Три песни за Игор

Три песни за Игор

РАБОТЕН СТОЛ
ПРИСЕТУВАЊЕ НА ИГОР ИСАКОВСКИ
НЕ ТИ ГО НАЈДОВ ГРОБОТ


НЕ ТИ ГО НАЈДОВ ГРОБОТ

 

Не ти го најдов гробот

во мермерната шума.

По погребот барав ориентири

за да се снајдам кога ќе ти

дојдам на муабет,

но ништо не сум запаметил.

Петнаесет минути од гроб на гроб,

чевлите отежнати од калта,

главата од имиња и ликови,

непознати и кога биле живи.

Заскитав во лавиринтот во кој

еден ден сите ќе се изгубиме

(или ќе си го најдеме местото).

Кога полани првпат ти дојдов

на гости во новиот стан, ме пречека

на балкон и ми го фрли клучот.

Сега ништо, мртва тишина

на безживотната улица.

Си заминав со грижа на совест

оставајќи ги свеќите и цвеќето

на некој незнаен гроб.

Ќе ти дојдам напролет,

во некој убав сончев ден,

со шише џејмисон и две

кутии цигари

и ќе седам до фајронт.

 

Или, пак, можеби гробиштата

работат како драгстор,

24 часа на ден?

 

03.02.2015

АвторЈовица Ивановски
2025-10-18T22:19:38+00:00 октомври 15th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 157|