ТАА ПИШУВА
Не земај ја неа за жена
на излегување од Адот ништо не пријавува, а го носи
најопакото од сите зла –
отечен јазик полн со стихови
не земај ја неа за жена
таа со здивот врти чекрек, вари змиски глави
овновски рогови окрвавени со душата на црно јагне
таа додека во скут диво ти игра
сета испотена како Арабија
води во грлото на непогребливото, а дава привид на обло единство
немој неа
неповратно
кога безвремието ќе искри
ќе станеш одек на нејзината темна пештера
таа од ѓаволска коса ти плете непрооди
со неа синевината од сушица се разболува
а платното неизвезено останува
не не
ќе ја познаеш по грациозниот од ѕверски
и фустанот исткаен од погледи умножени на дојките
само не неа
ќе земе по една честичка од тебе
за секоја жед за самоуништување
кога ќе стивне ехото на воденичарскиот камен
Превод од црногорски: Сашо Огненовски