Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

/, Театар/Филм, Блесок бр. 19/Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

(извадок од текстот Апсурдот и антиутопизмот во драмите на Коле Чашуле како дел од книгата „Коле Чашуле: Десет драми“)

Почнувајќи од „Вејка на ветрот“ па натаму, основна преокупација на Чашуле, би можело да се рече дека е тоталитаризмот – во сите негови форми, како и прикажување на општеството – било кое општество – како изопачено. Во „Вејка на ветрот“ капитализмот е изопачено општество кое ги фрла во самотија и очај неговите членови… тоталитаризмот, пак, е дел од односите помеѓу нив. „Црнила“ не прикажува ништо друго освен тоталитаризам – тоталитарно остварување на уште пототалитарни идеи; „Вител“, „Партитура за еден Мирон“, „Како што милувате…“ итн., сите до една го прикажуваат тоталитаризмот и „идеалните“ општества (или начинот како да се дојде до нив).
Антиутопизмот е приказ на изопаченоста на општеството, изопаченоста на човекот, изопаченоста на постоењето. Антиутопизмот е констатација – дека секое општество, какво и да се прикажува, е однатре тоталитарно, грдо, расипано и лошо; дека секоја власт е страотна и уништувачка, и дека секој човек во себе го носи тоа исто зло, прикриено, чекајќи го вистинскиот момент за да го покаже. Токму ова сознание е и основниот двигател во творештвото на Коле Чашуле. Тоа е оската околу која се движи сè останато. Чашуле ја осознава изопаченоста на општеството, и создава антиутопии. Во некои од нив тоа само се насетува, таа страотна изопаченост, таа безнадежност, апсурдност, црнотија. Во други тоа се гледа од секој искажан или неискажан збор.
Неколку компоненти, поврзани меѓусебно, ја создаваат целата слика за овој антиутопизам:

– Првенствено, без разлика за кое општество и да зборува, Чашуле ја истакнува неговата изопаченост, тоталитаризмот и ужасот
– Секаде (а тоа важи и за сите антиутопии воопшто), изопаченоста на општеството се врзува со чувството за апсурд, безнадежноста, црнилата. Апсурдот и антиутопизмот се поврзани – едното неминовно доаѓа со другото.
– Скоро во сите негови драми, како и во останатите антиутопии (на Орвел, Замјатин, Хаксли, Набоков, Кафка…), Чашуле пишува за Највисоката власт, за Големиот брат, за некоја Сенка која владее во позадината; секогаш има некој зад некого, зад некого, зад некого… можеби до бесконечност, а оној последниот никогаш никој не го знае.
– И кај Чашуле, како и во останатите антиутопии, се покажува, покрај изопаченоста на општеството – изопаченоста на човекот. Секој човек во себе го носи злото, ѓаволот кој избива на површината кога ќе се докопа до власта, својот doppelganger – страшен двојник. Чашуле тоа и го покажува – буквално. Во многу негови драми тој doppelganger се појавува како некаков призрак или некаква судбина.
– Како уште една компонента која би укажала на антиутопизам е комплетното губење на идентитетот на ликовите кај Чашуле: сите тие, стегнати од различни црнила, се претопени во безлична маса, во сенки, бројки, во нови црнила. Секој од нив го загубил не само својот идентитет и своето лице, туку и сè она човечко во себе. Само во моментот на наближувањето на смртта, ослободени од црнилата, ликовите на Чашуле успеваат да повратат дел од своето битие… како изгубени души, покајувајќи се и пронаоѓајќи го спасението. Тоа е и една од последните компоненти на секоја антиутопија, смртта – може да се рече, сфатена дури религиозно и есхатолошки, како враќање кон изворното постоење.

