Време на моментот

Време на моментот

За националниот театар
Не-професионалците на сцена
Модели
Кој го уби театарскиот критичар
Идеалниот актер

Читајќи ја книгата „Шекспир“ од Антони Барџис, ме плени фрагментот што може да се земе како толкување на зборот професионалец. Според Барџис, терминот професионалец има две значења:
Прво, да ги претпочита нештата што се вршат за парите.
Второ, претставува содржина во која се огледаат значењето и стремежот кон совршенството.
Двете значења на терминот професионалец се огледаат во сите временски интервали на уметничкиот и културен развој на човекот. Но, примерот што авторот ги изнесува во книгата зборува за периодот на елизабетанско-јакобинската драма.
И покрај тоа што во наведениот период ликовите од драмата ги играле актери љубители, не им пречело професионално да си ја извршат работата, за која и професионално биле платени. Имено, гилдата што имала влијание на изборот епизоди од Библијата, а потоа и драматизацијата на истите, одвојувала средства со кои ги плаќала чинителите на театарскиот чин.
Познато е дека Гилдата на ковачите во 1490 година за пиесата „Раѓањето“, ги наградила актерите, и тоа: За оној што го играл Господ платила 2 шилинга. За оној што го играл Ирод платила 3 шилинга и 3 пени. За оној што го играл Јуда-ѓаволот, платила само 7 пени.
Значи, што би рекол еден наш познат режисер: Во непрофесионална ситуација, многу професионално се однесувале и едните и другите (актери и членови на Гилдата).
Во објаснувањето на Барџис од каде доаѓа таквата поделба на средствата стои: „Улогата на Ирод била многу важна и за нејзиното реализирање од актерот се барало високопарна и громогласна артикулација.“
Ова не нè води далеку од заклучок дека актерите во елизабетанско-јакобинската драма биле наградувани на две основи: по важноста на улогата и по вложената страст, значење, т.е. актерско мајсторство.
Значи оние коишто подолго држеле огледало пред себе додека го барале својот израз во него, всушност, оние што повеќе умееле и внесувале страст, високопарност во артикулација, земале повеќе пари.
„И начинот на актерската игра“, вели еден теоретичар, „се наследува, бидејќи има нешто кај себе од занаетот.“
После една ваква формулација често се прашувам: Што наследиле денешните актери за кои синтагмата на Шилер – „За добрите актери нема лоши рољи“ или онаа на Шчепкин – „Нема мали рољи – има само мали артисти“, се шпанско село, па не од морални или естетски причини одбиваат да го играат Ѓаволот во „Раѓањето“, всушност, Глувчето во адаптираната басна „Мачорот во чизми“? Или, што наследиле актерите кои ги загушуваат своите сценски амплоа на сметка на бизнисот кои ги карактеризира како пекари, столари, стаклоресци, пиљари, сендвичари? Изгледа дека театарот подучува на многу нешта, дури и на вештината земање пари без работа.
За ваквите артисти зборот професионалец има само едно значење кое се огледа преку земање на пари дури и за нешта неначинети.
Јал не јал – три и половина. – го играл Господ, Ирод или Ѓаволот – Јуда или не, тој на крајот на месецот добива материјална сатисфакција (плата) која го потврдува неговиот статус на професионалец.
До кога така? Додека не се јави Гилда која ќе знае што нарачува и за колку пари. Додека не ја сфатат, и едните и другите, пословицата од Стариот завет – „Сладок му е на човекот лебот со измама добиен, ама потоа му се полни устата со песок“.

АвторТрајче Кацаров
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 26|