
5. (да повториме)

Игор Исаковски

2018-08-22T12:38:43+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 99|