Фигура

од теориско-театарската книга Paragrami tela/figure на Мишко Шуваковиќ

3.2.1 Концепти на фигурата

Фигура (фигура = облик, лик, слика) е визуелно-просторно-временска-телесна-бихевиорална (семиотичка, семиолошка) и јазичка (лингвистичка) претстава во театарот на човечкото, животинското или фикционалното тело. Фигурата е:
1. традиционален начин на посредување и размена помеѓу концептот на битието и ликовната, театарската или текстуалната формализација (реторичка наддетерминација) на телото како уметничка форма,
2. модернистички автономен жанр на конфигурирање на претставата и изразот на субјектот на сцена, и
3. постмодернистички полижанровски комплекс од еклектични, цитатни, колажно-монтажни и симулациски облици на прикажување на хипотезите на театарскиот субјект.
Фигурата во западната традиција има карактер на социјално идеолошки хиероглиф или попрецизно монета во размена на значењата, смислата и вредностите во општеството на произведување, размена, комуникација и потрошувачка. Размената на значења, смисла и вредности во општеството се остварува со конвенционализација на природата на телото и натурализација на конвенцијата на размени. Театарската фигура во западната традиција на прикажување е секогаш определена со метаинтерпретативното кружење од емпирискиот хоризонт на перцепција до идеолошките граници на реторичките конвенции на дадената култура, светот на театарот, стилот, школата, модата или индивидуалниот театарски израз. Фигурата е реално или фикционално тело посредувано низ материјалните кодови на културата. Таа е истовремено, прикажан објект (одложена претстава на телото) и присутен објект (Овде– присутноста на театарската, просторна, лингвистичка, семиолошка, бихевиорална, форма,). Фигурата истовремено е означител и означено, знак (хиероглиф, идеографски запис) и визуелен, просторен, телесен, бихевиорален, лингвистички и семиолошки текст. Таа е реално место на онтолошкото присуство на уредената, на пример, театарска супстанца и сопствен симулакрум. Со фигурата се релативизираат границите помеѓу присуството (онтологија) на телото и ефектот на присутност (претстава) на телото. Фигурата е историска формација којашто е вообличена и доведена до завршен, затворен концепт со вообличувањето на идеологијата (субјективност, рационалност, империјализам, фалоцентричност) на европскиот хуманизам. Фигурата е емпириски хоризонт на визуелноста („Јас така те гледам тебе!“, „Ти така ме гледаш мене!“, „Јас така го гледам светот!“, итн.) и реторичкиот систем на преобразба на идеолошките наддетерминации на субјектот како мрежа на субјективноста и рационалноста на перцепцијата и прикажување на телото.
Поимот на театарската фигура во опсегот од феноменолошкиот преку семиолошкиот до текстуалниот пристап го одредуваат аспектите:
(a) замислата за фигурата е аналогна на стилската фигура (во преносно значење) во книжевната теорија и реторика затоа што стилизирано и посредно го прикажува човечкото, животинското или фикционалното тело, т.е. фигурата како претстава е менонимиска, метафорична, алегориска или персонифицирачка претстава (замена) за човечкото, животинското или фикционалното тело со конституирање на изгледот и појавноста на сценското фикционално тело,
(b) стилизирано и посредно прикажување на човечкото тело е можно затоа што фигурите на актерот се иконични, алузивни, индексни или симболички, што значи дека за телото
(c) фигурата како знак или структура на знаци прикажува конкретно, идеално или некое општо човечко или животинско фикционално тело врз основа на визуелната сличност (алузивен, инконичен знак), врз основа на препознатливи наговестувања, и класификации (индексен знак) или врз основа на конвенционални претпоставки, договори и навики (симбол), и
(d) алузивните, иконички, индексни и симболички знаци на прикажување на фугурата не се кои било знаци, туку вузуелни-просторни-телесни-бихевиорални (театарски) поредоци на знаците (текстови) на прикажување.
Замислата за фугурата се заснова врз концептите за сличност и разлика. Фигуративната театарска претстава тежи во идеална смисла, согласно миметичката традиција, кон илузијата за предметно (телесно) совпаѓање на фигурата на сцената со реалното егзистенцијалното човечко или животинско тело. Фигурата се заснова врз привидното совпаѓање на две меѓусебно несводливи и различни светови (светот на конкретни предмети, суштества, ситуации и случувања и светот на фикционалните претстави).
