РАБОТЕН СТОЛ
На Игор Исаковски
Не можам да му го
фатам крајот на мојот
нов работен стол
(кожен, на тркалца).
До пред неполна година
на него твореше еден од
најдобрите македонски поети.
Неговата поранешна сопруга ми кажа
дека само тој успевал да се справи со него.
Јас сè уште не можам да го скротам –
немирен е, се поместува
и како бик ме фрла наназад.
Треба да си каубоец за да
се справиш со него.
А што е поетот ако не родео-јавач?
Безброј паѓања и исто толку повреди,
но важно е постојано, одново и одново,
да се излегува на мегдан со животот,
кој неоспорно, утре или задутре,
сите ќе нè исфрли
од седлата.
12.11.2015