150 ДЕНА, 150 МИГА, 150 ХАИКУА И ЕДНА ЕДИНСТВЕНА ПОТРЕБА ‒ НА ЖИВОТОТ ДА МУ СЕ ОДГОВОРИ СО СТИХ, НИЗ ПЕСНА

/, Литература, Блесок бр. 159/150 ДЕНА, 150 МИГА, 150 ХАИКУА И ЕДНА ЕДИНСТВЕНА ПОТРЕБА ‒ НА ЖИВОТОТ ДА МУ СЕ ОДГОВОРИ СО СТИХ, НИЗ ПЕСНА

150 ДЕНА, 150 МИГА, 150 ХАИКУА И ЕДНА ЕДИНСТВЕНА ПОТРЕБА ‒ НА ЖИВОТОТ ДА МУ СЕ ОДГОВОРИ СО СТИХ, НИЗ ПЕСНА

Кон збирката хаику поезија „Намќореста есен на прагот од градот“ на Елена Пренџова

Во 2009 година, поетот Џон Фелстинер (John Felstiner) ја објави својата поетска книга Може ли поезијата да ја спаси Земјата?: Теренски водич низ песни за природата („Can Poetry Save the Earth?: A Field Guide to Nature Poems“) и во самиот наслов го постави вечното прашање: Дали поезијата може да го спаси светот?

Бидејќи во рамките на светската поезија, хаикуто се смета за најкратката кодифицирана поетска форма, откако го прочитав, прашањето на Џон Фелстинер стана и мое прашање: Дали хаику-поезијата може да го спаси светот?

Дали ќе го спаси светот навистина, не знам, но за мене знам. Во еден мошне тежок период од животот, со сигурност можам да потврдам ‒ да! Хаикуто буквално ме спаси.

Но, што вели за овој сотиролошки аспект на поезијата нашиот поетски маг Влада Урошевиќ во својата книга „Viola arsenica: белешки за поезијата“:

Да бидеме искрени: светот – за жал – би можел да продолжи и без поезија и многу се малку оние што би ја почувствувале празнината што би настанала со нејзиното исчезнување. Па, зошто тогаш и понатаму да се пишува поезија? Мојот одговор е – поради еден убав инает. Поради желбата во овој толку меркантилен, толку технифициран, толку лишен од духовноста и толку сурово прагматичен свет да постои барем една дејност која не носи, во никој случај, ни моќ, ни голема слава, ни пари. Поезијата треба да постои поради една неискажлива цел, која не се поклопува со никаква практична и употребна вредност, тукутака – како што без никаква видлива и со разум достапна цел кружи и оваа наша планета среде никогаш докрај сфатливиот универзум. (Урошевиќ, В. Viola arsenica: Белешки за поезијата, Скопје, Готен, 2021, стр. 222)

Елена Пренџова првпат ја сретнав помеѓу страниците на нејзината книга „Мини прирачник за поезија“. Токму меѓу овие страници го прочитав и прашањето на Џон Фелстинер. Доколку сте ги прочитале кусите есеи од книгата, знам дека сте биле изобилно послужени и богато нагостени со неизмерната љубов на поетесата кон поезијата, која несебично извира од секој замесен и послужен збор во текстот. Од истата таа книга, а денес и од лично искуство, со сигурност знам дека Елена Пренџова избрала и секојдневно избира да пишува поезија; да пишува и да интерпретира поезија. Исто така сум сигурна и убедена дека, ако повторно ја запрашате ‒ зошто избрала да пишува токму поезија – одлучно ќе ви одговори, како и многупати досега ‒ дека таа самата не ја избрала поезијата, туку дека поезијата ја избрала неа!

Со истото чувство и увереност живееле и живеат, уште од старите времиња па сè до денес, многу хаику-мајстори, кои секојдневно го сведочеле и сведочат својот животен избор, а воедно и дар на животот ‒ песната! Песната како подарок, почит, размена, посвета, спомен или благослов.

Во „Патописот на коските изабени од времето“, големиот хаику-мајстор и патописец Мацуо Башо ќе забележи:

Подоцна тој ден запрев до една чајџилница во која една млада жена по име Пеперуга ме замоли да напишам хаику за нејзиното име на парченце свила. Напишав… (Башо, М. Тесна патека кон внатрешноста. Три / Арс ламина публикации. Скопје, 2013, стр. 127)

Слична случка Башо ќе забележи и во „Тесна патека кон внатрешноста“:

Имав итна потреба да заминам за далечната провинција Ечизен. Додека се подготвував да заминам, пристигнаа двајца млади калуѓери со мастило и со хартија в раце… Со сандалите веќе обуени, набрзина напишав (хаику) и заминав. (Башо: 120)

Старата јапонска традиција на подарување песна (хаику) ја сретнуваме и кај Елена Пренџова. Во заглавјата на повеќето хаику песни од книгата нè пресретнуваат нејзините пријател(к)и, родители, роднини, познајници и познајнички. Истовремено, тие стануваат и наши пријател(к)и, родители, роднини, познајници и познајнички. Пред нас се редат хаику-мигови во спомен на Ернесто Ередеро дел Кампо, на Билјана Дуковска, на Маки, на Македонија, на баба, на слемер(к)ите во Лазарополе, на Олга Панкина, на актер(к)ите од Народен театар – Штип, на Војислав и Гоца, на чичко Митко, на татко Слободан, на Никола Дукоски, на Кевин Амсе, на тајфата слемер(к)и на пат кон Прилеп, на самиот град Прилеп, на Виктор Спасески, на Владимир, на Дијана Петкова, на Едгар Алан По, на Горан Петровиќ, на Ана и Марија, на Ѕуника, на Ленче, на светите Кирил и Методиј… И конечно, на сите нас, „затоа што сите сме изгубиле барем некој“. На сите нас, затоа што во овие песни сите си пронајдовме барем некој, некој свој.

АвторСлавица Милева
2026-11-02T19:59:19+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 159|