Фугурата во театарот е арбитрарен, мотивиран или немотивиран, односно буквален или преносен опис и понуда на изгледот – однесувањето на конкретното човечко или животинско тело. Илузијата на совпаѓање на фигурата и телото се остварува преку нивната визуелна и илузионистичка сличност, но и со лингвистички или семиолошки ветувања. Телото не е одредено со поредокот на означители, иако на сцената се појавува како означител, а фигурата во секој аспект е одредена со структуралните поврзувања на означителите што антиципираат смисла (проектираат знак и поврзување на знаците во театарски текст). Фигурата е во дистанцата од телото (означител) и во пристапот на знакот (означител што продира во означеното). Степените на разлика помеѓу телата и фигурата се во широк опсег од примарната онтолошка разлика на егзистирачкото и актерското битие, односно, разликата меѓу физичкото тело и виртуелното екранско тело.
Западниот театар до модернизмот се засноваше:
(1) на конвенциите на сличност и илузионистичко ритуално или реторичко совпаѓање или коренсподенција на фигурата и телото, и
(2) на позадинскиот митски, религиозен, научен или уметнички текст којшто ги поддржуваше уверувањата дека театарската фигура го прикажува постоечкото човечко и животинско тело. Препознавањето на фигурита како тело е препознавање на идеолошките кодови кои поврзаните или неповрзаните визуелни феномени ги определуваат и ги прават присутни пред окото и разбирливи во значенска смисла. Препознавањето на фигурата како тело е подложување на емпирискиот хоризонт на перецепцијата на светот на идеолошките кодови на прикажување на телата со фигура и разликување на фигурата од другите јазични, семиотички и феноменолошки претстави на театарот. Трансформацијата на реалистичката илузионистичка театарска пракса на прикажување на телото како фигура на светот во фигурата на слободна форма во експресионизмите е трансформација на иконичкиот или алузивен знак. Иконичкиот или алузивен театарски знак ја сокрива својата знаковност покажувајќи се како огледална слика (оптички одраз или ефект), а вистинскиот модернистички аиконичен знак покажува дека театарската фигура, каква и да е во својот изглед, секогаш се прикажува себеси како знак или структура на знаци за некое тело. На сцената, фигурите не се читаат сами по себе, туку низ односите со текстот (смисловно-значенските односи на театарскиот настан и контекстот во кој настанува театарската претстава). Фигуративниот код е знаковна карактеризација на театарската форма што се препознава како фигура без разлика на својата илузионистичка сличност, односно, разлика од телото што го прикажува. Таквиот фигуративен код е:
(a) мрежа на привид помеѓу светот во кој се наоѓаат телата или предметите и сцената во чиј ограничен (зафатен) простор се наоѓаат фигурите, и
(b) мрежа на семантички и бихевиорални комбинации на односи на фигурите во ситуациите или случувањата со кои се прикажува (остварува) сценскиот привид.
Својството на театарската фигура е да биде достапна на опишување (препишување на опис), т.е. фигуративниот поредок на сцената сам по себе е отворен на опишување како кој било настан или ситуација на светот. Но, фигуративниот поредок не е даден сам по себе, туку мора да се мисли и да се доживее од фигурабилниот, т.е. интелектуалниот и текстуалниот хоризонт кој е позадинска теорија или прифаќање на телото за фигура. Секоја фигура на театарот е парадокс : изгледа како свет (дел од светот), а се разбира како текст (текстуален поредок). Фигурата на сцена не е оптичко-огледален лик (застапник), туку бихевиорален-телесно-предметно-просторен поредок кој пред се го прикажува системот на јазикот што го опкружува театарот и се формализира во јазик на театарот,кој е несведлив на директна сетилна а емпириска проверка. Формата или знакот не стануваат фигури на театарот врз основа на сличноста на телото што го прикажуваат, туку врз основа на својот однос со другите знаци на театарот (книжевност, сликарство) и јазикот на културата во која драмскиот писател, драматург или актер ја вообликуваат формата (фигурата) како знак на театарот. Фигурата на театарот претставува граница помеѓу два естетски простора:
(a) естетскиот простор на текстот кој што овозможува визуелната форма да се перцепира и да се прочита како фикционална фигура што прикажува (друго) тело од телото на сцената, и
(b) естетскиот простор на појавноста и изгледот на сцената кој себе си се покажува како просторно-временско удвојување (огледување) на нетекстуалниот свет во појавноста на случувањето.

АвторМишко Шуваковиќ
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 35|