„Маклабас“

„Маклабас“

Нов предизвик за македонската кинематографија?

Овој текст можеме да го започнеме со неизбежниот заклучок дека по многу нешта, филмот на Александар Станковски е… необичен. Најнапред – продукциски: со многу љубов, ентузијазам и откажувања, речиси четири години се снимаше сторијата за Маклабас, тоа митско суштество од планините на замислената земја Маусдонија; се снимаше со основната неопходна техника, со S-VHS камера, со речиси никакви пари. Но, со здрава идеја да се направи 15-минутен документарец. А таквата идеја собра околу себе значителен број на познати личности од скопскиот уметнички андерграунд, па така се разработуваше, се збогатуваше и најодзади ја доби својата завршна драматуршка целина, и еве ние го добивме провокативниот, по својот израз експериментален, еколошки трилер „Маклабас“. Добро е што Министерството за култура помогна оваа експресивна сторија да биде префрлена на филмска лента и така да се најде пред гледачите во киносалите.
Александар Станковски е исклучително талентиран сликар пред чии платна посетителот останува стаписан, а потоа замислува бројни приказни, случки… И не е воопшто нескромно што една таква талентирана личност посакала да ги раздвижи тие свои сликарски сништа, најнапред во два среднометражни видео продукти. Токму во поставувањето на сликарските визии во еден друг медиум, во поставувањето на интелектуалната енергија во истиот тој медиум – филмот, го откриваме необичниот и несекојдневен израз во филмската нарација. Можно е на многумина да им попречи снагата на компјутерската анимација, снагата на динамичната монтажна постапка, но тоа е само во контекст на обликувањето на целината на филмот.
Сценарист на филмот е исто така Александар Станковски, кој во основата на својата идеја ја ставил вечната борба помеѓу Доброто и Злото, базирана врз, како што тој самиот вели, „детската митологија на играта КАМАЈ“. Значи, првата линија, ЗЛОТО, со „камај“ се движи во шпекулациите и крвавите игри на подземјето и политичкото надземје, со обилна припомош на надворешните центри на моќ. Тука се присутни сите елементи на еден трилер, но во филмскиот исказ на Станковски сето тоа е спакувано со многу визуелни ефекти и така е доста тешко тие елементи јасно да се лоцираат. Втората линија, односно ДОБРОТО, е резервирано за романтичарите, екологистите, „некомпромитираните уметници, поети и научници, за ментално болните, асоцијализираните…“, односно таа им припаѓа на маргинилизираните структури во општеството во процес на промени.
Сите тие во својата едноставност ја бранат природата-мајка во светот на чудните планини во чудната земја Маусдонија. И двете линии ги поврзува инспекторот Ансаров (го толкува единствениот професионален актер во филмот Мирче Доневски) кој се обидува да ги отплетка конците на ЗЛОТО. Од ексклузивните урбани амбиенти и амбиенти од мрачната урбана периферија, периферија на работ од животот, патиштата, полека но сигурно, се насочуваат и вкрстуваат во планините маусдонски, каде престојува чистото ДОБРО (во ликот на суштеството Маклабас – Илија Даскалов). Природата е трпелива, заштитнички настроена, но во нејзините пори на чистотата ќе бидат уништени моќните зла. Маклабас ја завршува својата мисија и конечно ставен во оклопот на цивилизацијата (облека) заминува со автомобил кон некои други простори. Елипсата е затворена! Текстот на нараторот, како и кратките, но суштински за дејствието дијалози се наполно приспособувани на филмската нарација, потпирајќи се притоа врз основните атрибути на андерграунд културата – поточно, тие произлегуваат од неа, од нејзината филозофија. И не случајно тие дијалози ги изговараат (ги „глумат“, ги кажуваат) личностите како што се еден Митко Панов, еден Милчо Манчевски, една Жанета Вангели (просто е неверојатно колку нејзиното лице го „сака“ камерата, што би рекле – колку е фотогенична, но во исто време и колку знае да се движи пред камерата, да „глуми“ пред камерата), еден Златко Трајковски… Вистински збир на младата македонска интелектуална елита која во „играта“ наречена филм се искажува самата себеси, својата идеја за поинаков свет, својата желба да биде дел од позитивната енергија на тој нов свет. А сето тоа мизансценски и ликовно го обликува експлозивниот талент на Александар Станковски со помош на камерата, компјутерот и монтажната маса. Сите елементи на филмската експресија заемно одлично функционираат, па така „МАКЛАБАС“ пулсира сосем солидно како филм, иако доста необичен.
Можеби ова е новиот предизвик во македонската филмска продукција? Иднината ќе покаже…!

Ноември, 1998 год.

Музика од филмот

друг осврт за „Маклабас“

АвторИлинденка Петрушева
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 06|