ВУЛВЕРИН
Мајката повторно е млада
од колено го риба итосонот
купен на попуст
со црвена мрежичка
од пластична вреќа
за компири
задникот ритмично ѝ се тресе
лево-десно лево-десно
клечи на подот
под татко ми
во положба на некој што во ашрам
му се моли на Вишну
заводливо субмисивна
волчица од гората
лево-десно лево-десно
ослободена од сите знаења
титули и дипломи
со години освојувани
без никаква (про)мисла во главата
tabula rasa загледана во итосонот
сведена само на мускулите
на своите силни телесни раце
ни еден атом знаење во неа
ни една честичка ум
само гол физикус на дело
свежо лакираните нокти
ѕиркаат низ црвената мрежичка
додека итосонот
се пени
се пени
се пени
Таткото се чешка
голта плунка
од нога на нога му префрла
Нему
кој Многу Држи до Образованието на Своите Ќерки
мајка ми во тој момент
му е неодолива.
Превод од црногорски: Сашо Огненовски