ЛЕТУВАЊЕ
Тоа лето жените од моето семејство ги спакуваа своите куфери
и болките стишени во мрзоволноста
зарекувајќи се дека никогаш нема да се вратат
мажите останаа на праговите
чешајќи ги збунетите чела и заоблените стомаци во трико-маичките
со џексон-полоковски наслаги од претходни оброци
изненадени од вишокот тишина
Тоа лето жените од моето семејство ги зедоа своите
уредно спакувани разочарувања (секое со линија од пегла)
меѓу нив ставија сапуни (за така средени подобро да мирисаат)
внимателно ги лакираа ноктите за да не се видат трагите
од исползувањето од сопствените осамености (колку подолг брак толку подлабока јама)
и ги кренаа на потпетици своите прекрасни, заоблени задници
за да скријат дека ниедна од нив веќе не оди по земја
Тоа лето секоја се сети дека има возачка дозвола
иако никогаш не седнале зад волан
трудејќи се на своите мажјаци да им дадат значење
(гледај, тие сепак не можат баш сè!)
Можеби само се надеваа дека на патот од точка А до точка Б
со благо вртење на воланот на Оној Чии Рацe Некогаш Беа Свет
ќе можат да ја состават искинатата нишка
низ попатен разговор за пејзажот
Рекоа дека одат на море
Да го испробаат својот глас над широчината
Врзани за јарболот непречено да создаваат
а всушност
додека во пулсирањето на вратната жила
го чувствуваат зачетокот
на ненаправениот чекор
заминаа
да врескаат од местото
меѓу нозете
во надеж
прек(р)асна надеж
дека вресокот
ќе привлече глутница.
Превод од црногорски: Сашо Огненовски