Не можам а да не споделам со вас и еден друг впечаток за книгата. Хаику-збирката започнува со поетски разгледници, мирис на оригано и Сицилија. Доколку ја читате в зима, како што ја читав јас, веднаш ќе се почувствувате стоплено, разнежено, вдомено, опиено и угостено. Потоа мирисите и вкусовите, кои неодоливо издишуваат од песните, неосетно ќе ве грабнат и без разлика дали сте сити или гладни, во истиот миг ќе ве настрват да пробате од рибата со бело вино, пивото и вермутот, од ѓеврекот со сланина; од хамбургерот, туршијата, од доматите в тава; од дињата и печената пченка, соленките и ситните колачи; од тортата и чајот. Ви признавам дека, досега, само поезијата на нашата Лилјана Дирјан умеела и успеала вака силно да ме настрви на јадење и да ме поттикне на готвење! А тоа не е мала работа.
Понатаму, за да останеме во форма, Елена Пренџова, како умешна водилка, ќе нè понесе со себе на патување до Лазарополе, Штип, Плетвар и Прилеп. Со неа ќе бидеме и на релација Скопје ‒ Белград ‒ Скопје, по граници, во Темишвар, во Сицилија, во Рим итн.
Меѓу другото, со неа највистински ќе зачекориме и низ лудото Скопје: по улиците, по асфалтот, покрај контејнерите, покрај фасадите и мајсторите на скелиња, покрај оџаците, багерите, автомобилите и автомобилските гуми, покрај бришачите и шофершајбните; низ чадот од пластика, маглата, ѓубрето и загадениот воздух; помеѓу соседите, липите и костените; на кино, на летно кино, на изложба, на концерт… Верувајте, толку многу нешта ќе се залепат за вас, видени низ очите на Елена, што ќе ги препознаете дури и оние најмалите и најмили жители на градот, кои во ова лудо темпо со кое пулсираме понекогаш не ги ни забележуваме: врапците и комарците; полжавите, мравките и гугутките; верверичките, кучињата, мачките…
Оваа, 2026 година, одбележуваме два значајни јубилеи на македонската хаику-поезија. Едниот е 65 години од издавањето на книгата „Јапонска лирика“ на македонски јазик во избор и посреден препев на Томе Арсовски (1961). Вториот јубилеј е 60 години од издавањето на поетската книга „Заприоко“ на Александар Поповски (1966), каде што во поглавјето „Чунови – хаику“ е поместен првиот испечатен авторски циклус на хаику-песни на македонски јазик.
Во годината на овие прекрасни јубилеи, токму Елена Пренџова, нашата поетеса, слемерка и препејувачка, реши да ни го подари и своето хаику-првенче: „Намќореста есен на прагот од градот“. Иако збирката пред вас е своевиден интимен исечок од дневникот на поетесата или дневнички записи во интервал од 150 дена, сублимирани и нам предадени во вид на хаику есенција од 150 песни; таа е и пионерско дело кое отвора ново поглавје во македонската хаику-поезија, бидејќи претставува мост помеѓу поезијата, уметноста и образованието. Едукативниот пристап на книгата упатува покана до читател(к)ите, од читател(к)и и набљудувач(к)и да станат истражувач(к)и и создавач(к)и. Преку внимателно осмислени задачи, прашања и предизвици, оваа збирка ја претвора хаику-поезијата во живо, креативно искуство.
Дополнително, збирката е илустрирана со стотина цртежи од исто толку уметници, академски сликар(к)и, но и припадници на сродни и несродни професии со исклучителен талент за цртање (меѓу кои и дечиња!), од кои, во контекст на претходно наведеното, најмногубројни се цртежите на Христо Петрески, и самиот хаику-поет и автор на првата целосна збирка хаику-поезија на македонски јазик, насловена „Врв“, издадена во далечната 1983 година.
Од ова парче уметност, досега, ви открив навистина многу. Но не очекувајте од мене да издвојам како посебно ‒ ниту едно хаику. Зошто? Затоа што сега дојдовме до оној момент кога ќе ве замолам нешто важно. Постои едно верување, а тоа се зборовите на незаборавната хаику-поетеса Џејн Рајхолд (Jane Reichhold), која вели: пред да научите да пишувате хаику, треба најпрво да научите да го читате. Е, токму за тоа ќе ве подготват задачите на крајот од оваа книга.
Сега, одберете барем едно хаику, барем едно од сите 150. Или, едноставно, оставете тоа да ве одбере вас. Знам дека не е лесно. Искуството покажало дека при секое ново читање ни се открива одново и нова фасета скриена убавина, тишина и мудрост во самата хаику- песна.
Штом одбравте хаику, прочитајте го неколкупати и обидете се да го запаметите, како песните што ги учевме напамет на училиште. Разбудете го детето во себе. Не е премногу тешко. Воопшто не е! И потоа понесете го со себе каде и да одите или запишете го во вашиот дневник, во вашиот планер, на некое листе. Нека ова хаику биде едно мало семче светлина и убавина, и сведок на неколкуте мига од вашиот живот, кога вистински бевте угостени со песните на Елена Пренџова.
Можеби така чинејќи, секој од нас и заедно, ќе придонесеме – поезијата навистина да го спаси светот! За крај, обидете се во животот да напишете барем едно хаику. Можеби, еден ден, токму тоа ќе ве спаси вас.