На 13 септември во Музејот на современата уметност – Скопје се отвори ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски.
Тим од петмина историчари на уметноста: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 70те години го претставија творештвото на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата беше Благоја Варошанец, а во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Во поставката беа изложени повеќе од 100-тина дела, кои вклучуваа објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела беа претставени со обемна фото документација, која истовремено го прикажуваа и времето на 70-те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизација на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.
„Симе зрачеше со неверојатна животна енергија и ентузијазам, со еден вид афирмативна, привлечна сила, околу која гравитираше нашата генерација. Секогаш беше подготвен да иницира и анимира настани и случки, како во секојдневниот живот, така и во полето на уметноста. Симе во колективната професионална меморија на неговите сопатници и поддржувачи ќе остане како најзначајниот претставник на концептуалните искуства во 70-те години кај нас. Со своите концептуални практики, Симе пополни една празнина во развојот на современата уметност, во време кога на уметничката сцена сè уште беа присутни доцномодернистичките формални обрасци од претходната деценија. Во личната меморија на секој од нас што интензивно другаруваше со Симе ќе остане една синтагма што честопати ја користеше и ја потенцираше во бројните случувања: „Ајде да се организираме за да се развија“, велат Неделковска и Димитровски.
Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел, не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на ХХ век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема поинаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини.
Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.
Најрадикалните уметнички пробиви, Симон Узуновски ги оствари во втората половина на 1970-те години со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како тие во аулата на Филозофскиот факултет (1977 и 1978 година) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата Кора (1977 година), уличната акција (1977 година) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978 или 1979 година). Во 1984 година учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“, одржана во Домот на младите „25 Мај“, Скопје. Истата година ја реализира својата самостојна изложба/амбиентална инсталација во Домот на младите „25 Мај“. Во 1994 во Музеј на град Скопје е прикажано неговото дваесет годишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 година учествува на изложбите Чифте амам. Од 2003 година зачестува неговото присуство во Музејот на современата уметност кога е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ 2013 година, „Солидарноста-недовршен проект“ (Постојаната поставка), 2014 година и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и во 80-те“, 2020 година.Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови, Узуновски и во изминтиве години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници, собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика.
Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби, од крајот на 70-те и во текот на 80-те години. Тие заедно работеа на 15-тина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар – МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.