Во „Црнила“ за прв пат се насетуваат антиутопистичките идеи, но тие се само како навестување на она што ќе дојде подоцна. Сепак, „Црнила“ претставува драма во која антиутопизмот го пушта својот црв, да разјадува понатаму. Тука, за прв пат јасно се проговорува против тоталитаризмот (оној кој го воведува Организацијата, пред сè), и против „идеалната“ иднина која ја има замислено таа Организација. И навистина, и самите ликови во себе ја носат грозницата на ликовите од некоја антиутопија, на некој начин помирени со судбината и исполнети со страв. Иван и Неда можеби наликуваат на главните јунаци кај Орвел, Замјатин или Хаксли, единствени кои се обидуваат да избегаат од волшебниот круг во кој се пропаднати, без надеж и верба во нивното избавување.
Во „Црнила“ се јавува и една аналогија на Големиот брат, а тоа е самата Организација, апстрактна, недефинирана Сенка која стои (постои или не постои навистина) некаде во позадината. Бидејќи зад Луков постои Иванов, зад Иванов е некој друг, некој трет, а фантомската Организација е секогаш тука и од неа не може да се избега. Овој концепт повторно и повторно се повторува во секоја драма на Чашуле, Сенката која секого го прати. Таа нема име, или се вика на различни начини: дали е таа Големиот брат на Орвел, или Добротворот на Замјатин, или Тој, или Он, или Организацијата или можеби Замокот на Кафка, таа е сèприсутна и заканувачка и невидено моќна.
Конкретно во „Црнила“ се чувствува таа застрашувачка моќ на Организацијата, на неможноста да се избега од неа. Некои, како Иван и Неда, сè уште не се свесни колкава е таа моќ; некои други, како Фезлиев, се помириле со судбината и зарониле во халуцинантната умртвеност на алкохолот (или можеби тоа се викаше сома на некое друго место). Како и да е, тоа се ликови кои се влезени во еден магиски круг кој не им дозволува да зачекорат на страна, ни за момент. Младичот, од друга страна, не му припаѓа на тој круг… Тој доаѓа од некоја друга димензија, во која безнадежието и црнилата немаат сè уште пристап, димензија во која „врвовите на Пирин ги прелеваат румените зраци на изгревачкото сонце“… Тој е дивјак, планински човек (или полу-индијанец – оној на Хаксли), кој пропаѓа низ некоја црна дупка и излегува во еден свет без надеж.
Како што беше веќе напоменато, безнадежието или апсурдот се концептите кои се провлекуваат низ драмите на Коле Чашуле; од друга страна, пак, апсурдот е составен дел на антиутопизмот. Во „Црнила“ апсурдот е присутен многу посуптилно одошто во некои други драми на Чашуле, како на пример во „Вител“ или пак во „Партитура за еден Мирон“ и „Дивертисман за еден Стрез“ (со што последниве две имаат многу допирни точки со драмата на апсурдот, но да останеме доследни – во овој текст нема да постојат такви определби). За разлика од овие драми, во кои апсурдот е отворено присутен во секоја реплика, дидаскалија, пауза или тишина, во „Црнила“ тој е само подтекст, подкод на она што е видливо. Но тој е присутен пред сè во самиот наслов, Црнила; а дали ќе се вика тој апсурд, или црнила, или безнадежност, или тегобност, е сосема неважно. Важно е дека тој е тука.
Во дидаскалиите за „Црнила“ може да се насети апсурдот (или црнилата), бидејќи токму во дидаскалиите авторот го пуштил да излезе на површина она што во дијалогот е само подкод. Така Чашуле пишува: Четири ѕида. Во нив урамена – пустелија.

Мразни прсти светлина се преклани врз кожите.
Тишина.
Негде вон пригушен женски отпор.
Вратата се отвора.
Во пустелијата се урамува првин таа – Неда и веднаш потоа тој – Иван.

И понатаму:

Пустелијата поцрнува и потонува во мракот од каде што изрони.

Нешто малку повеќе од три дена подоцна во истата пустелија.

Луков стои на прозорецот и гледа во капките дожд што личат на долго и заборавено плачење. Тишина. Одот на времето измерен е од влегувањето и излегувањето на куршумите од шаржерот.

Разговорот е подморница.

Мракот го потонува во својата бездна и него и сето околу него.

Од овие дидаскалии на авторот може да се насети целата безнадежност и апсурдност во која се фрлени ликовите од „Црнила“. Не е потребно да се толкуваат и разглобуваат овие дидаскалии, за во нив да се открие некое значење – од нив едноставно избива тој апсурд и тие црнила кои се надвиснале.
Притиснати од апсурдот, сместени во една антиутопија, ликовите на Чашуле се луѓе кои, губејќи ја надежта, го изгубиле и својот идентитет. Тие се претопиле во матната река која ги опкружува, потонале во калта, се задушиле. Единствениот спас за овие луѓе е смртта, како последна надеж или откровение.
Антиутопизмот, воопшто, во себе го вклучува концептот на губење на идентитетот, претварање во безличен број, војник на власта, војник на државата, војник на партијата… го вклучува обезличувањето, претворањето на луѓето во своевидни зомби кои ги исполнуваат наредбите на некоја недоприлива, виша свест.
Уште во „Вејка на ветрот“ Чашуле го воведува концептот на обезличување и претопување во толпата која ги опкружува неговите ликови. Тој ја зема за пример Америка, најидеалното место каде што човекот може да се обезличи сосема и да го изгуби до крај својот идентитет. Токму тоа се случува и со ликовите во драмата, со Магда, Велко и Џими. Секој од нив (сосема безнадежно), на свој начин се обидува да пружи отпор и да се бори со буицата која сака да го повлече; секој од нив трга по различен пат во таа борба, бивајќи повторно и повторно повлекуван назад во вртлогот.
Во „Црнила“ овој концепт е многу поизразен: таму буквално сите се претопени во она што од нив бара средината, Организацијата; тие се инструменти и војници на таа Организација. И покрај напорите да се извлечат, и тие се повлечени во вртлогот кој ги тегне сè подлабоко. Некаде на почетокот на првото дејствие, Неда вели: „Го чувствувам околу мене како сениште. Понекогаш ми се чини дека сите сенки и црнила во овој дом се како да се негови сојузници… како да ме прогонуваат“, зборувајќи за Луков, но всушност она што ја притиска е многу повеќе од тоа, тоа е самата Сенка и самите црнила на постоењето. А од тие црнила спас е само смртта, таа е единствениот начин да се излезе од нив, и момент на олеснување. Исто како и Магда во „Вејка на ветрот“, така и Фезлиев во „Црнила“ решава да се ослободи и да се соочи со смртта – тоа е неговиот начин да ги окае своите гревови, и да го разбуди во себе – како што вели тој – „Македонецот“, или уште подобро – човекот. Смртта е начин да се излезе/издвои човекот од безличната/безимена маса и повторно да стане човек. Случајот на Младичот, пак, е сосема поинаков. Тој никогаш не успеал ни да се обезличи, тој никогаш не припаѓал на светот во којшто попаднал. Неговиот излез, самоубиството, не е бегство, туку очајнички крик пред ужасот кој го опкружува – пред светот кој станал ужас. (Овде е потребна уште една споредба со Хаксли и со неговиот „дивјак“, кој го дава својот последен крик пред страотиите на храбриот нов свет – токму таков е и случајот на Младичот).
Токму „Црнила“ е и појдовната точка за идеите на Чашуле – идеите за кои стана збор. „Црнила“ е и синтеза од прашања, одговори, двоумења. Таа е сè уште компромис. По „Црнила“ престануваат компромисите, престануваат прашањата. Судбината на она што следи е однапред запечатена… Во „Вител“ ги имаме сите компоненти кои го опишуваат болното, изопачено, диригирано општество: тоталитаристичка власт; војници на власта; средства со кои се служи таа власт за да го скрши човекот (во еден Орвеловски манир)… Но она што е најважно во „Вител“ е што таа предочува едно нешто – како се извршува обезличувањето, и како човекот се претвора во машина, во не-човек. Токму на овој проблем и ќе му биде посветено внимение во понатамошното образложување.
Основата врз која е изграден „Вител“ се всушност методите на тоталитаризмот. Мрачно (антиутописки), како и во „1984“ на Орвел, Чашуле ги прикажува методите на кршење на човекот како личност – методите на Иследникот против Затвореникот. Прашањето кое се поставува е: кој е предавник? Методот на тоталитаризмот е да ги сервира своите измами така што секогаш хероите ќе излезат предавници, а најголемите предавници – херои.
Но кога ќе се навлезе подлабоко, може да се открие една друга вистина. Прашањето: дали е некој предавник, прашање кое Чашуле го поставува и на уште неколку места (во „Суд“, во „Сон и по него друг“ и во „Дуети“) е бесмислено – затоа што сите се предавници. Таа вистина ја откри уште Орвел – дека во едно антиутописко, ужасно општество – херои нема, туку сите се предавници.* Режимот, тие Сенки и Црнила, успеваат така да ги скршат луѓето, да ги уништат до обезличување и до обесчовечување. Во антиутопиите луѓето паѓаат и тонат и губат сè што некогаш биле и имале.

АвторБилјана Црвенковска
2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 19|